Фото: Дарко Андоновски

По деветнаесет години, откако земјава ја посети поранешниот британски премиер Тони Блер во екот на косовската бегалска криза, во земјава повторно доаѓа британска делегација предводена од премиерката Тереза Меј.
По тој повод, од кабинетот на британската премиерка информираат дека билатералните односи на двете земји се посилни од кога и да е.
– Оваа година кога одбележуваме 25 години од дипломатските односи меѓу Македонија и Велика Британија, врските меѓу нашите земји се посилни од кога и да е – се наведува во соопштението од кабинетот на Меј, по повод нејзината посета на Македонија.

Британската премиерка доаѓа во Македонија по учеството на самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија, при што покрај разговорите со државниот врв ќе оствари средби и со ЛГБТ-активисти на Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија. Според најавите, Меј ќе ја заврши посетата со говор на прием во Собранието, на кој ќе присуствуваат политичари, функционери, воени лица и идни лидери.
Во колумна по повод нејзината работна посета на Македонија, премиерката на Британија нагласува дека во овие 25 години Британија и Македонија никогаш не биле поблиски.

Фото: Дарко Андоновски

– Особено ме радува што ја посетувам Македонија во време на надеж за иднината и да ги почувствувам оптимизмот и еланот да се обезбеди просперитетна иднина за сите граѓани на Македонија. Решени сме да ве поддржиме да ја остварите таа реалност – пишува Меј.

Од друга страна, по иницијатива од британската премиерка, на 9 и 10 јули во Лондон ќе се одржи самит со премиерите од земјите на Западен Балкан, а на состанокот се поканети и претставници од Австрија, Хрватска, Франција, Германија, Италија и од Словенија.


Британија – докажан пријател и лобист за Македонија

Со прогласувањето на македонската независност во 1991 година, Велика Британија ја признала Македонија под нејзиното уставно име. Дипломатските релации меѓу двете држави почнуваат со нивната соработка за време на Единбуршкиот самит во 1992 година, каде што се дискутирале условите за македонската независност од Југославија. Британија одигра клучна улога во префрлувањето на проблемот со признавањето на Македонија од тогашната Европска заедница во Обединетите нации. Во јуни 1992 година Португалија беше претседавач на Европската заедница. Тогаш беше донесе таканаречената Лисабонска декларација во која стоеше дека 12-те земји-членки на ЕЗ нема да ја признаат Македонија како независна држава ако во нејзиното име го има зборот „Македонија“. Претседавањето со Европската заедница во јули го презеде Британија. Истата година кон крајот на август се одржа Лондонската конференција за Југославија, каде што под претседателство на премиерот Џон Мејџор, покрај она за војната, која веќе беснееше во Хрватска и Босна и Херцеговина, се отвори и македонското прашање. Британија тогаш го постави амбасадорот Робин О’Нил за претставник задолжен за Македонија. Тој работеше многу напорно и британската дипломатија успеа на самитот на ЕЗ во Единбург во декември 1992 година да ја поништи Лисабонската декларација и прашањето за признавањето на Македонија да го пресели во Њујорк, во ОН.
Натаму, за време на кризата во 2001 година Британските мировни трупи беа стационирани во земјата и тие помогнаа да се постигне договор за прекин на огнот. Четири години подоцна во 2005 година, Велика Британија беше еден од најсилните лобисти на Македонија за таа да добие кандидатски статус за членство во Европската Унија. Во првите години по независноста во 1993 година, беше остварена и една од поголемите средби меѓу државниците на двете држави. Тогашниот македонски претседател Киро Глигоров во Лондон на Даунинг стрит 10 се сретна со премиерот Џон Мејџор, кој ја повика Македонија да го „јавне бранот“ за членство во евроатлантските организации. Шест години подоцна во 1999 година, беше регистрирана уште една висока средба на државниците, но овој пат во Македонија каде што за време на косовската криза во Скопје на официјална визита пристигна тогашниот премиер на Велика Британија, Тони Блер.
Во тој контекст, актуелната посета на Меј се совпаѓа со 25-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Лондон и Скопје, за што таа вели дека Британија и Македонија не биле никогаш поблиски.
Хронолошки гледано наназад, нашата земја трипати била посетена и од страна на членови на британското кралско семејство. Првата посета се случила во 1998 година кога за време на неговата балканска турнеја, принцот Чарлс од Велс ја посетил Македонија.
Осум години подоцна во 2006 година во државата пристигнува принцот Едвард, кој, пак, свечено ги отвори новите простории на британската амбасада. Во 2012 година во рамките на одбележувањето на два големи јубилеи – 60 години од владеење на кралицата Елизабета Втора и одржувањето на Летните олимписки игри во Лондон, Македонија беше домаќин на принцот Мајкл од Кент, кој важи за економски промотор на обединетото кралство.


Која е Тереза Меј

Тереза Меј е политичарка, која на почетокот од нејзиниот мандат како премиерка на Британија, европските медиуми ја окарактеризираа како политичарка што им влева надеж дури и на оние што не гласаат за конзервативците.
Меј има 59 години, а пред премиерската фотелја беше министерка за внатрешни работи уште од 2010 година. Она што е специфично е дека толку долго на таа функција досега ретко кој бил во Британија.
На оваа британска политичарка со години ѝ се припишуваат амбиции како на некој што е способен да има светски лидерски позиции. Таа негува имиџ на решителна, коректна и во кризи искусна политичарка. Кога водачите на брегзит-кампањата, Мајкл Гоув и Борис Џонсон, се истиснаа меѓусебно од трката за шефовска позиција во партијата, Меј рече дека таа е „сериозна и искусна“ кандидатка, која би можела да ја води Велика Британија низ немирни времиња.
Иако британските медиуми со наклонетост известуваат за шарените потпетици на нејзините чевли, Меј приближно две декади е дел од малиот одбран круг жени во раководството на конзервативците. Како министерка за внатрешни работи таа си направи име со својата остра политика против доселувањето. Во 2015 година предизвика иритации со изјавата дека „имиграцијата го спречува процесот на градење заедништво во општеството“.
Во меѓувреме, Меј истовремено важи за прагматична политичарка. Во 2002 година таа во еден свој говор ги предупреди конзервативците дека важат за „грда партија“ и побара реформи. Застана зад истополовите партнерства и неодамна предупреди од опасноста од т.н. „рациал профилинг“, при што властите ги делат лицата според етничката припадност.
На референдумот за брегзит Меј гласаше за останување во ЕУ, но сепак истакна: „Брегзит е брегзит“. Нема да има втор референдум. Меј вети и дека излегувањето од ЕУ ќе го „претвори во успех“. Освен тоа, таа најави радикални реформи за поттик на социјалната мобилност и поддршка на најзапоставените во општеството.
Британските медиуми честопати знаат да напишат дека смиреноста со која зрачи и нејзиното политичко искуство им даваат надеж на многумина дека таа ќе ја води земјата со цврста рака низ претстојните тешки времиња.