Фото: Игор Бансколиев

НАША АНКЕТА

Долгоочекуваната имунизација во Македонија против ковид-19, иако со симболичен број дози од донацијата на Србија, официјално започна вчера, на 17 февруари. Според најавите, први се вакцинирани дел од здравствените работници во ковид-центрите, додека за помасовна имунизација се очекуваат кинеските вакцини (според најавите, до крајот на месецов). Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека веќе се започнати разговори и за набавка на руските вакцини „спутник 5“. И покрај фактот што Македонија е меѓу земјите што последни ја започнуваат имунизацијата, сепак сѐ поизвесно е дека работите околу набавката на вакцините како да почнаа да се придвижуваат. Наближувањето на вакцините активира и други (повеќе политички) аспекти на прашањето за вакцинација, можеби повеќе на теоретско ниво. Бидејќи вакцинацијата речиси секаде, па и во Македонија е издигната и на политичко ниво, едно од првите прашања што се наметнува е дали политичарите би се вакцинирале против ковид-19, но и која вакцина би ја одбрале.
– Јас би сакал да бидам прв што ќе ја прими вакцината кај нас. Не затоа што сакам прв да се заштитам, бидејќи кај мене се влегува со строги протоколи, туку само за да ја кренеме свеста. Бидејќи видов дека мал дел од граѓаните се спремни да ја примат вакцината – изјави уште пред два месеца претседателот Стево Пендаровски, кога опциите за вакцинација во Македонија беа сѐ уште хипотетички.
Иако засега количеството вакцини, како и изборот на производителот во Македонија е ограничен, направивме мала анкета меѓу македонските политичари за тоа дали и со која вакцина би се вакцинирале.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, категорично ги потврдува своите претходни изјави дека „би се вакцинирал со која било вакцина што би ја обезбедила власта“.
Пратеникот од редовите на СДСМ и висок партиски функционер, Костадин Костадинов, смета дека како одговорен граѓанин и политичар има обврска да се вакцинира, а при евентуален избор на вакцината би се определил според резултатите и искуствата на примената на научните достигнувања со вакцините во светски рамки.
– Би се одлучил за секоја вакцина, која е оценета дека покажала над 90 отсто успешност во постигнување на имунолошкиот ефект – вели Костадин Костадинов.
Поврзано со прашањето за евентуалната потреба на поприоритетно вакцинирање на политичарите, во смисла на поефикасно функционирање на институциите, Костадинов смета дека би можело да се размисли за тоа, со оглед дека опозицијата не прифаќа онлајн работа на Собранието, но сепак констатира дека поприоритетна е имунизацијата на здравствените работници и здравствено ризичните категории граѓани.
– Издржавме досега со овој начин на работа во Собранието и без вакцини, па ќе почекаме уште малку – вели Костадинов.
Лидерот на партијата Алијанса за Албанците, Зијадин Села, без многу премислување потврдува дека би се вакцинирал во оној миг кога тоа би им било достапно на сите граѓани на Македонија.
– Засега немаме баш некаков избор на вакцини од различни производители, но би се вакцинирал со онаа вакцина со која би се вакцинирал и секој обичен граѓанин на Македонија – вели Зијадин Села.
Професорката Солза Грчева, претседателка на партијата Глас за Македонија, смета дека сѐ уште е депласирано да се зборува за каков било избор на вакцини во Македонија, со оглед на симболичните количества вакцини што ги има во земјава. Кога би имала можност, би се вакцинирала со секоја од вакцините на светскиот пазар што би стигнала во Македонија, а одговара на нејзината здравствена состојба.

– Сепак, извесна резерва имам спрема вакцините на „Фајзер“, зашто според моите досегашни созданија, оваа вакцина предизвикувала силен имунолошки одговор. Претпазлива сум, зашто таквата имунолошка реакција би можела да има несакано влијание врз мојот организам, со оглед на мојата возраст и чувствителноста на мојата здравствена состојба – вели професорката Грчева и додава дека е недозволиво, па дури и вулгарно поради „политички насоки и предубедувања да се лиши од здравствена заштита населението“.
Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, вели дека би се вакцинирал во мигот кога тоа би било достапно во Македонија, почитувајќи го планот за имунизација, без очекувања за некаков политички приоритет.
– Би се вакцинирал со која било вакцина што би била достапна во Македонија. Не сум премногу стручен за медицинските прашања, но според информациите и сознанијата што ги добиваме, заклучувам дека вакцините на сите производители имаат речиси ист ефект. Добро би било имунизацијата во Македонија да се одвива поинтензивно, на оној начин како што покажуваат искуствата во другите земји, кои претходно го започнаа процесот на вакцинација. Не сметам дека политичарите би требало да имаат некаков приоритет при имунизацијата. Можеби ако има отпор за вакцинација, би можеле првите луѓе на државата да дадат пример, но имунизацијата треба да се одвива според категоризацијата на оние што им е најитно потребна – вели пратеникот Павле Трајанов.