Македонскиот тим во Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања ги отфрли тврдењата дека придавката „македонски“ се заменува со уставното име на Македонија и оти придавката „македонски“ ќе се користи само во цитатите на членовите на Комисијата, оценувајќи ги како невистинити, пренесуваат повеќе медиуми, повикувајќи се на информации објавени од МИА.
Според тврдењата на македонската страна, на вчерашниот онлајн состанок не било договорено придавката „македонски“ во записниците од средбите да се замени со уставното име, а да се користи само во цитатите на членовите.
Тврдењата на македонскиот тим ги пренесе МИА откако дел од медиумите објавија дека придавката „македонски“ ќе биде заменета со уставното име, како исход на вчерашниот состанок на Комисијата.
Македонските претставници нагласиле дека на вчерашната средба било постигнато техничко решение за надминување на дел од проблемите, при што двете страни останале на своите ставови.
Како што беше соопштено, на последната онлајн средба бил усогласен записникот од деветтиот состанок на Комисијата, а биле надминати и неколку прашања од 10-от состанок. Ваквиот исход беше сметан за одреден напредок.
Наредниот редовен состанок е предвиден за 25 и 26 февруари.