Митинзите ги надуваа претседателските надлежности
Се поставува прашањето од каде потребата и во наjмала рака колку е искрено кон гласачите во кампањата да се говори за сѐ и сешто, па и за области во кои кандидатите за функциjата претседател немаат никакви надлежности ниту, пак, политичко влиjание. Според аналитичарите, на сите предизборни кампањи во Македониjа е така! Без разлика дали станува збор за претседателски, парламентарни или локални избори. Постои еден универзален корпус на прашања што се употребуваат и за кои се зборува на сите избори
Секоја предизборна кампања во Македонија сѐ понагласено ја наметнува и неопходноста кандидатите да имаат комуникациски вештини, вродена харизма, па дури и шоуменски талент за да ја заинтересираат публиката што дошла на митингот да ја чуе нивната политичка програма и понуда. Но вниманието на публиката секако може да се привлече и со актуелноста на темите за кои ќе се зборува, без разлика дали тие теми влегуваат или не во доменот на надлежностите на функцијата за која се претендира. Па така, кај нас имаме случај во кампањата за претседателски избори да се говори за комунални проблеми, за екологија, за иселување итн. Кусото времетраење на претседателската предизборна кампања наметнува згуснат распоред на кандидатите за средби со граѓаните (обично по два настапа во едно попладне, на две различни места), па динамиката на активности логично претпоставува опаѓање на концентрацијата по извесно време. Но освен падот на концентрацијата, секојдневен предизвик на кандидатите за претседател е усогласување на темите за кои ќе зборуваат пред гласачите со конкретните надлежности што би ги имале во претседателскиот мандат и проблемите што реално ги допираат граѓаните. Предизвик, на кој се чини дека „се сопнуваат“ тројцата кандидати за претседател на државата во актуелната кампања, говорејќи за теми како економски просперитет, запирање на иселувањето од земјава (па и враќање на иселените), ресоцијализација на поранешни борци на ОВК, што секако излегува од надлежностите на претседателот предвидени со Уставот.
Во некоја смисла тоа би можело да се толкува и како „лажно ветување“ до гласачите, со оглед на тоа што претседателот на државата со својата улога и нема големо влијание врз она што е во надлежност на извршната власт. Од друга страна, она што е обележје на оваа кампања е тоа што сите тројца кандидати се претставуваат како натпартиски, односно не се членови на партиите кои ги поддржуваат, па теоретски немаат одлучувачка моќ ниту за партиските програми, од кои би требало да извираат принципите при спроведувањето на извршната власт. Оттаму се поставува прашањето од каде потребата и во најмала рака колку е искрено во кампањата да се говори за сѐ и сешто, па и за области во кои кандидатите за функцијата немаат ниту надлежности ниту политичко влијание.
– Секогаш е така, на сите предизборни кампањи во Македонија! Постои еден универзален корпус на прашања што се употребуваат и за кои се зборува на сите избори. На пример, и на последните локални избори неодминлива тема беа ЕУ и НАТО, иако реално градоначалниците на општините, а уште помалку советниците, имаат некакви ингеренции во евроатлантскиот процес. Инаку, познато е дека дијапазонот на надлежностите на претседателот е ограничен, па со тоа и темите за кои би зборувале на средбите и митинзите се ограничени и често не се од непосреден интерес на граѓаните. Покрај тоа, освен претседателските кандидати, носители на кампањата се и партиите кои ги поддржуваат. Искуството покажува дека претседателските избори се всушност отскочна штица за парламентарните избори, особено што првпат по 2004 година се одржуваат самостојно – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Сличен став за доминантните партиски агенди и наратив во кампањите на претседателските кандидати има и Џабир Дерала, претседател на „Цивил“, невладина организација за заштита на човековите права. Тој смета дека како последица на партиската доминација во финансиската и логистичката организација на кампањите е тоа што не доаѓаат до израз индивидуалните програми на кандидатите, туку настапите на средбите на граѓаните личат на групен напад на политиките и програмите на противникот.
– Во оваа изборна кампања за претседател на државата доминираат пораки и содржини својствени на парламентарни избори. Еден од кандидатите дури се обраќа и на теми посоодветни за локални избори. Сепак, таквата практика била присутна на сите изборни циклуси во последниве 10-15 години. На таквата навика (практика) може да се гледа како на недостаток на политичка култура, но од друга страна не може да им се забрани на кандидатите за претседател да зборуваат за теми кои не се во надлежност на претседателскиот мандат. Како и секој граѓанин, и претседателот, и кандидатот за претседател има право на свој став за кое било општествено прашање – смета Џабир Дерала.
Во контекст на надлежностите на претседателот, од кои би требало да произлегуваат и темите на кандидатите при средбите со граѓаните, политичкиот аналитичар Владимир Божиновски смета дека тие се диспропорционални во поглед на легитимитетот што го добива избраниот претседател на изборите.
– Претседателот на државата се избира на непосредни избори и обично изборната победа е верификувана со повеќе од 350.000 гласа. Тоа му дава голем легитимитет на избраниот претседател, а реално, надлежностите му се мали. Таквата диспропорција би можела да се реши на два начина: или да се зголемат надлежностите на претседателот, па да биде коректор и баланс на извршната власт; или уште да му се намалат ингеренциите и да се избира во Собранието. Лично сметам дека првата опција ни е попотребна – дека е потребен коректив на извршната власт – вели Владимир Божиновски.
Кои се надлежностите на претседателот во согласност со Уставот
– го определува мандатот за состав на Владата на Република Македонија;
– ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство;
– ги прима акредитивните и отповикуваните писма на странските дипломатски претставници;
– предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија;
– предлага двајца членови на Републичкиот судски совет;
– именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Македонија;
– ги предлага членовите на Советот за меѓунационални односи;
– именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;
– доделува одликувања и признанија во согласност со закон;
– дава помилување во согласност со закон и врши други функции утврдени со Уставот.