Соговорниците тврдат дека во евиденцијата на македонските цивилни и воени служби нема податоци за досегашни инкриминирани активности на Кујтим Фејзулаи, односно нема податоци дека има каква било врска со радикалните џемати во Македонија. Тој не се евидентира ниту како контакт-врска на радикализирани лица од дијаспората во странство за кои се водат оперативни и разузнавачки операции. Истовремено, исклучително е индикативно како австриските воени и цивилни служби за безбедност, иако имале безбедносно интересни информации за извршителот на терористичкиот акт, досега истите тие ги немаат споделено со македонските служби како потенцијална безбедносна закана?!
Тројца македонски државјани родени во Австрија се наоѓаат на листата осомничени за терористичкиот напад во Виена. Покрај Кујтим Фејзулаи, кој беше застрелан од австриските специјалци и кој е осомничен за крвавиот терористички напад во Виена, на листата, според неофицијални извори, се најдоа и лица со потекло од Македонија, односно Арџент Ганији и Узеир Авдили. Дополнително, на списокот на осомничени за нападот има и две лица од Косово. И на списокот на жртвите на нападот неофицијално беше објавено дека има лице од Македонија, имено дека 20-годишно момче од струшкото село Велешта починало откако било застрелано пред кафе-бар, во моментот кога излегло да испуши цигара.
Три безбедносно интересни лица, од кои едно што има капацитет да организира и да изврши терористички напад
Високи полициски и воени функционери, експерти за справување со терористички закани, како соговорници за „Нова Македонија“ брифираат дека засега, најекспонираното лице во немилите настани, Фејзулаи Кујтим, и нема толку допирни точки со земјата на неговото потекло. Имено, освен што е запишан во Матичната книга на родени од татко Јусуф и мајка Адиле, со матичен број во селото Челопек, Општина Брвеница, тој и воопшто нема извадено личен документ од Македонија, туку документите му се издавани од неговото родно место Модлинг во Австрија. Изворите, истакнувајќи го формалноправниот аспект, велат дека неговата домицилна држава Австрија, за разлика од Македонија, не признава двојно државјанство на своите граѓани.
Соговорниците, сепак, го издвојуваа моментот дека Кјутим Фејзулаи неколкупати ја посетувал Македонија. Тој последен пат, користејќи австриски пасош, влегол во Македонија минатата година на први септември, кога по основа на потекло на неговите двајцата родители (кои имаат македонско државјанство), започнал процес за да се стекне со македонско државјанство.
Соговорниците тврдат дека во евиденцијата на македонските цивилни и воени служби нема податоци за досегашни инкриминирани активности на Кујтим Фејзулаи, односно нема податоци дека има каква било каква врска со радикалните џемати во Македонија. Тој не се евидентира ниту како контакт-врска на радикализирани лица од дијаспората во странство за кои се водат оперативни и разузнавачки операции. Истовремено, исклучително индикативно е како австриските воени и цивилни служби за безбедност, иако имале безбедносно интересни информации за извршителот на терористичкиот акт, досега истите тие ги немаат споделено со македонските служби како потенцијална безбедносна закана?!
Изворите брифираат дека во моментов по барање на австриската полиција, во МВР се во тек подлабоки и поопсежни проверки за контактите на Кујтим од Австрија и од Германија што потекнуваат од Македонија, а истовремено се работи за три безбедносно интересни лица, од кои едно има капацитет да организира и да изврши терористички напад, а за него се знае дека во средината на октомври заминало за Берлин. Соговорниците информираат дека за другите лица што биле во контакт со Кјутим, а имаат индиректни врски со нашата земја, истражните органи во Австрија информациите ги добиле од изјавата на мајката на напаѓачот.
Кујтим Фејзулаи немал воено искуство ниту поминал воена обука
Според изворите на нашиот весник, се верува дека Кујтим Фејзулаи се радикализирал на почетокот од 2016 година кога го набавил своето оружје од Словачка. Потоа, тој купил авионска карта за Кабул, Авганистан, за да оствари контакт со припадници на ИСИЛ.
– Меѓутоа, Кјутим не го остварил тоа зашто не поседувал виза. Најверојатно во септември минатата година пристигнува во Сирија, патувајќи сам, а по два дена престој на турско-сириската граница е уапсен од турските сили. Тамошните власти го осудуваат на 4 месеци притвор поради нелегално поминување на границите на земјата и потоа го екстрадираат во матичната Австрија – тврдат соговорниците.
Во нивната опсервација на немилите случувања во Австрија велат дека е очигледно дека Кјутим немал воено искуство ниту поминал воена обука, а тоа се потврдува во видеоснимките каде што се забележува дека тој не знае професионално да ракува и да нишани со оружјата ниту да се движи како војник со нив.
Натаму, тој онлајн покажал лојалност кон ИСИЛ и се приклучил во редовите на борците на калифатот, каде што го добил исламистичкото име Абу Дујана ал Албани.
Според соговорниците, дополнително сите напаѓачи најверојатно се обиделе да ги имитираат вистинските борци на ИСИЛ во облеката и дејствувањето, а тоа се познава и по фактот дека тие не поседуваат во време на нивната самоубиствена операција „фаједин“, односно самоубиствен елек што треба да го детонираат пред да бидат убиени од непријателите односно од неверниците.
– Оттука, според досега расположливите информации, најверојатно во овој случај станува збор за таканаречен волк самотник, кој како терорист го извршил нападот без некоја посебна логистичка поддршка од терористите – велат тие.
Но, според нив, сето тоа по завршувањето на истрагата на австриските служби допрва ќе се расветли и ќе се дознае поголемата слика за овие настани.
Во меѓувреме, светските медиуми информираат дека во приватниот живот Кујтим бил талентиран фудбалер и учел во средното техничко училиште во Отакринг, кое подоцна го напуштил, а наместо да се школува, тој избрал да го следи патот на радикални проповедници.
Повторно пропусти на австриските безбедносни служби
Во меѓувреме, Хасан Хаидер Даиб, кој е хрватски безбедносен аналитичар со арапско потекло и кој е регионален експерт на темите поврзани со тероризмот, вели дека државните власти во Австрија се фатени во расчекор од извршениот терористички акт на Кјутим.
– Тоа го тврдам бидејќи лицето е пуштено од затвор во Австрија каде што било осудено на 22 месеци, бидејќи кај него тамошните надлежни лица заклучиле дека се забележува позитивен развој во ресоцијализацијата за делата за кои е обвинет – вели Даиб.
Тој тврди дека сето тоа е голем пропуст, бидејќи е парадоксално, како е можно човек што пред 18 месеци сакал да се бори на страната на ИСИС нагло да се премисли за своите намери.
– Дополнително, пропустот за терористичкиот напад во Австрија може да се најде и во дејствувањето на безбедносните механизми, кои, најверојатно, воопшто по излегувањето од затвор не го надгледувале напаѓачот, ниту пак го следеле – вели Даиб.
Според Даиб, оружјето со кое биле извршени нападите дошло во рацете на терористите од страна на косовските јатаци, кои во соседната држава, односно Словачка, ги купиле пушките.
– Овој развој на настаните докажува и дека самите гранични австриски служби, но и оние на Европската Унија не водат специјализирани операции за контрола на нелегалното оружје и имаат премногу либерален пристап кон радикалите од овој профил – вели Даиб.
Експертот смета дека овие млади луѓе, чии родители водат потекло од регионот се радикализираат најчесто сами, но и од џамиите што ги посетуваат, односно од проблематичните оџи што проповедаат радикални религиски учења.
– Јас не верувам дека овие напади во Австрија се поврзани со оние во Франција, бидејќи тука очигледно станува збор за изолиран случај, но исламските радикали секогаш можат да најдат оправдување зошто посегнале по оружје – објаснува експертот.
Даиб вели дека остатокот на цивилизираниот и демократски свет сега треба да ги засили своите напори во битката со лошата идеологија, која влече селафиски и вахабиски корени и да ги „затвори“ засекогаш фабриките на ризик што стигнуваат во Европа од организациите како Ал каеда и Исламска држава.