Додека Македонија ги изодува последните чекори кон полноправно членство во НАТО, по што од буџетот ќе треба да одделува значителна сума пари за одбраната, помеѓу најголемите сојузници во Алијансата не стивнуваат расправиите околу тоа кој колку треба и колку навистина вложува во одбраната. Дополнителни дилеми се појавија по веста дека дури и Германија, како најсилен европски партнер во НАТО и четврта најголема економија во светот, константно ги намалува трошоците за одбраната, па дури и некои од своите воени капацитети ги ставила во комплетно мирување
Дали сите држави во најмоќната воена алијанса трошат еднакво за одбраната и колку европските сојузници во НАТО го делат финансискиот товар со САД во инвестирање во воена техника и опрема. Овие прашања станаа актуелни во период кога нашата држава ги изодува последните чекори кон полноправно членство во сојузот, во кој, откога ќе влеземе, ќе треба и ние да одделуваме значителна сума пари за одбраната, а сето тоа ќе се одразува врз буџетот на државата. Дополнителни дилеми се појавија по објавувањето информации дека дури и Германија, како најсилен европски сојузник во НАТО и четврта најголема економија во светот, константно ги намалува трошоците за одбраната, па дури и некои од своите воени капацитети ги ставила во комплетно мирување.
Инаку, трошоци за членување во НАТО се утврдуваат според БДП на земјите-членки, па со оглед на тоа што Македонија има нешто помал БДП од Албанија, таа како членка на НАТО би плаќала приближно ист износ како нашиот западен сосед, односно околу 1,2 милион евра годишно.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека не треба да нѐ зачудува фактот дека одредени европски држави не инвестираат доволно во својата одбрана, како во случајот со Германија. Тој објаснува дека, за жал, во самиот сојуз, иако има генерални правила за финансирањето на одбраната, некои држави едноставно не ги почитуваат. Токму ваквата состојба, според Стефаноски, е причината поради која САД оправдано ги критикуваат сојузниците од Европа, кои, едноставно гледано, по вложените пари во одбраната одлучиле финансирањето комплетно да го оставаат во рацете на Американците.
– Што се однесува до Македонија, јас мислам сите ние добро знаеме што нѐ очекува финансиски кога ќе влеземе во сојузот. Јас лично верувам дека иако тоа е тежок финансиски товар за нас, сепак би требало да го прифатиме бидејќи на тој начин ја гарантираме својата безбедност, која, историски гледано, редовно се нарушува на Балканот и на овој начин им ставаме крај на турбуленциите – вели Стефаноски.
Инаку, стручниот американскиот магазин „Популар механикс“ неодамна откри загрижувачки информации, според кои, целата германска подводна флота е надвор од употреба. Mагазинот изразува вчудовиденост поради тоа што Германија, како една од најмоќните држави во светот и пионер во поморството, дозволила да се најде во ситуација во која сите нејзини подморници од типот „212А“ се надвор од употреба.
– Сите шест германски подморници се надвор од употреба, а причината за тоа е недостигот од финансии за одбраната, но и недостигот од персонал и воени морнари – пишува „Популар механикс“.
Магазинот се прашува дали Германија, која е четврта најголема економија во светот со БДП од 3,47 трилиони долари, нема доволно пари за одржување на флотата.
– Освен во поморството, Германија генерално ги намалила трошоците за одбраната што сега значително се одразува врз армијата. Па, така, од вкупно 244 тенкови „лепорад2“ активни се само 95. Во 2014 година, беше регистрирано дека само 42 од вкупно 109-те борбени авиони „тајфун“ се оперативни и способни за лет. Натаму, од вкупно 14-те „А-400“ транспортни авиони ниту еден не е способен за лет. Во 2015 година земјата учествуваше во воени операции на Блискиот Исток при што 29 од 66 борбени авиони беа способни за да ги спроведат мисиите – пишува весникот.
„Популар механикс“ во својата анализа заклучува дека имајќи ги на ум сите овие ниски стандарди поврзани за германската воена опремата не е ни чудо што подморниците на оваа земја не се во употреба.