Нејасно е врз кои, какви и чии документи би се повикувале странските историчари при анализата на личности и настани, дали тие би биле од архиви од другите европски центри или, пак, и Македонија и Бугарија ќе нудат и отстапат своја документација околу која никогаш не се согласиле. Дополнително прашање е колку тие странски историчари ќе бидат непристрасни, а и колку нивната работа ќе биде полезна ако не се подлабоко инволвирани во овдешните состојби и не го познаваат духот на народите што живееле на овие простори за да можат да помогнат, без да ги повредат историските факти и со тоа нечии чувства
Ставот на македонските историчари е различен од идејата на европратеникот Андреас Шидер
Ќор-сокакот во кој западнаа разговорите меѓу Македонија и Бугарија за историските прашања, Европа се обидува да го одблокира со вклучување „еминентни странски историчари“, кои би се вклучиле во работата на заедничката македонско-бугарска историска комисија. Поаѓајќи од досегашните искуства, комбинаторики, еквилибристики и калкулации на Унијата, се наметнува дилемата дали земјава би добила или, пак, би изгубила од вклучувањето на тие странски експерти.
Сугестијата на претседателот на делегацијата на Европскиот парламент за односи со Македонија
Имено, нејасно е врз кои, какви и чии документи би се повикувале странските историчари при анализата на личности и настани, дали тие би биле од архиви од другите европски центри или, пак, и Македонија и Бугарија ќе нудат и отстапат своја документација околу која никогаш не се согласиле. Дополнително прашање е колку тие странски историчари ќе бидат непристрасни, а и колку нивната работа ќе биде полезна ако не се подлабоко инволвирани во овдешните состојби и не го познаваат духот на народите што живееле на овие простори за да можат да помогнат, без да ги повредат историските факти и со тоа нечии чувства.
– Имам сугестија за заедничката комисија доколку нејзината работа остане заглавена како сега, можеби треба да поканиме двајца или тројца еминентни историчари од ЕУ што немаат инволвираност во регионот да помогнат да се стави прашањето во научна рамка – порача на виртуелниот брифинг претседателот на делегацијата на Европскиот парламент за односи со Македонија, Андреас Шидер.
Според него, политичарите почнуваат да ги подгреваат идентитетските прашања кога не можат да одговорат на основните животни прашања.
– На Балканот, како и секаде во светот, политичарите подготвуваат идентитетски теми кога немаат одговор за основни прашања, како вработеноста, образованието, животниот стандард, и се плашам дека ова е вистината и за оваа дебата исто така – вели Шидер.
Вклучувањето странски историчари може да биде само на штета на Македонија
Некои од домашните историчари сметаат дека вклучувањето на странските историчари не е добра идеја и дека може само да биде на штета на Македонија.
– Станува збор за неумешна политичка порака до полуписмените политичари и целосно неписмените научни луѓе – вели професорката Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја.
Според неа, политичките мислења и сугестии треба да се тргнат настрана од научната средина.
– Политичките определби или мислења се однесуваат само на политички нешта, но во научната средина не можете да барате еминентност, можете да барате само научност или ненаучност. Притоа, еве, и да претпоставиме дека ќе се најдат двајца-тројца угледни историчари, прво тие треба да ја познаваат материјата. Не може, како што вели Шидер, тие да не се инволвирани во регионот. Во науката, вие мора да сте инволвиран, да го познавате подрачјето на коешто работите – порачува Котлар.
Ниту за професорката Наде Проева идејата за вклучување странски историчари во работата на македонско-бугарската комисија за историски прашања не е добра.
– Овие странски историчари многу малку ја познаваат балканската историја, а македонската уште помалку. Едноставно не ја знаат и не можат да го разберат тој процес. Втора работа, на голем број стручњаци поблиска им е бугарската верзија на историјата, оти тие со години трошат многу пари токму за пропагирање на бугарската идеја – вели Проева.
Таа додава дека има голема недоверба кон тие странци што евентуално би се вклучиле во работата на комисијата, бидејќи, според неа, поголем дел веќе е индоктриниран од Софија.
За историчарот Тодор Чепреганов недозволиво е странци да ја пишуваат македонската историја.
– Историјата на еден народ ја пишуваат историчарите на тој народ. Не може историјата на македонскиот народ да ја пишуваат Германци, Французи, Австријци, Американци, Бугари, Грци или Срби. Историјата на секој народ си ја пишуваат неговите историчари, затоа што тие со самата земја се емоционално поврзани со сето она што се случувало во колективната меморија на тој народ – вели Чепреганов.
Според него, апсурдна е идејата да дојдат странци и врз база на голи факти да ни ја пишуваат историјата, без чувство и меморија за она што се случувало тука.
– Ова покажува дека самата идеја за формирање на комисијата за историја и за чистење на учебниците од содржини што не им одговараат на соседите беше грешка. Тоа значи дека како народ ќе се доведеме во ситуација историјата да ни ја прават странци. Со тоа покажуваме дека сме никој и ништо на историската сцена – истакнува Чепреганов.
Тој прашува кој воопшто ќе ги одбере тие европски историчари, бидејќи се знае кој од нив пишува пробугарски, а кој промакедонски.
– Тоа е најлошото решение што може да биде, странци да ти ја кројат судбината, странци да ја пишуваат историјата на еден народ. Тие емоционално и како било не се поврзани со колективната меморија на еден народ. Ги немаат приказните, ги немаат сите оние настани и личности што се случувале во нашата историја. Нив не ги боли. Ние како историчари 40 години работиме на историјата на македонскиот народ, а сега некој да ни каже ова не важи. Тоа е негирање на целокупната македонска историографија. Тоа е најголемото понижување што може да си го направи еден народ. Да ја покаже својата неспособност да си ја напише сопствената историја и да бара од страна да му ја пишуваат историјата – истакнува Чепреганов.