Архива: Што пишуваше американскиот весник „Сандеј морнинг“ (8 мај 1904 г.)
Жените борци ги имало често низ историјата, но во ниедна понова војна жените немале толку активна улога како во македонската револуција. Речиси во секоја востаничка чета што се криела во планините во Македонија и ненадејно ги напаѓала турската војска и башибозукот имало по една или две жени. Во моментот на пишување на текстот имало најмалку сто вооружени жени.
Вака вели Константин Стефанов од македонската хунта во Њујорк, кој избегал од турски затвор и им се приклучил на востаниците.
– Немаме само една Јованка Орлеанка, туку десетици. Ние ги прифаќаме како нешто нормално и како еднакви на нас. Не одобруваме жените да бидат изложени на опасностите што ги носи битката, но сепак тие го бараат своето право да се борат. Лесно можеме да ги замениме со мажи, но кога една жена доаѓа и дава свечена заклетва да се бори до последната капка крв против Турците, затоа што таа, нејзината сестра или мајка претрпеле невидени ѕверства од турска страна, тогаш мора да се повлечете и да ѝ ги отстапите своето оружје и место во четата. Овие жени најчесто се одмазднички, а некои од најхеројските подвизи во нашите офанзиви биле сторени токму од нивна страна – вели Стефанов.
Зошто црквата ја канонизира Ана Симитчиева
Ако постои една жена што Македонците ја ставија над другите поради нејзината борбеност, тоа е Ана Симитчиева, која Турците ја застрелале во Куманово. Таа оттогаш била канонизирана од страна на црквата.
Турците решиле да нападнат едно училиште што се наоѓало веднаш до црквата. Младата учителка Ана Симитчиева собрала десетина млади ученици и им дала пушки, кои биле складирани во таен магацин во градот, а потоа ги нападнале Турците што тропале на вратата од црквата. Бесни поради сквернавењето на нивната црква и охрабрени од борбеноста на жената што ги водела, македонските ученици се бореле со силен жар. Турците биле десет пати побројни, но биле изненадени од жестокоста на нападот, во кој дваесетмина од нив загинале пред прагот од црквата.
Но тоа траело кратко. Турците потоа добиле засилување и крвавата борба ја пренеле на улица, во која не само што загинале Ана Симитчиева и нејзината ученичка чета туку и сите оние што се засолниле во црквата биле масакрирани, а потоа црквата била запалена. Последниот преживеан, како што потоа раскажале Турците, бил млад ученик по теологија, кој многу ја сакал учителката, стоел крај нејзиното мртво тело откако била застрелана и со последните сили се борел со празната пушка, сè додека еден Турчин не го соборил од страна со јатаган. Мајките и сестрите на некои од учениците ја гледале борбата од прозорците на околните куќи.
Госпоѓа Арнаудова уште се бори на терен
На терен во борбите многу била активна госпоѓа Арнаудова. Таа учествувала во десетици офанзиви и досега во ниту една не била повредена. Потекнувала од Дабница, планинско гратче на границата со Турција и Бугарија, и веќе била во своите триесетти години. Откако се приклучила во редовите на востаниците, Арнаудова станала вистинска инспирација за четите од кои била дел и кои извеле некои од најхрабрите подвизи. Имала крупна градба, строг поглед и зборувала само кога има нешто да каже, но кога им се обраќала на мажите во четата, тие веднаш биле подготвени да ѝ се спротивстават на целата султанова армија. Ништо не ги деморализирало Турците како кога ќе ја виделе Арнаудова меѓу револуционерите на кои тие налетувале.
Госпоѓа Малечевска, уште една македонска Јованка Орлеанка, била учителка во Сер, каде што видела такви незамисливи ѕверства на кои никој не би останал рамнодушен. Потоа заминала за Бугарија, каде што се приклучила во востаничка чета. Тогаш имала едвај 22 години, но можела да држи пушка како секој маж и не му дозволувала на ниту еден да ѝ помага или да ѝ ја носи муницијата.
Еднаш успеала со двајца револуционери да им избега на Турците што ги опколиле. Вторпат, кога била на прошетка со пријателки, биле пресретнати од Турци, но таа била меѓу трите што успеале да избегаат. Потоа повторно ѝ се приклучила на револуционерната чета, која се соочила со катастрофа. Сите освен десетмина биле убиени, кои потоа биле однесени в затвор, а меѓу нив била и Малечевска. Турците ги убиле затворениците, но неа ја оставиле жива. Една ноќ повторно успеала да избега по очајните обиди. Се вратила во Рилскиот манастир, како единствена преживеана од четата, од каде што две недели претходно заминала. Тоа не ја обесхрабрило повторно да им се приклучи на револуционерите, а кога Стефанов заминал од Софија претходната есен, таа тогаш штотуку се вратила од третата офанзива, кога била дел од борбите во кои Турците биле десеткувани.
Толку е силно сочувството на Бугарките за состојбата на нивните македонски сестри што некои од нив зедоа оружје в раце. Иван Радулов, Македонец што сега живее во Њујорк, се борел во чета во која членувала младата и убава Бугарка Пукавечарова. Таа била свршена со млад Македонец од четата. Во офанзива марширале заедно, а другите не ги разделувале. Навечер двојката шетала фатена рака под рака, го носел нејзиното оружје покрај неговото, а нивното додворување престанувало само кога требало да истапат на бојните линии и да отворат оган врз Турците.
Двојката била во пограничен град, кога Радулов ја напуштил Бугарија во февруари. Девојката се грижела за својот сакан в болница, бидејќи бил ранет во борбите. Венчавката требало да се одржи за кратко време, а потоа на меден месец да заминат во Македонија со револуционерната чета.
– Да ви раскажам за една воинка од мојот град Банско од Разловечкиот округ. Се работи за мажена жена на возраст од 33 години, со става на скандинавска воинка, со руса коса и сини очи. Еднаш сама разбила цела група турски стражари среде бел ден. Подолу ќе ви ја пренесам целосно приказната – вели Стефанов.
Херојството на македонската вдовица Еленка Спасова
Познатиот револуционерен лидер Ѓорѓи Радонов бил одведен и притворен во локалниот затвор во Банско. Вдовицата Еленка Спасова живеела во куќата веднаш до затворот. Таа се сетила да го ослободи револуционерниот лидер, така што почнала да копа тунел од својата визба до затворот. Копала ноќе и за кратко време можела да ги слушне чекорите на војската над неа. На крајот успеала да го пробие патот до затворската ќелија и да му испрати сигнали. Следниот ден влегла во затворот преку тунелот за да го организира бегството истата ноќ, но тогаш дел од тунелот се урнал, па не само што ѝ го блокирал излезот, туку и ги алармирал стражарите.
На затвореникот му рекла да се втурнат и директно да избегаат низ вратата. Првично револуционерот се противел на ваквите очајнички обиди. Кога стражарите ја отвориле вратата, Спасова го извадила својот револвер, им влетала на вчудовидените Турци и избегала пукајќи лево и десно. Подоцна убедила една револуционерна чета да помогне во извлекувањето на Радонов, во кое успеале.
Секоја Македонка учествувала во револуцијата, ако не со оружје, тогаш била активна преку разни други начини. Токму во Банско има примери за што сè биле способни Македонките.