Претстојниот прием на Македонија во НАТО, и покрај пофалбите од странските политички елити, потенцира дека Алијансата станува ирелевантна бидејќи не може да се бори, пишува Гил Барндолар во колумната објавена во магазинот „Дифенс њуз“.
Германија која некогаш беше најсилната потпора на НАТО против СССР, сега претставува најочигледен пример за ваквата практика, бидејќи Германците избраа да станат воено импотентни во изминатите 25 години. Триесет и девет од вкупно 128-те германски воени авиони „еурофајтер тајфун“ биле исправни за служба во 2017 година, додека едвај една четвртина од постарите модели биле употребливи. А весникот „Шпигел“ извести дека Германија има ракети само за вклучување на четири авиони во борба. Германската војска се соочува и со недостаток на кадар, односно со недостаток на 21 илјада офицери.
Велика Британија се споменува како исклучок во ситуацијата со европската безбедносна немоќ. Обединетото Кралство придонесе со испраќање на трупи во војните во Ирак и во Авганистан и ги издвојува потребните два отсто од бруто домашниот производ (БДП) на одбрана. Но, мерките за штедење ги „соголија“ британските сили.
Помалите членки на НАТО се во уште полоша состојба. Белгија, каде што ќе се наоѓа новото седиште на Алијансата вредно 1,4 милијарди долари, е една од членките кои не придонесуваат значително. Тоа важи и за поголемиот дел од земјите од поранешниот Варшавски пакт, со исклучок на Полска.
– Македонија фино ќе се вклопи. Македонија потроши 111,8 милиони долари на одбрана во 2017 година. Со еден отсто од БДП, нејзината посветеност на одбрана е малку подобра во однос на Белгија. Малата, опкружена со копно Македонија, очигледно не може да има повеќе отколку симболичен придонес на колективната одбрана на НАТО. Никој не ни смета поинаку. Македонија, всушност, се приклучува за да ги подобри изгледите за прием во ЕУ – се наведува во колумната.
Поддржувачите на НАТО истакнуваат дека европските буџети за одбрана се зголемиле, но трошењето останува несразмерно. Згора, кога НАТО-силите беа ставени на тест во кампањата со низок интензитет во Авганистан, тие потфрлија. Дури, храброста и жртвите на некои членки беа засенети од пасивноста на мнозинството.