Фото: Игор Бансколиев

Ако напредокот на земјава би се рангирал со оценка од еден до пет, Македонија би заслужила нешто помеѓу два и три. Реформата на администрацијата останува една од најкритичните точки, тврдат аналитичарите

КАКО ЕКСПЕРТИТЕ ГО ОЦЕНУВААТ И ГЛЕДААТ НА ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА

Македонија е умерено подготвена во повеќе области, но најкритично ќе биде во делот на реформата на јавната администрација што е посочено како слаба страна на земјата, покажува анализата на најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата.Ако нејзиниот напредок би се рангирал со оценка од еден до пет, Македонија би заслужила нешто помеѓу два и три.
– Извештајот на ЕК треба да се смета како своевиден водич, а не како критика. Реформите се важни за да се постигне што поефикасна, посилна и поблиска држава до граѓаните – истакна францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, по објавувањето на извештајот на ЕК.
Премиерот Зоран Заев се огласи на Фејсбук, коментирајќи ги наодите во извештајот.
– Радува што во извештајот за Северна Македонија е констатирано дека содржинскиот дијалог на нашата влада со Европската комисија се наоѓа на многу повисоко ниво. Се наведува дека Северна Македонија во голем број области постигнува високо ниво на усогласеност со европското законодавство и се препорачуваат имплементација и испорака на уште поголеми резултати – напиша Заев на Фејсбук.
Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, го оцени најновиот извештај на ЕК како сеопфатен и реален одраз на состојбите.
– Извештајот претставува објективна, сеопфатна и реална анализа на состојбите и остварениот напредок, но и референтна точка што ќе ги диктира реформите од европската агенда – истакна Димитров.

Според упатените во состојбите, најновиот извештај на ЕК покажува дека Македонија е средно подготвена на патот кон членство во ЕУ.
– Годинава сме некаде два и пол ако гледаме просек, меѓутоа тешко е да се гледа веќе просек бидејќи има многу поголемо тежиште сега на темелите, како владеењето на правото и економските критериуми отколку што има врз поглавјата – смета Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европски политики.
Таа додава дека тие како институт сметаат дека тоа не е сосема оправдано, бидејќи се покажува дека Македонија во некои поглавја каде што порано имала добар напредок сега стагнира веќе подолго време, можеби поради фокусот врз владеењето на правото.
– Значи не се оценките дека ние сме којзнае колку подготвени бидејќи „умерено подготвено“ е само средна оценка, но во однос на напредокот даваат добра оценка што треба да се анализира и во контекст на тоа да се нагласи напредокот во овие клучни области пред почетокот на преговорите – смета Ристевска-Јорданова.
Опишано посликовито, таа ја оценува подготвеноста на земјата меѓу два и пол и три.
– Ако би била петка некаква оценка за целосна подготвеност, сега сме ние на три или два и пол. Тука и не сме толку лоши во споредба со другите држави – нагласува Ристевска-Јорданова.

Според неа, има три моменти што треба да се испочитуваат.
– Она што е најбитно е да се одржи оваа клима на конструктивност, вклученост на сите субјекти, вклучувајќи ја опозицијата, вклучувајќи ги независните институции и граѓанското општество. За тоа досега Владата има позитивна оценка и тоа треба да се одржи. Второ, треба на многу посистематски начин да се планира и да се дава приоритет и трето, одговорност на сите институции – заклучува Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европски политики.
Она што како генерални заклучоци се наведени во извештајот е дека во правосудството има добар прогрес за реформската стратегија за судството, но потребни се подобрувања. Пофалена е работата на Судскиот совет, а она што се бара е да продолжи борбата против корупцијата, која и натаму е проблем во државата.
ЕК гледа добар напредок во делот на истрага, гонење и судење на високопрофилни корупциски предмети, а особено се поздравува работата на Комисијата за спречување на корупцијата и нејзината проактивна улога во оваа област. Од комисијата бараат сите чинители, чија задача е борба со корупцијата, активно да се вклучат во спречувањето на ваквата појава.
– Оценката на ниво на поглавје е реална на некој начин, но и политичка бидејќи очекуваме и почеток на пристапните преговори и отворање на овој кластер во декември. Фокусот е на одржување на реформските процеси, градење досие на успешност и одржување капацитети, финансиски и кадровски, за да може тие политики да бидат спроведени – смета Александар Јованоски од Хелсиншкиот комитет.
Забелешки има и за тоа што земјава нема закон за антидискриминација, кој беше поништен од Уставниот суд поради процедурални пропусти. За ЕК ова е сериозен недостаток и новиот собраниски состав мора итно да го коригира.
Иако бележи напредок, од земјава се очекува да направи реформа на јавната администрација, а ЕК имаше забелешки и за владеењето со декрети на техничката влада.

Како слабост се наведува и примената на законите во случаите на говор на омраза, а уште една слаба точка е и недостигот од вистински независни истражители за вршење ефикасен надзор врз работата на полицијата, со што ќе се обезбеди казнување на полицајците кога ќе ги пречекорат своите овластувања.
Како и во поранешните извештаи, и овој пат слабост на државата е состојбата во затворите и наоѓање алтернативни решенија за притвор и затвор.
ЕК забележува умерен напредок во делот на слободата на медиумите, иако се посочува на зголемени тензии во време на корона-кризата и изборната кампања.
Се бара и поголема транспарентност во делот на државното, јавното и партиското рекламирање во медиумите, а од ЕК продолжуваат да инсистираат на наоѓање решение за вистински независен, професионален и финансиски одржлив јавен сервис.
– Суштински е да се продолжи да се поддржуваат медиумскиот плурализам, промовирањето на професионализмот, објективното известување, истражувачкото новинарство, како и градењето отпорност за борба против дезинформациите – се вели во извештајот на ЕК.