Досега, Македонија беше составен дел на мисиите на НАТО во Авганистан и во Ирак, но и на мировните мисии на Европската Унија во Босна и Херцеговина и во соседно Косово, како и во операции предводени од Обединетите нации, попознати во состав на силите на УНИФИЛ

ПО РЕЧИСИ 20-ГОДИШНО УЧЕСТВО ВО МИРОВНИ МИСИИ

По две декади од таканаречената „глобалната битка против тероризмот“ на Блискиот Исток, меѓународната заедница неделава го најави започнувањето на повлекувањето од Авганистан.
Овој процес прв го најави претседателот на САД, Џо Бајден, кој информира дека американските војници целосно ќе се повлечат од Авганистан до 11 септември оваа година, со што ќе се стави крај на најдолгата војна во која учествувала Америка.
– Не можеме да го продолжиме маѓепсаниот круг на проширување на нашето воено присуство во Авганистан во надеж дека ќе создадеме идеални услови за повлекување – изјави Бајден во јавноста.
Веднаш по него, во име на американските сојузници одлуката за повлекување на здружените сили ја соопшти и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој истакна дека Алијансата не го напушта народот на Авганистан, туку дека следува ново поглавје во кое самата земја ќе треба да работи на градење одржлив мир.
– Во Авганистан влеговме заедно. Заедно и заминуваме – рече Столтенберг за одлуката, која се надоврзува на одлуката на САД да ги повлечат своите сили од Авганистан.
Како ќе постапи Македонија, која исто така има свои војници во мисии во светот, како и во Авганистан?
Највисоките државни институции за „Нова Македонија“ ги пренесуваат своите погледи за развојот на актуелните случувања.

Од Министерството за одбрана велат дека НАТО-сојузниците на последниот состанок донеле одлука да се повлечат од Авганистан и тој процес започнува од први мај.
– Македонија како членка на НАТО учествуваше во донесувањето на оваа одлука преку учество на министерката Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Бујар Османи на неодамнешниот состанок на НАТО – објаснуваат од министерството.
Според нив, Македонија е дел од таа одлука и ќе учествува во нејзиното спроведување во рамките на сојузничката мисија во Авганистан.
Од кабинетот на врховниот командант и претседател на државата, Стево Пендаровски, додаваат дека Македонија како членка на НАТО е во тесна координација со другите земји-сојузнички на Алијансата.
– Одлуките за наше натамошно учество во мировните мисии и во иднина ќе се носат во координација со сојузничките сили во НАТО и во согласност со нашите национални интереси – се вели во одговорот од кабинетот на врховниот командант.
Македонија во неколкуте меѓународни мисии во Авганистан учествува уште од 2002 година. На почетокот македонското учество беше како партнер на НАТО, а од пред една година и како полноправна членка на Алијансата. Во рамките на мисиите во Авганистан досега беа испратени повеќе од 3.100 лица од повеќе профили. Најмногубројни беа штабните воени офицери и подофицери, но во операциите Македонија испрати свои тренери и ментори за обука на авганистанските сили, како и пешадиски единици и медицински персонал.

За потсетување, македонската војска и нашите безбедносни институции имаат богата историја во придонесот на светскиот мир и во учеството во мировните мисии на меѓународни операции во странство. Досега, Македонија беше составен дел на мисиите на НАТО во Авганистан и во Ирак, но и на мировните мисии на Европската Унија во Босна и Херцеговина и во соседно Косово, како и во операции предводени од Обединетите нации, попознати во состав на силите на УНИФИЛ. Македонската војска својата прва логистичка безбедносна операција ја започна во далечната 1999 година кога беше спроведена поддршка на сојузничките мировни сили во соседно Косово, а првата воена мисија надвор од нашите граници беше извршена на Блискиот Исток две години подоцна.

[email protected]