Фото: Архива

За таканаречениот „викенд без ДДВ“ се очекува масовна посета на граѓаните на дуќаните, поточно на затворен простор, има и поголема раздвиженост на пазарите за набавка на зеленчук потребен за зимница, се случуваат разни протести, а следува и сезоната на грип и домашни слави, така што земјава се соочува со голем здравствен предизвик

Групирањето, непочитувањето на мерките, разните собири и протести, забавите во кафулињата и семејните прослави се најверојатните причинители на новиот бран на заразени со коронавирусот, чија дневна бројка минатите денови се искачи и на над 300 луѓе.
Ако се има предвид дека месецов следуваат два продолжени викенда, при што едниот е планиран и за таканаречениот „викенд без ДДВ“ кога се очекува масовна посета на граѓаните на дуќаните, поточно на затворен простор, не се исклучува можноста од експлозија на заразата.
Во прилог на тоа оди и зголемената посета на пазарите каде што граѓаните брзаат да ги набават продуктите потребни за приготвување зимница, при што повторно има семејни групирања кога се приготвува зимницата.
Дополнително се случуваат и протести на музичарите, угостителите, средношколците, политичките партии, што е исто потенцијална опасност за ширење на вирусот, особено од страна на асимптоматските случаи.
Ако на ова се придодадат и сезоната на сезонски грип, која следува, загадувањето, но и домашните слави и други празници, тогаш ситуацијата станува и повеќе од алармантна.

– Доволно е само да се прошетате низ град и сè ќе ви стане јасно. Кафеаните се полни, пазарите и дуќаните исто, за автобусите воопшто и да не зборувам. Половина носат маски, другите ги носат или закачени под брадата или, пак на лакотот, како моден детаљ – вели Петар Димитровски од Скопје.
Тој додава дека голем дел од луѓето целата ситуација не ја сфаќаат премногу сериозно.
– По изборите како сите да се опуштија, а контрадикторните одлуки што ги носат здравствените власти како уште повеќе да ги охрабрија граѓаните во непочитувањето на мерките. Од една страна се апелира да се почитуваат протоколите, од друга страна се отвораат кина, музеи, градинки, училишта, граници… Навистина не знаеме што да мислиме – нагласува Димитровски.
Според микробиологот Никола Пановски, токму групирањата и собирите на поголем број луѓе, особено во затворен простор, го зголемуваат ризикот од зголемување на бројот на заболени од ковид-19.
– Ако се продолжи со вакво темпо со собирање, лесно ќе се пресмета дека за 10 дена ќе имаме 1.000 случаи на заразени. Најверојатно во моментот има 3.000 активни случаи и бројката на таквите случаи би достигнала и до 20.000 активни случаи – вели Пановски.

Според него, овие бројки со новозаразени и сега се многу големи и тие, како што вели, ќе продолжат да растат.
– Навистина уште пред да залади, уште пред да дојде есента, овие бројки се многу големи. За жал, рекордот ќе трае многу кратко, ќе биде брзо соборен – тврди Пановски, појаснувајќи дека последните над 300 нови случаи се од минатиот викенд, а сега претстои продолжен викенд и по периодот на инкубација ќе се јавуваат нови случаи, па заразените ќе ги инфицираат домашните и така вирусот ќе продолжи да се шири.
Тој додава дека треба да се преземе итна акција доколку сакаме вирусот да биде ставен под контрола.
– Ова е сериозен проблем и треба сите да се вклучат, и власт и опозиција и верски лидери и доктори, да ги убедат граѓаните да ги почитуваат мерките бидејќи ќе колабираме не само здравствено, туку и економски – истакнува Пановски.
Според него, потребни се порестриктивни мерки за да се спречи ширење на вирусот.
– Прва мерка ќе биде навечер полициски час, ограничување на движењето во вечерните часови, во некои земји забрануваат одење по гости, и тоа развиени и демократски земји, меѓутоа треба да се каже дека доколку овој тренд продолжи во затворен простор, ова ќе биде смешна бројка во однос на тоа што нè чека понатаму – категоричен е Пановски.

Тој уште додава дека асимптоматските случаи најмногу ја шират заразата, особено во затворен простор.
Поради загрижувачката ситуација со коронавирусот и неодговорниот однос на граѓаните реагираше и министерот за здравство Венко Филипче.
– Не излегувај од дома без маска. Би излегол од дома на дожд без чадор? – пишува Филипче на Фејсбук, илустрирајќи ја објавата со фотографија.
Според него, луѓето треба да прифатат дека работите повеќе не се исти како порано.
– Новиот начин на живот значи нови навики. Да ги почитуваме мерките за заштита и да сфатиме дека веќе се дел од нашето секојдневие – напиша на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.