Техничката влада почнува да функционира од моментот кога ќе биде изгласана во парламентот и истата таа ќе функционира до изборот на новата влада, која треба да
произлезе како резултат на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април

Вчерашниот ден го обележа згусната динамика на политички случувања на релацијата влада – собрание – претседател на државата. Најпрво премиерот Зоран Заев, во согласност со постигнатиот меѓупартиски договор за избори на 12 април, ја депонираше својата оставка на премиерската позиција, за да се формира техничка влада, што исто така е дел од политичкиот договор. Подоцна во Собранието беше и констатирана оставката на премиерот. Иако премиерот Заев не ја образложи оставката пред пратениците, во документот доставен до парламентот наведува дека ја поднесува по договорот на лидерите на партиите за избори на 12 април. Потоа, во согласност со законските процедури, претседателот на државата Стево Пендаровски му го додели мандатот на Оливер Спасовски за формирање на техничката влада. Спасовски во претседателската вила „Водно“ се заблагодари за честа и можноста да биде мандатар на преодната влада и изјави дека во целост ќе ја исполни неговата задача за одржување фер и демократски избори.

– Наша задача ќе биде да направиме сè да продолжи државата со напредокот и да овозможиме фер и демократски избори. Сите институции да продолжат со истата динамика за да има просперитет за граѓаните на оваа држава – рече Спасовски.
За попладневните часови вчера беше најавено и започнувањето на собраниската седница, на која треба да се избере новата влада во која ќе има и министри или заменик-министри предложени од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, до затворањето на денешното издание на весникот, дебатата во Собранието сѐ уште не беше започната.

Во меѓувреме, политичките партии ниту вчера не ја пропуштија можноста да си упатат меѓусебни критики.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ посочи дека конечно заминува Зоран Заев од местото што го узурпирал без да победи на избори.

– Македонските граѓани никогаш повторно не смее да бидат жртви на криминалот, корупција, неработата и неспособноста – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието, Јован Митрески изјави дека вчерашниот ден е најава за тоа што ќе се случува, најава за уште една победа на коалицијата предводена од СДСМ и од Зоран Заев.
– Најава за иднината на држава, најава дека ќе се движиме напред и ќе бидеме европска држава, нема да се вратиме назад кон темното минато, кое вие го нудите – заклучи Митрески

Инаку, според пржинскиот модел и процедурите, по оставката на премиерот Заев треба да бидат избрани технички премиер и техничка влада. Во таквата влада, опозициското ВМРО-ДПМНЕ ќе добие министри во две министерства (за внатрешни работи и за труд и социјална политика) и тројца заменик-министри (министерствата за земјоделство, за финансии и за администрација и информатичко општество).

Владејачката партија СДСМ го прифати предлогот на опозициското ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање Наќе Чулев да биде технички министер за внатрешни работи. За министер за труд и социјална политика од ВМРО-ДПМНЕ е предложена Рашела Мизрахи, додека за заменик-министри се предложени: во ресорот информатичко општество и администрација – актуелната пратеничка Невенка Стаменковска Стојковски, во финансии – Гордана Димитриеска Кочоска, магистерка по економски науки, а во ресорот земјоделство – Цветан Трипуновски, поранешен пратеник и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Ротација има и во владината структура, на местото на вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој поднесе оставка, доаѓа досегашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска. Двете заменик-министерки во преодната влада ќе бидат Славјанка Петровска во МВР и Санела Шкријељ во Министерството за труд и социјална политика.

Процедурата за избор на новата влада се очекуваше да заврши вчера до полноќ. Техничката влада почнува да функционира од моментот кога ќе биде изгласана во парламентот и истата таа ќе функционира до изборот на новата влада, која треба да произлезе како резултат на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. Основна задача на техничката влада е да ги организира изборите. Во текот на нејзиното функционирање не може да има вработувања, унапредувања или инвестиции. Оваа ќе биде втора техничка влада во Македонија. За потсетување, првата се формираше пред предвремените избори во 2016 година, а технички премиер тогаш беше Емил Димитриев.

СДСМ, кој во тој момент беше во опозиција, ги доби министерските места во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика, односно министри станаа Оливер Спасовски и актуелната пратеничка и потпретседателка на Собранието Фросина Ременски.


Одгласи на социјалните мрежи

Универзитетската професорка Тања Каракамишева на својот твитер-профил, по поднесувањето на оставката од лидерот на СДСМ Зоран Заев, напиша дека ниту еден политичар што поднел оставка во Македонија не се вратил повторно на функција. Академик Катица Ќулафкова, пак, на социјалната мрежа Твитер запрашува дали само Македонија прави техничка влада со политички кадри. Професорката Билјана Ванковска на Фејсбук напиша дека отстапувањето на премиерската позиција на Заев на министерот за полиција не е никаква добра вест или причина за славење. Според Ванковска, додека играат по „пржински правила“, Македонија не е држава, туку провизориум.

– Битката за демократија допрва следува, бидејќи ни груевизмот ни заевизмот не се поразени – пишува професорката Ванковска на Фејсбук.

[email protected]