Пендаровски-Шидер
Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Андреас Шидер, австриски европратеник и копретседавач со Мешовитиот парламентарен комитет Европска Унија – Македонија.
На средбата претседателот Пендаровски истакна дека Македонија високо ја цени силната поддршка од Европскиот парламент и дека истата придонесува за подобрување на политичката атмосфера во земјата и го забрзува процесот на пристапување кон Европската Унија. Во таа насока, претседателот изрази задоволство од последната усвоена Резолуција од страна на европратениците, во која непристрасно се нотира реалната слика за постигнатите реформи и политичката состојба во земјата.
Во разговорите беше посочено дека и покрај потешкотиите предизвикани од пандемијата на ковид-19, Македонија останува силно посветена на евроинтегративниот процес.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за ангажманот на австрискиот европратеник Шидер и ги реафирмираше очекувањата за што поскоро усвојување на Преговарачката рамка и одржување на Првата меѓувладина конференција со Европската Унија за време на португалското претседателство.
Соговорниците изразија очекување дека соработката меѓу Собранието на Македонија и Европскиот парламент ќе продолжи со уште позасилена динамика во иднина, за што значаен придонес и поттик дава конструктивниот дијалог во Мешовитиот парламентарен комитет Европска Унија – Македонија.