Кај македонскиот народ, во неговата потсвест, опстојува некоја необјаснива, невидлива сила што во најтешките времиња го прави жилав и издржлив
Според македонскиот етнолог д-р Танас Вражиновски, исклучително важен сегмент од историјата на македонскиот народ е фактот дека без своја национална држава Македонците успеале да ги зачуваат својот мајчин јазик и својата вера и со трпеливост да создадат своја држава, која како вистинска стварност го одбележува нашето време: „Државните падови во изминатите седумдесетина години се резултат, меѓу другото, на слабо развиеното чувство на љубов и приврзаност кон својата татковина, чувство на национална сплотеност и единство, како и недоволно зрело чувство на патриотизам“, пишува тој во своето истражување за националниот карактер на Македонците, објавено во „Матица македонска“ пред повеќе од дваесет години.
Во својата студија за националните карактеристики на македонскиот народ, анализирајќи ги сегментите што ја сочинуваат основата на народот, д-р Вражиновски забележува дека „Македонецот е човек од индивидуална природа преокупиран со своето јас, кого не го интересира ништо подалеку од својот нос. Личниот интерес е најважниот од сѐ, така што најголемиот идеал во животот е токму личниот интерес, потчинет на материјалната благосостојба.
Пример на егоцентрична личност!
Тој е пример на егоцентрична личност.“ Притоа, во оваа дефиниција, бездруго до детаљ може да се препознае оној дел од народот што дозволи, и сѐ уште дозволува, еден шушумига, црпнат којзнае од каде, да го води во пропаст од која нема враќање назад како народ. Сепак, другиот дел од народот, кој, за среќа, е повеќеброен од оној „што не ништо гледа подалеку од својот нос“, освен туѓи пари, се разбира, може да се каже дека „досега никогаш не потклекнал пред својата судбина туку продолжил да го развива чувството на самоодржување и самоодбрана“.
– Македонците живееле во страв од туѓите завојувачи, живееле во страв од своите сонародници, од своите комшии и слично. Јован Цвијиќ во врска со тоа ќе забележи: „Во некои краишта на Македонија нема да зборуваат како се тепале со Турците или со Албанците, туку како успеале да им побегнат, или како со некое лукавство успеале да се спасат. Во Македонија ми зборувале: Ние и во сонот бегаме пред Турците и Албанците!“ Писателот на романот „Пиреј“, Петре М. Андреевски, ќе ги забележи зборовите на еден од своите јунаци: „Стравот е страшен само за оние што му се плашат“. Во истиот роман, укажувајќи на плашливоста што предизвикува страв, Андреевски ќе напише: „… јас мислев во цвеќе ќе ја најдеме Македонија, а таа во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа; ќе посееш жито а кукавици ќе никнат…“
Македонскиот народ низ вековите бил подложен на агресивни влијанија од етнички, социјален, културолошки и верски аспект. Но токму таквото минато го има научено на издржливост и трпеливост. Во однос на неговата издржливост има нешто исконско што не може да се опише толку едноставно. Кај македонскиот народ, во неговата потсвест, опстојува некоја необјаснива, невидлива сила што во најтешки времиња го прави жилав и издржлив. Поетот Гане Тодоровски во песната „Македонци“ ќе напише: „Сите Македонци не сме тажникави бездомници/ почесто наивни но сепак никогаш нивни/ очајот ќе нѐ сложи во сила што повеќе може… наше е да се издржи“. Издржливоста е предизвикана од надежта, која му била потпора и го придружувала во неговото опстојување. Додека постои надеж, постои и реална основа во дејствувањето на одбранбениот систем на Македонците. Според тоа, во потсвеста на народот е зацврстен посебен одбранбен систем, кој му пркоси на времето, им пркоси на непријателите што со векови се борат да ги снема Македонците. Оваа особеност е придобивка на колективната свест за загрозеност, која од историска перспектива зацврсти кај нашиот народ еден вид нагон за самоодржување, кој е резултат, меѓу другото, и на стравот од самоисчезнување и самоуништување. Затоа не е случајно што слободата на Македонецот е поврзана со надминување на стравот. Еден од јунаците во драмата „Диво месо“ на Горан Стефановски ќе каже: „Нѐ држат уплашени со фрази, со мистерии, со догми. Нѐ држат уплашени дека ќе ни го земат лебот, ќе ни го срушат домот, ќе ни ја скршат вилицата. И ние уплашени им правиме пат и ги поздравуваме.
И сѐ додека се плашиме, тие ќе газат преку нас. Слободата ќе дојде кога ќе го надминеме стравот“. Значи, сѐ додека постои страв, слободата е далеку од нас. Затоа во многу народни песни Македонците се повикуваат да се освестат, да се разбудат од долготрајниот сон – пишува д-р Вражиновски во својата студија за карактерот на Македонците, кои, којзнае по кој пат, во изминативе две години, одново се соочуваат со опасност од разнебитување и огромна поделеност меѓу себе на сопствена штета.
Личниот интерес како најголем идеал во животот!
– Борбата за зачувување на Македонците како народ е најважниот сегмент на неговото историско постоење и живеење на овие балкански простори. Таа грчевита борба е присутна и во наше време, бидејќи националната загрозеност сѐ уште демне врз нас. Треба да бидеме свесни дека никој од нашите соседи и некои национални малцинства што живеат во Македонија не му сака добро на нашиот народ, без оглед на „пријателските“ и „чесните“ пораки што доаѓаат одвреме-навреме од нивна страна – напишал Вражиновски во деведесеттите години од минатиот век.
Против Македонците и нивната татковина се води континуирана агресија, и тоа во повеќе насоки: економска, политичка, културна, територијална и други. Колку сме свесни за тоа, толку поуспешно ќе можеме да им се спротивставуваме на нивните аспирации. Тешките времиња низ кои поминале Македонците во својот историски развој придонеле да се развие силно карактеролошко чувство на претпазливост и недоверба, особено во однос на своите соседи. Сепак, кај Македонците отсуствува еден многу важен елемент, кој носи карактеролошки особини, а тоа е етноцентризмот, под кој подразбираме силен стремеж на народот за обединување на сите слоеви во општеството за спротивставување на процесот на самоуништување. Република Македонија е дело на македонскиот народ, на неговите историски желби и стремежи.
Секој Македонец со развиено чувство за своја држава претполагал дека со создавањето на македонската држава ќе се зацврсти националното единство на народот. Сепак беше потребно време оние што живееја во минатото да сфатат дека само оваа држава, само Македонија, може да им обезбеди национален живот.
За жал, сега се поставува прашањето дали ќе знаеме да ги зачуваме добиената слобода и независност, да им се радуваме и да работиме на нивно зацврстување, бидејќи патот кон нив за Македонците бил макотрпен, трнлив и долг. Притоа треба да бидеме свесни за загрозеноста на нашата држава од своите соседи, но и од внатрешни сили. Стравот за иднината на македонската држава, според тоа, потполно е актуелен.
Или, што би рекол Гане Тодоровски, „толку страхувам, некоја јанѕа ме јаде, да не би одново да те раздадеме!“ Всушност, сѐ додека Македонецот не сфати дека татковината е голем, колективен долг, тешко ќе може да го развива чувството за државност и љубов кон својата единствена татковина. Долгот кон татковината тесно е сврзан со долгот кон својот народ. А националниот идеал кај Македонците продолжува да живее во кризна ситуација. Само патриотското чувство ја гради љубовта кон својата татковина – подвлекува д-р Танас Вражиновски во својата студија од пред дваесет години, стравувајќи токму од она што домашните брбушкари и странски глодачи го направија со единствената држава на македонскиот народ во светот.
Предавството и народната традиција
– Една од посериозните карактеролошки особини на македонскиот човек е склоноста кон предавството. Се чини дека тоа како да е во крвта на еден дел од Македонците. Предавството воопшто е видлив и карактеристичен елемент во нашата историја. Подлогата на предавството може да биде разнообразна и да произлегува од елементарни причини до многу сложени, и тоа: од инает, од навреда, од омраза, од одмазда и слично до предавство од висок ранг, кое ги засегнува националните интереси на нацијата. Предавниците потекнуваат од сите слоеви на општеството и нивната предавничка дејност е свртена против својата потесна средина и против сопствениот народ. Во народната традиција предавството се смета за најголем грев. Во народните песни и преданија со мотивот на предавството, предавниците секогаш се осудувале со клетви и проклетства. Тие во свеста на народниот творец се „клети шпиони“, „пусти и црни шпиони“, „бог да убие шпионо, шпионо Митрета Гинков“, „бог да бие кодошо, кодошо од Генимале, кодошо Петре Лигушо“! Интересно е тука да се наведе дека токму поради осудата на предавниците во народните песни и во преданијата тие се наведени со своите имиња, а во некои случаи и со презимиња и местото на нивното потекло. Овој момент има суштинско значење за иднината на таквите луѓе што се жигосани со епитетот предавници и носи силна морална и национална порака кон оние што подлегнуваат на овој порок и на сопствениот народ му носат тешки последици. И кај поетот Анте Поповски, како и кај многу други македонски творци, стравот од предавство од свој најблизок е најстрашниот страв. Во песната посветена на Гоце Делчев, тој ќе напише: „Не ме уплашија векови со нож во туѓа рака; ме плаши час со нож од рака своја в плеќи“. Притоа, како опомена, уште еднаш треба да се нагласи дека Македонецот е човек од индивидуална природа преокупиран од своето јас. Личниот интерес е најважниот од сѐ друго, така што најголемиот идеал во неговиот живот е токму личниот интерес, потчинет на материјалната благосостојба. Затоа, во тој контекст, постојат голем број контрадикторности во националното и патриотско чувство, во љубовта кон својата единствена татковина – подвлекува етнологот д-р Танас Вражиновски во својата анализа за националниот карактер на Македонците.
Од рецензијата на академик Блаже Ристовски:
Да се соземеме и да изградиме национално единство!
Во освртот кон делото „За националниот карактер на Македонците“, објавен во 2000 година во „Гласникот“ на Институтот за национална историја, академик Блаже Ристовски, дефинирајќи ја книгата на д-р Танас Вражиновски како „богата по содржина и вонредна како појава“, која „доаѓа токму за да нѐ предупреди, да нѐ замисли и да укаже не само на нашите слабости, пропусти и грешки туку и на патот за излез и за развојна перспектива“, меѓу другото пишува: „Ние Македонците сме поставени навистина пред императивот: да се соземеме, да се самозапознаеме во минатото и во современоста и да изградиме национално единство среде витлите на балканската еуфорична атмосфера, или – да нѐ снема како културно-национален ентитет и како политички субјект. Зашто, навистина, нема држава без јасно диференцирана национална свест и не може да има патриотизам без децидно профилирано единствено национално чувство како етнокултурна идентификација.“
Став на Крсте П. Мисирков од 1925 година:
„Свеста дека си Македонец стои над сѐ друго на светов!“
Во март 1925 година во весникот „Мир“, и покрај заканите со убиство, Мисирков успеал да објави две статии што можат да бидат опомена и за некои денешни Македонци, имајќи ја предвид актуелната состојба во Македонија: „Ние, македонската интелигенција, без сомнение, ја носиме најголемата одговорност за положбата во која денес се наоѓа нашата татковина… Јас не се каам што уште пред 28 години се објавив за македонскиот сепаратизам. За мене тоа беше и останува единствениот излез, најдобриот пат по кој македонската интелигенција би го исполнила и ќе го исполни својот долг пред татковината и пред нашиот народ, оти само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив… Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници… Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам мое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да нѐ прашаат за сите прашања што нѐ засегнуваат нас и нашите соседи… И нека бидат уверени сите заинтересирани дека кај Македонецот ќе се најде достатно такт, предвидливост, самопожртвување за постигањето на едно општо добро на Балканот, доста е да биде почитувано националното и личното достоинство на Македонецот“, пишува Мисирков во весникот „Мир“ од 12 март 1925 година.
Во истиот весник, две недели подоцна, Мисирков го објавува својот втор текст, кој, всушност, е одговор на лавината напади предизвикани од неговата претходна статија посветена на „македонскиот национализам“. Во текстот меѓу другото пишува: „Јас многу добро знаев дека ќе бидам нападнат за мојот ’македонски национализам’, дека тој на никаков начин нема да биде отпечатен во весникот ’Илинден’ и дури не бев уверен дека ќе го отпечати и весникот ’Мир’. При сето тоа ја напишав статијата и ја испратив во Редакцијата на ’Мир’. И на другиот ден по нејзиното печатење, весникот ’Слободна реч’ направи од мене човек што уште не си ја знае народноста. За жал, ’Слободна реч’ не можеше да ме одучи од моите ’простачки умувања’. Јас, пак, наоѓам дека Македонија денеска е распокината, дека Грците успеаја да ѝ ги земат најдобрите делови, да го испадат оттаму македонското население и да го заменат со азијатски доселеници што денеска се трупаат покрај српската и бугарската граница, како што едно време византиските императори се трупаа на бугарската граница, образувајќи воени населби од азијатски колонисти… Соседите мора да се помират со тоа дека Македонците се тука, дека постојат и дека имаат ’свои, македонски национални чувства’, дека сакаат да создаваат македонска култура, како што сме го правеле тоа со векови и кога нашата татковина не влегувала во една од соседните држави. Како Бугарин јас одамна би рекол: Каква ти Македонија! И тука ми е добро, нема зошто да мислам за она што е веќе загубено. Но како Македонец, јас во Бугарија се чувствувам како на туѓина, каде што навистина се наоѓам меѓу родни браќа, но не сум дома, во својата татковина. Таа е таму каде што сум се родил и каде што јас треба да си ги оставам коските, каде што треба да отиде мојот син, ако не ми биде судено да отидам јас лично. Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сѐ друго на светов… Безусловната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија, македонскиот национален дух, јазикот, народната поезија, обичаите… се мојот национализам. Грците ни го убиваа националниот дух и нѐ денационализираа. Тие и денеска нѐ гонат од родните пепелишта и следствено нѐ потсетуваат за нашиот стар историски долг да ги изгониме неканетите гости од нашите дедовски, прадедовски земји. Тоа е македонското национално чувство, тоа е историскиот повик на Македонецот што може да го исполни само како слободен и рамноправен граѓанин кому му е дозволено да мисли, да чувствува, да зборува и да дејствува како Македонец“, ја завршува Мисирков својата статија во весникот „Мир“.