Според политичката стабилност Северна Македонија е најдобра во споредба со другите земји во регионот и не исклучувам, да ги надмине и Србија и Црна Гора, кои од поодамна ги отворија преговорите со Унијата, посочи вчера еврокомесарот Јоханес Хан од економскиот форум во Виена,
– Ние работиме напорно да ги убедиме малкутемина што сѐ уште се двоумат во Унијата да дадат зелено светло за почеток на подготвителни преговори многу наскоро. Убеден сум дека тоа ќе се случи пред летото. Вие сте единствената земја што нема ниту еден билатерален спор со соседите. Зошто? Затоа што во стратегијата за Западен Балкан, објавена од Европската комисија во февруари, се вели дека нема да прифаќаме нови членки ако тие имаат билатерални конфликти – изјави Јоханес Хан, еврокомесар за проширување
Оптимист за исчекор наредниот месец е и македонскиот премиер.
– Подготвени сме и политички и институционално – рече Заев во обраќањето во Виена, посочувајќи ги договорите со Грција и со Бугарија како клучни за стабилноста на регионот. За врвни приоритети ги наведе токму реформите од судството, безбедносниот служби и администрацијата, кои се вградени токму во двете преговарачки поглавја, кои би биле отворени.
– Се надевам дека по 14 години, како земја-кандидат, ќе ги почнеме преговорите со ЕУ. Целосно сум убеден дека мојата земја летово ќе добие позитивна одлука за отворање на поглавјата и како што спомена еврокомесарот Хан, до крајот на годинава, навистина да ги отвориме преговорите со поглавјата 23 и 24, ако двете страни се подготвени да ги почнат преговорите – изјави Заев.