Стануваат ли сѐ погласни цврстите и јасно изразни ставови на политичките лидери на земјите од ЕУ во однос на опструкциите и блокадите на Бугарија кон Македонија? Се добива впечаток дека европските политичари во последно време сѐ почесто го креваат гласот контра политиките на Бугарија и со поддршка за Македонија. Особено впечатливо деновиве беше излагањето на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој гласно и отворено упати критики до Бугарија, но и до Унијата за непринципиелниот и некоректен однос спрема Македонија во нејзините евроинтеграции. Притоа откри и дека тоа што тој го кажал го мислат сите во ЕУ, но и понатаму останува предизвик некој да се осмели тоа и да го каже. Тој би сакал и другите гласно да го кажат тоа, зашто во бриселските кулоари коментираат и се згрозуваат.
– Се навикнаа да ја третираат Македонија како side kick (сајд кик), некого што го клоцаш од страна. Ако имаш некој внатрешен проблем што не можеш да го решиш, тогаш секогаш можеш да удриш по Македонија. Тоа не е во ред. Таа држава, а и тој народ досега платија особено висока цена. Тие играат многу примерно и според правилата. Ги исполнија сите демократски услови што човек може да ги замисли, тоа е повеќенационална заедница, во која има и многу Албанци, и таа соработка е примерна – кажа хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, откако Бугарија ја повика на дипломатски разговор хрватската амбасадорка во Софија, откако тој со остри зборови ја критикуваше Бугарија на процесот Брдо-Бриони, зашто го условува влезот на Македонија во ЕУ со менување на историските учебници.
Милановиќ тогаш кажа и дека активно ќе се спротивстави од една земја- аспирантка да се бара во своите учебници по историја сопствената национална генеза да ја дефинира онака како што тоа го прави соседната држава. Исто така, Милановиќ потсети дека Македонија, меѓу другото, се „покорила на грчките барања за пред името Македонија да стави Северна“.
– Конечно ги примија во друштвото на мртвите поети и сега доаѓа овој услов, кој навистина претставува влез во интимниот простор – вели хрватскиот претседател.
Милановиќ додаде дека нашата земја е „жртва на недостиг од интерес, па дури и на елементарна емпатија“.
– Тоа не се прави во 21 век. Тоа апсолутно не е основа за утрешниот соживот во Европската Унија – порача Милановиќ.
На последниот самит на ЕУ, во декември минатата година, кога Бугарија и официјално го ефектуира ветото за почетокот на пристапните преговори на Македонија, словачкиот и чешкиот министер за надворешни работи се спротивставија на обидот во заклучоците за проширување на Унијата да биде внесено како услов за Македонија бугарското барање за „историско усогласување“. Чешкиот и словачкиот министер своето вето на бугарското вето го објаснија дека „ЕУ не смее да биде судија за нечија историја“.
Неодамна, германската амбасадорка во Македонија, Анке Холштајн, изјави дека „26 земји-членки се држат како заложници од некои ситни национални интереси на една земја, која ѝ прави штета на целата Европска Унија и го уништува нејзиниот кредибилитет на Западен Балкан“. Иако не ја спомна експлицитно Бугарија, на сите вклучени во процесот им беше јасна пораката на германската амбасадорка. Сѐ позачестени критики и осуда на политиките на Бугарија доаѓаат и од други високи европски политичари и функционери. Или, како што вели хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, сите го мислат тоа во ЕУ, но и понатаму останува предизвик некој да се осмели и да го каже тоа. Милановиќ би сакал и другите гласно да го кажат тоа, зашто во бриселските кулоари коментираат и се згрозуваат од уцените и барањата на Бугарија кон Македонија.