Македонија е повеќе од подготвена да ја исполни својата стратегиска цел – да стане полноправна триесетта членка на НАТО, во моментот кога Алијансата одбележува 69 години од своето постоење и кога навршуваат две и пол децении од донесувањето на одлуката на Собранието за приближување на земјата кон сојузот, но и по цела една деценија од грчкото вето на нејзиното зачленување, на самитот Букурешт во 2008 година. Ваквиот став го делат претставниците на меѓународната заедница и стручната јавност во земјава, но неизвесноста сепак продолжува.
Во меѓувреме, во средата американскиот амбасадор Џес Бејли изјави дека реалната можност Македонија наскоро да се приклучи кон НАТО е најголемата разлика кога се зборува за земјата денес во споредба со минатото. Тој за време на трибината „НАТО и ти“ порача дека членството во Алијансата за Македонија ќе значи дека таа ќе биде сојузник со другите земји-членки. Според Бејли, ниското ниво на владеењето на правото земјата ја први ранлива за корупција, но и за внатрешни и за надворешни непријатели. Тој посочи дека влезот во НАТО ќе помогне да се надминат внатрешнополитичките поделби во земјата. Бејли порача и дека системските реформи што се воведуваат во Македонија не треба да останат само на хартија, туку да се имплементираат.
На трибината се обрати и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која напомена дека членството во НАТО е од особена важност поради тоа што земјата ќе стане дел од светски најмоќниот економски сојуз што ја негува демократијата и е гарант за безбедноста за неговите членки. Таа напомена дека на листата на земји со највисок квалитет на живот од вкупно 10, првите осум се членки на НАТО. Според Шекеринска, влезот во НАТО ќе го овозможи непречениот економски напредок на земјата, а ќе биде гаранција за нејзината натамошна демократизација. – Изминатите 10 месеци покажавме дека демократското ткиво во Македонија не е загубено. Доколку ги вклучите телевизорите повеќе нема да видите пропаганда. Владата не бега од дискусии и воведува политика на транспарентно работење – рече министерката за одбрана. Натаму, на 69-от роденден на Алијансата, претседателот на светскиот Евроатлантски совет (АТА), Фабрицио Лучиоли, порача дека Скопје се наоѓа на крстосницата во регион во кој има нови и различни видови закани и предизвици. – Денеска веќе не се прашува зошто НАТО, туку што НАТО може да направи против тероризмот, ширењето лажни вести и дезинформации, сајбер-одбраната, миграцијата итн.
Членството во НАТО може да го забрза и процесот на евроатлантски интеграции. Јас би ги охрабрил сите актери инволвирани во спорот за името да го решат, не само на домашен политички начин, бидејќи ова е прашање што ја засега целата евроатлантска заедница – изјави Лучиоли. Од друга страна, минатата недела висок неименуван претставник на Стејт департментот, како што пренесе МИА, изјавил дека Соединетите Американски Држави високо ја ценат солидарноста на Македонија со заедничката американско-европска акција против Русија во случајот со труењето со нервен гас на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Британија. – Благодарност за Македонија искажавме во повеќе пригоди досега на средби на високо ниво со нашите НАТО-сојузници – се вели во изјавата во која се додава дека ѝ оставаат на воената Алијанса да реши какви понатамошни чекори ќе преземе во однос на Русија доколку, како што се наведува, Москва ја продолжи агресијата.
Во контекст на овие случувања, за забележување се и поддршките за македонското членство во Алијансата што доаѓаат од балканските земји. Словенечкиот премиер Миро Церар на заедничката прес-конференција во Владата со својот домаќин премиерот Зоран Заев рече дека Љубљана ја поддржува Македонија за евроатлантските интеграции. – Посебно ме радува што гледам дека Македонија напредува во своите реформи и што парламентот веќе во април ќе го разгледува пакетот важни закони, кои ќе доведат до значајни реформи во областа на правосудството и на другите подрачја, бидејќи само на тој начин ќе биде можно Македонија релативно брзо да се интегрира во Европа како и во НАТО – рече Церар. Минатата недела своја изјава на темава имаше и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, кој порача дека Македонија има и други алтернативи од влезот во Алијансата, но истакна дека сите други се полоши од првата. Во листата на позитивни придобивки во НАТО, ја спомена и внатрешната кохезија што ќе се постигне бидејќи сите етнички заедници во земјава го поддржуваат зачленувањето во Алијансата. Свое излагање во јавноста имаше и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, капетан Горазд Бартол, кој на трибина зборуваше за функционирањето на Алијансата и за нејзината континуирана трансформација во обидите да се приспособи на новите предизвици.
На трибината неколкупати беше истакнато дека НАТО е гарант за сигурноста и безбедноста бидејќи се работи за најмоќната воена и светска организација. Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски коментирајќи го 25 години долгиот маратон за македонско членство во НАТО, размислува дека сосема е возможно и покрај пречката од спорот за името, нашата држава наскоро да стане триесеттиот член на сојузот. – Во процесот за зачленување во Алијансата, ние ги исполнивме сите можни услови што постојат со исклучок на оној меѓудржавен спор што го имаме со Атина – вели аналитичарот. Тој истакнува дека АРМ од година на година и на секое оценување од НАТО добива високи бројки за подготвеноста и професионалноста на нашите војници, во споредба на пример со друга балканска држава како Словенија, која иако е земја-членка на Алијансата и на ЕУ добива критики дека нејзината војска не ги достигнува нивоата на дејствување што НАТО ги бара.
– Натаму, Македонија од годинава за 20 проценти го зголеми бројот на нашите мировници во мисиите на НАТО во Авганистан, а истовремено извршивме и дополнително зголемување на воениот буџет, кој иако не е во висината до 2 проценти од БДП од буџетот што го бара сојузот, сепак бележи напредок по грчкото вето на прием во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година, бидејќи годинава во воената каса се влеваат 103,2 милиони евра – вели Стефаноски. Според него, кога ќе се погледне целата слика и кога ќе се пресмета направеното во овие 25 години, апсурдно е да се каже дека нашата земја не е подготвена за влез во Алијансата, бидејќи за тој чекор бевме подготвени уште пред десетина години кога членки на сојузот станаа Албанија и Хрватска, но единствената пречка за тоа и натаму останува Грција.
Четири димензии на воениот сојуз
НАТО е алијансата што претставува меѓународен систем наменет да врши колективна одбрана со која земјите-членки се обврзуваат меѓу себе да вршат заедничка одбрана на териториите на своите сојузници во случај некои од нив да бидат нападнати однадвор. Според меѓународните документи, Алијансата во своето дејствување распознава неколку димензии. Во првата е посветена на заштита на своите членки преку давање помош со политички и воени средства. Во втората димензија Алијансата на меѓународно поле дејствува со поттикнување соработка со трети земји, кои не се членки на НАТО, но кои имаат државна определба за одржување на светскиот мир. Натаму, Алијансата презема и активности во областа на планирање на цивилната заштита, помагање на сојузниците и земјите-партнери во справување со несреќи и природни катастрофи. Дополнително, во своето дејствување НАТО соработува и со други меѓународни организации со кои презема активна улога во светот преку операции за управување и менаџмент со кризи. А.С.
Северноатлантска алијанса
НАТО е меѓународна воена алијанса создадена од северноамерикански и европски држави врз основа на Северноатлантскиот договор што беше потпишан на 4 април 1949 година. НАТО претставува систем на колективна одбрана во кој неговите земји-членки се согласуваат на заедничка одбрана во случај на напад од надворешен фактор. НАТО има 29 членки, а дополнителни 21 земја учествуваат во Партнерството за мир. Неговото седиште е во Брисел, Белгија. Воената команда е сместена во Монс, Белгија. Генерален секретар на НАТО е Јенс Столтенберг. Секоја земја-членка на НАТО, има своја постојана делегација во седиштето на НАТО во Брисел, и на чело на таа делегација стои амбасадор што ја претставуваа својата влада во консултативните процеси и носење одлуки од страна на Алијансата. Највисокото одлучувачко тело во рамките на организацијата е Советот на Северноатлантската алијанса, кој се состанува на повеќе нивоа, а со него претседава генералниот секретар. Секојдневните активности на НАТО, цивилните и воените структури и програмите насочени кон безбедноста се финансирани од заеднички буџет во кој придонесуваат владите на земјите-членки во согласност со договорена формула за поделба на трошоци.
Заев: Невозможно е да влеземе во НАТО под ФИРОМ
Премиерот Зоран Заев пред некој ден изјави дека невозможно е Македонија да влезе во НАТО под привременото име ФИРОМ и дека тоа му било јасно ставено до знаење од генералниот секретар на Алијансата – Јенс Столтенберг. – Тоа, што некои кулоари велат, може и под ФИРОМ ќе влеземе, ќе нѐ внесат без разлика дали ќе го решиме името или не, мислам дека тоа не е возможно. Зошто? Кога беше генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, овде рече не бидува таа работа. И, тоа е чесен пристап. Да знаеме, јас да знам и граѓаните на Македонија да знаат дека ако не најдеме решението на проблемот што Грција го има со нашето уставно име, ние покана за членство во НАТО нема да добиеме. Да, возможно е асоцијативно членство по моделот на Шведска и други земји, да добиеме како што добивме по 2008 година, стратегиско партнерство со Америка, со Турција, со земји пријатели. Немаме проблем за тоа, но нашата желба е членство во НАТО. Асоцијативното членство, веројатно ќе го добиеме. Јас дури и не размислувам дали ќе го добиеме или не, оти јас очекувам покана за членство во НАТО. Веројатно за тој период, додека се ратификуваат договорите, би требало да одиме на референдум, ако имаме решение на проблемот, да го искористиме. Гледам, во Црна Гора, година и пол траеше ратификацијата. Имаме доволно време, но поканата за членство во НАТО, значи НАТО. И, нема дилеми дека ќе го ратификуваат земјите. Додека трае целиот овој процес, тоа, паралелно значи инвестиции. Паралелно значи фондови, значи повеќе пари за граѓаните и повисок стандард за сите нас. И, јас сум убеден дека треба да бидеме стопроцентно фокусирани на отворање на перспективите на нашата земја или како што спомнав пред малку и како што велат некои пријатели, добивање на имотниот лист за Република Македонија – изјави Заев.