Доколку се земат предвид научните истражувања, за Свети Климент Охридски не може да се говори како за етнички Бугарин, затоа што бугарскиот народ во тој период сѐ уште не бил оформен. Во историската наука преовладува мислењето дека Климент е роден во Македонија и во овој поглед за него може да се говори како за македонски Словен, односно за Словен што потекнува од Македонија. Во културолошки рамки може да се говори како за сесловенски просветител, затоа што го зачувал старословенскиот јазик од грчка и латинска асимилација и ги поставил основите за литерату

На 8 Декември Македонија го чествува државниот и црковен празник Свети Климент Охридски како Ден на словенскиот просветител, првиот словенски епископ и основач на Охридската книжевна школа. Но, за разлика од минатите години, оваа година ликот и делото на Свети Климент Охридски беа силно политизирани од страна на бугарското општество и бугарските медиуми не заборавија да нѐ потсетат дека Климент е Бугарин што е роден во Македонија, дека пишувал и проповедал на старобугарски јазик итн.

Јазикот на Свети Климент Охридски

Но овие искажувања немаат научна основа и во суштина се псевдоисторија и псевдонаука. Климент творел на старословенски јазик, во чија основа се наоѓа јазикот на македонските Словени, поточно јазикот на Словените што живееле во околината на Солун. Ова може да се потврди од повеќе научни извори. За Климентовиот јазик во „Енциклопедијата за индоевропската култура“ се вели дека старословенскиот јазик е прв пишан словенски јазик, кој е кодифициран во деветиот век, врз основа на „говорот на Јужните Словени што живееле во околината на Солун“. Во „Старословенскиот словар“, објавен во 1994 година во Москва, се вели дека „старословенскиот јазик е општ културен книжевен јазик на словенските народи“. Во науката не само што не може да се сретне терминот „старобугарски јазик“ туку, напротив, има искажувања дека „говорот во областите на словенското пишување се карактеризира со одлики на македонските дијалекти“, како што правеше рускиот научник О.Г. Кодочников.

Етногенезата на бугарскиот народ во средниот век

Не помалку се скандалозни бугарските тврдења за народноста на Свети Климент Охридски. Овој словенски просветител живеел и творел во деветтиот век, следствено во средниот век не може да се говори за бугарски народ, а уште помалку за бугарска нација. Етногенезата на денешниот бугарски народ започнува во седмиот век, со пристигнувањето на Бугарите или Протобугарите, кои биле турски номадски народ што во почетокот на седмиот век живеел во касписката степа и по текот на реката Волга. Неколку истражувачи веруваат дека тие потекнуваат од Централна Азија и во текот на својата миграција кон запад апсорбирале и други племиња, како што се хунските и финско-унгарските племиња. Тие говореле на турски јазик, односно на бугарски јазик од групата на огурските јазици и, како другите турски народи, го почитувале небесното турско божество Тенгри. Нивните владетели ја носеле титулата хан, која е карактеристична за турските и монголските народи, а познати се и имињата на нивните владетели, како што се Аспарух, Тервел, Токту, Крум, Омуртаг итн.
Еден дел од овие Бугари, предводени од ханот Кубрат, во 632 година ја формира првата бугарска држава, позната и како Прво Бугарско Царство. Јадрото на оваа држава е територијата помеѓу Дунав и Стара Планина и токму тука започнува етногенезата на денешните Бугари, во чија основа има словенски и протобугарски елемент.

Во идните два века, бугарските владетели ги прошируваат границите на бугарската држава и ги освојуваат Тракија, Македонија, делови од денешна Албанија, Србија и Романија. Меѓутоа, тоа се политички и културолошки, а не етнички граници.
Етногенезата на бугарскиот народ продолжува во дванаесеттиот век, кога е дополнет со кумански супстрат. Имено, во дванаесеттиот век се поставуваат темелите на Второто Бугарско Царство, повторно на територијата помеѓу Дунав и Стара Планина, кога браќата Асен и Петар креваат востание против Византија. Бугарскиот историчар и византолог Петар Мутафчиев вели дека династијата Асеновци, основана од браќата Асен, Петар и Калојан, потекнува од Куманите што живееле во Влашко, денешна Романија. Куманите се турски номадски народ, кој во единаесеттиот век се населува од Азија во Европа, поточно меѓу реките Волга и Днепар, како и во долниот тек на реката Дунав. Еден дел од нив во 1230 година под притисок на Монголите се населува во Унгарија и во Бугарија. Нивниот јазик бил турски јазик и бил сличен со денешниот кримскотатарски јазик, а нивните владетели ја носеле титулата хан, исто како и прабугарските владетели. Научниците веруваат дека Куманите потекнуваат од Јужен Сибир, Централна Азија или источно од Жолтата Река во Кина.

Доколку се земат предвид научните истражувања, за Свети Климент Охридски не може да се говори како за етнички Бугарин, затоа што бугарскиот народ во тој период сѐ уште не бил оформен. Во историската наука преовладува мислењето дека Климент е роден во Македонија и во овој поглед за него може да се говори како за македонски Словен, односно за Словен што потекнува од Македонија. Во културолошки рамки може да се говори како за сесловенски просветител, затоа што го зачувал старословенскиот јазик од грчка и латинска асимилација и ги поставил основите за литературен развој на сите денешни словенски јазици.


Значењето на Свети Климент Охридски

Свети Климент Охридски учествувал во Моравската мисија, а по смртта на Методиј бил протеран од Латините. Во 886 година Климент и неговите придружници биле примени од бугарскиот кнез Борис Први, кој го испратил Климент како дидадскал (учител на свештенство) во областа Кутмичевица, со седиште во Девол.
Климент ја создал Охридската книжевна школа, а центар на образованието бил манастирот „Пантелејмон“, основан од Климент. Од оваа школа произлегле околу 3.500 народни учители, црковни службеници и проповедници. Многу научници веруваат дека Охридската школа, која е основана од Климент, според своето значење може да се спореди со Магнаурската школа во Цариград. На сенародниот собор во 893 година, одржан во Велики Преслав, Климент Охридски едногласно бил избран за прв епископ на словенскиот јазик.
Според рускиот научник Виктор Александрович Истрин, старословенската кирилица е создадена врз основа на грчкиот алфабет од ученикот на светите солунски браќа – Климент Охридски. Во неговото кратко житие, кое е зачувано само на грчки јазик, се вели дека Климент осмислил букви што биле појасни од оние што ги измислил мудриот Кирил.