Македонското научно-литературно другарство од Санкт Петербург, всушност, е класичен пример на споменатата културна мобилизација иницирана од припадници на една посебна заедница што ја продолжува мобилизацијата започната неколку децении порано, а која уште оттогаш беше наречена – македонизам! Тука спаѓаат раните македонисти, како Т. Гологанов, Пулевски, Стефан Дедов, А. Мишајков. Но предводници на научното другарство во Петроград во 1902 година сега се далеку поубедениот К.П. Мисирков и непоколебливиот Д. Чуповски. Токму убеденоста на првиот и непоколебливоста на вториот беа преточени во програмата и активностите на другарството. Ова прво македонско академско дело се обиде да ги внесе Македонците во духовната борба на словенската цивилизација како рамноправни со другите, но и различни од нив и да ги оттргне од националните интереси на соседите, што би имало катастрофални последици
Една од основните позиции на националните идеи отсекогаш била издигањето на културната свест. Државите, особено оние формирани по 1789 година, сѐ повеќе се повикуваат на националната култура на која тие самите претендираат и за која тврдат дека ја вклучуваат во себе како еден од најсуштинските елементи на нивниот сопствен идентитет. Националните движења ги легитимираат и ги потврдуваат своите права во рамките на една држава или против одредена држава со дефинирање на својот идентитет во културолошка смисла, јазик, етничка припадност, колективна меморија, во културна продукција, литература, уметност, музика и продукција на знаење, филологија, фолклор, пишување историја итн.
На тој начин преку овие активности тие го конструираат културниот идентитет на нацијата. Тоа е широко заснована социјална практика, која вклучува и производство на култура и производство на знаење, продуцирани од интелектуалци и уметници со своја внатрешна динамика, социјална агенда и мобилизирачка моќ. Интелектуалните и уметничките правци на културниот национализам се изучувани како дел од модернизирачката и национална динамика на Европа од 19 век.
Културниот национализам во таа Европа всушност ја спроведуваше својата агенда за социјална и политичка мобилизација. Во тој контекст поврзаноста меѓу политичкиот и културниот национализам е во основата на европската културна мобилизација и се разбира паралели и интеракции, но и разлики во рамките на овие процеси во контекст на националните движења можат да бидат пронајдени на многу поширок простор вклучувајќи ја и Македонија.
Овој краток вовед, всушност, сакам да го поврзам со Македонското научно-литературно другарство формирано во Петроград во 1902 г. Ова другарство, всушност, е класичен пример на споменатата културна мобилизација иницирана од припадници на една посебна заедница, кое ја продолжува мобилизацијата започната неколку децении порано, а која уште тогаш беше наречена македонизам.
Тука можат да бидат вклучени раните, сѐ уште неодлучни македонисти, како: Теодосиј Гологанов, Георгија Пулевски, Стефан Дедов, Диамандиј Мишајков. Но предводници на Научното другарство во Петроград се веќе далеку поубедениот Крсте Петков Мисирков и непоколебливиот Димитар Чуповски.
Токму убеденоста на првиот и непоколебливоста на вториот беа преточени во програмата и активностите на другарството. Ова, би рекол, прво македонско академско дело, се обиде да ги внесе Македонците во духовната орбита на словенската цивилизација како рамноправни со другите, но и различни од нив, и да ги оттргне од националните интереси на соседите што би имале катастрофални последици. За нив лутањето помеѓу две или три, повеќе или помалку блиски но сепак различни култури и идентитети, не дозволува да се постигне стабилен баланс на македонскиот дух со намера тој да ги препознае својата национална идеологија и културниот идентитет и да добие трајна идеја со своите вистински интереси, вредности и идеали.
Затоа не може да се смета за случајност формирањето на ова другарство и неговата програма и идеја, уште помалку тоа може да се каже за појавувањето на книгата на К.П. Мисирков „За македонските работи“ во 1903 година, во која тој предлага стандарден македонски јазик базиран на централните македонски говори. Затоа што тој знае дека издигањето на локалниот јазик на ниво на стандарден јазик е клучен елемент во градењето на чувството за припадност кон одредена етничка група во голем дел од европските етнички идентитети.
Исто така, таа книга го означи и почетокот на, како што тој и самиот го нарече, македонскиот национален сепаратизам затоа што тој повика на создавање словенска македонска нација со сопствен јазик и со посебен национален идентитет.
Извонредно индикативно е што таа книга и таа идеја се појавија многу кратко по стандардизацијата на бугарскиот јазик, кој е кодифициран во 1899 година врз основа на ортографијата односно азбуката на Марин Дринов, која содржела 32 букви. Факт што бара сериозно размислување и, секако, повеќеслојно разбирање на динамиката на културната мобилизација на една етничка заедница во компарација со сличните и блиски географски и духовно, но сепак различни културни политички идентитети. Тука, секако, се вклучени и повеќеслојното разбирање и проучување на литературата и интелектуалната историја на социјалната и културната историја итн.
Кога се зборува за македонската културна мобилизација, неможно е да се избегне и констатацијата за паралелноста на ваквата мобилизација со македонската револуционерна борба, која се одвиваше во исто време и која кулминираше со Илинденското востание. Тоа е едно од нивоата за кои може да се каже дека се надвор од нивото на јазикот и образовниот контекст, односно кои спаѓаат во доменот на политичкиот контекст. Чесно е да се каже дека овие два сегмента, односно политичко-револуционерниот и културниот не секогаш се разбираа меѓу себе.
Но нужно е да се спомне и фактот дека сите револуционерни движења што биле и се насочени кон создавање засебна државност речиси без исклучок стануваат национални движења.
Во спротивно се работи за т.н. иредентистички движења за одвојување на една држава и присоединување кон друга. За контекстот на македонската револуционерна борба, со голема доза сигурност може да се каже, да се тврди дека не е контекст на желба за присоединување кон друга држава и нација, или барем не во својата доминантна форма. И токму тоа ги насочува тие две мобилизации, тие две реки во едно исто море, односно ги соединува револуционерното движење и културната мобилизација на Македонците од крајот на 19 и почетокот на 20 век за постигнување на конечната цел македонска независна држава.
Оттука генерациите македонски интелектуалци, како и македонските револуционери што работеа и се бореа да ја издигнат свесноста за посебноста на Македонците и да го покажат и промовираат тоа пред другите народи имаат огромна заслуга за тоа зашто генерации по нив го препознаа и го зграпчија историскиот момент за време на големата антифашистичка војна и ја направија видлива и рамноправна македонската нација во рамките на федерацијата на јужнословенските народи.
Тоа беше сосема природен епилог на еден долг процес ништо поразличен и ништо помалку автентичен од преостанатите во соседството. Не само затоа што другарството и Чуповски го заслужуваат тоа туку затоа што и целокупната културна интелектуална мобилизација на Македонците од соодветниот период заслужува една таква сатисфакција и затоа што другарството како академско тело беше најсуштествената еманација на таа јасна и автентична македонска мобилизација.
(Пригодна реч по повод одбележувањето 118 години од формирањето на Македонското научно и литературно другарство – Петроград 1902 година)
Д-р Драги Ѓоргиев