На прашањето какви теренски активности планираат двете најголеми партии од македонскиот блок за претседателските избори, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека партиите, покрај класичното информирање на граѓаните, ќе започнат и со нови иновативни техники, различни од изминатите изборни циклуси
Информираноста на граѓаните, односно гласачите се смета за еден од најважните постулати на демократиите. На десетина дена пред официјалниот почеток на кампањата за изборите околу идниот шеф на државата, партиите веќе ги засилуваат теренските активности, што вклучува и посета на домовите на гласачите. Ако во минатото на домаќините им даваа рекламен материјал како пенкало, запалка, маица или, пак, локум, кафе и слично, деновиве одењето од врата на врата се прави на поинаков начин и некако пософистицирано.
Така, некои од партиите од македонскиот блок претставувањето на својата програма за идниот претседател на Македонија го осмислиле различно во споредба со минатото, па сега користат електронски помагала (таблети), фотоапарати и сл. Освен информации до граѓаните, се нуди и ажурирање на старото и новото членство преку електронски помагала, за да се побара и придобие што помасовна поддршка од граѓаните.
Имено, деновиве во јавноста излегоа информации дека некои од политичките партии преку своите теренски активисти, покрај анкетирањето на граѓаните за која политичка опција и кандидат би гласале на претстојните избори, им излегуваат во пресрет на гласачите, односно граѓаните, нудејќи им на самото место партиски пристапници, персонализирани електронски членски книшки, онлајн-видеоматеријал со аргументи, па дури и фотографирање за новите книшки на самото место доколку симпатизерите веднаш изразат желба да пристапат кон партијата. Ваквите техники, кои се новина за изборните кампањи во Македонија, за експертите се позитивна работа во споредба со политичкиот амбиент и систем што ги има земјата.
На нашето прашање какви теренски активности планираат двете најголеми партии од македонскиот блок за претседателските избори и дали се планираат нови иновативни техники со кои би се окрупнило членството и би се придобиле симпатиите на неопределените граѓани, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека париите, покрај класичното информирање на граѓаните, ќе започнат со иновативни техники во предизборниот период, различни од изминатите изборни циклуси.
Од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, не откриваат со какви предизборни техники и начини ќе се реализира кампањата, но велат дека теренските активности се со зголемен интензитет.
– ВМРО-ДПМНЕ постојано работи на терен. Како што рековме, активностите се во насока да се слушнат граѓаните, нивните мислења и маки во однос на актуелните политики на власта. Нашите активисти на граѓаните им ги презентираат политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кои се во насока на подобрување на условите за живот во Македонија. Активностите на терен се постојани и, нормално, се интензивираат секојдневно каде што сме помеѓу граѓаните. Тука се општинските комитети и разграноци за полесно пренесување на нашите ставови, а членовите на партијата во периодот што следува ќе вршат и посети на секое место и дом за да се слушне гласот на граѓаните одблизу – соопштуваат од најголемата опозициска партија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, кампањите со ајвари, наполитанки и чорапи беа обележје на СДСМ, и таквите техники за поткупување на граѓаните за ВМРО-ДПМНЕ се недозволиви, односно навредливи. Најголемата опозициска партија додава дека во овој момент во партијата се прават нови персонализирани членски карти за ажурирање на членството, но и на симпатизерите. Оттаму објаснуваат дека доколку граѓаните не се во можност да се фотографираат за членските карти ВМРО-ДПМНЕ, како почит кон старите, но и новите членови им се излегува во пресрет на граѓаните со бесплатно фотографирање и издавање членска карта подоцна од страна на партијата.
Од друга страна, партијата на власт, СДСМ, вели дека трендот на сензационализам преточен во иновативна интегрирана кампања на опозицијата со ширење невистини и лаги нема да се спроведува.
– Секако дека нашите активисти, членови и лидери ќе воведат иновации во информирањето на граѓаните во претстојниот период, кои ќе може да ги увиди јавноста набргу, но и покрај тоа, како партија ќе се држиме до класичното информирање на луѓето. Тоа е споделување на политиките и плановите на СДСМ што ја внесоа Македонија во НАТО и подоцна ќе ја внесат во ЕУ – информираат кратко од Социјалдемократскиот сојуз.
Во меѓувреме, за политикологот Милан Стефановски доаѓа време на предизборна кампања, каде што, според него, париите ќе делат „маренди од ветувања“, добропознатите мини-оброци за оние што го служеле воениот рок во армијата на поранешната југословенска држава, со кои ќе се бара поддршката од граѓаните за изборите. Стефановски оценува дека речникот што се користи во политичкиот натпревар, а кој ветува убав живот за граѓаните, е пријатен за слушање и привлекување приврзаници, но дека треба да има темелна основа, која ќе го поткрепи сето она што е понудено и кажано.
– Клучно за Македонија е да има понуда на нови концепти и иновации. Идејата не е само да се понуди нешто туку како ќе го направите тоа, дали има логична оправданост за тоа, дали имате аргументи како ќе го направите тоа. Од една страна слушаме дека имаме пренатрупана администрација, а од друга страна слушаме пак исто така дека ќе има покачување на платите. Тоа се концепти што се контрадикторни еден со друг. Дали преку овие нови техники на преставување пред граѓаните, со кои се фрла само прашина во очите, партиите ќе се обидат да ги потценат граѓаните или ќе ги придобијат, останува да видиме – оценува Стефановски.
Политикологот додава дека користењето нови техники за време на изборните кампањи е добредојдено, особено доколку тие се преземаат од западните демократии.