ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски во спрега со обвинети и осомничени лица прават сѐ за да и наштетат на правната држава – изјави на прес-конференција пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец.
Тој оцени дека барањето да се разрешуваат судии уште еднаш потврдува дека оваа партија не сака да се расчисти случајот „Империја“ во која главен осомничен е, како што вели, тајкунот на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Камчев.
– ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена брани криминал и криминалци од сопствените редови. Јасно е дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ прават сѐ за да не се донесе Законот за Јавно обвинителство и истрагите и предметите на СЈО во кои се обвинети функционери на опозицијата да не добијат правен епилог. Со тоа ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски го поткопуваат правниот систем и остануваат на браникот на криминалот во сопствените редови – рече Локвенец.
Тој ги повика инстутуциите целосно да го расчистат предметот во јавноста познат како Рекет, како и сите отворени истраги и предмети.
– Колку и да не им се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ, Законот за јавно обвинителство обезбедува независно, стручно и објективно постапување, и тој Закон ќе биде донесен – заклучи Локвенец.