Оваа практика не е од вчера, туку се провлекува на секои локални избори изминативе три децении и затоа граѓаните, наместо градоначалник што ќе биде во нивна служба за локалните потреби, најчесто добиваат партиски претставник, кој во преден план ги става партиските наспроти пошироките граѓански јавни интереси
Кандидат за градоначалник по вкус на партискиот лидер, а не на граѓаните
Кампањата за локалните избори официјално почна на почетокот од оваа недела, но граѓаните повторно, наместо да добијат кандидати што ќе бидат нивен сервис, добиваат кандидати што се по мера на партискиот лидер.
Тоа најдобро се отслика на воведните партиски митинзи на почетокот на кампањата, каде што партиските лидери беа тие што ги промовираа кандидатите за градоначалници и советници, истакнувајќи дека тоа е најдобриот избор што тие го направиле, наместо нивна промоција да биде програмата што ја нудат пред граѓаните.
Оваа практика не е од вчера, туку се провлекува на секои локални избори изминативе три децении и затоа граѓаните, наместо градоначалник што ќе биде во нивна служба за локалните потреби, најчесто добиваат партиски претставник, кој во преден план ги става партиските наспроти граѓанските интереси.
Неколку дена од почетокот на кампањата, мистерија за граѓаните останува и програмата на кандидатите, која кај повеќето партии ниту е отпечатена ниту, пак, некој ја видел. Тоа не им остава доволно време на гласачите да ја проучат и да одлучат кој кандидат најдобро би одговорил на нивните локални потреби. Партиите тактизираат со објавувањето на програмите за да не ги откријат адутите пред политичкиот опонент, а во меѓувреме кандидатите на разни настапи се расфрлаат со разни ветувања, кои најчесто ги надминуваат капацитетите на локалната самоуправа.
Во развиените демократски општества локалните избори се сфаќаат како натпревар за изградба на пофункционални општини, со уредени улици, тротоари, канализации, ефикасна локална администрација, и затоа се бара од кандидатите да излезат со програма што гласачите ќе можат добро да ја проучат и врз основа на своите потреби да го дадат својот глас за оној што сметаат дека најмногу им одговара.
И не само тоа, тие се обврзани да се држат до ветеното во програмата и да ги остварат сите најавени проекти, во спротивно се смета дека манипулирале со своите гласачи и тие може да го отповикаат градоначалникот ако не се задоволни од неговото работење.
Кај нас тоа не е така и затоа практиката лидерот да го избира кандидатот за градоначалник што смета дека е најдобар за него продолжува и натаму да функционира, бидејќи тој речиси секогаш е убеден во исправноста на своите постапки, без оглед што не ги знае локалните потреби.
– Во оваа земја локалните избори со години се сфаќаат како да се парламентарни, буквално да се биде или не. Државата ни тоне, а ваму премиери, министри, функционери се растрчале низ цела држава, небаре тие треба да прават тротоари, паркчиња, лулашки… Нам ни треба локална власт што ќе ги решава нашите локални проблеми, а централната власт треба да се грижи за пошироката слика на државата – вели Филип Јовановски, ликовен педагог.
Тој додава дека кандидатите за градоначалници на граѓаните им нудат брда и долини само да гласаат за нив, а кога ќе го добијат мандатот никаде ги нема.
– Сакам да видам развојна програма и да знам што ми нуди секој кандидат уште првиот ден, а не програмите да се објавуваат една недела пред гласањето, бидејќи партиите тактизираат и се надмудруваат меѓу себе. Сакам да имам доволно време да ја прочитам програмата, да видам дали кандидатот нуди реално остварливи проекти што мене ми се важни или станува збор за празни ветувања. Во нашава Македонија секоја локална власт досега се активира само на месец-два пред избори, а кога ќе ги изберат, го преспиваат целиот мандат – потенцира нашиот соговорник.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски, коментирајќи ги ваквите практики за ангажманот на партиските лидери при промоцијата на кандидатите за градоначалници, вели дека тоа е резултат на немањето демократски капацитет во самите партии.
– Кај нас веќе 30 години лидерот одлучува за кандидатите за градоначалници и советници наместо тие да произлегуваат од самата средина од која потекнуваат, се разбира врз основа на нивниот квалитет и способност, како и на проектите што би им ги понудиле на граѓаните во својата општина. Едноставно се изместија критериумите за демократија и демократски процеси – истакнува Давитковски.
Според него, ова што се случува сега со кампањата за локалните избори е резултат на немањето утврдени правила на игра.
– Ние немаме утврдени правила на игра, а демократијата е процедура. Ако немаме утврдени правила на игра, ако немаме процедура во делот на тоа кој може, како може, што може, колку може, едноставно веќе не може да зборуваме за демократија – категоричен е професорот Давитковски.
Тој се осврна и на практиката да не се објавуваат навреме изборните програми, со забелешка дека и кога ќе се објават, со предвидените проекти излегуваат од надлежностите на локалната самоуправа.
– За изборните програми е ирелевантно да се зборува. Во нив се најавуваат вработувања, проекти од областа на екологијата, економски развој и слично, што нема никаква врска со локална самоуправа. Општините имаат поинакви надлежности, а тие се толку маргинализирани, што едноставно сè е ставено во функција на актуелната политика, а не за доброто на граѓаните – смета Давитковски.
Според него, во земјава целосно е изместена сликата за локалните избори, кои се доживуваат како плебисцит.
– Кај нас локалните избори се доживуваат како плебисцит, наместо избор на луѓе што ќе ги решаваат секојдневните проблеми на граѓаните што живеат во некоја општина. Наместо да бидат сервис на граѓаните, да бидат во функција на уставно загарантираните права на луѓето, централната власт ја води кампањата за локалните избори. Сè додека граѓаните тоа го дозволуваат, тоа ќе поминува. Додека не се демократизираат политичките партии, во Македонија нема да има демократија – заклучува професорот Давитковски, наедно упатувајќи критика до невладиниот сектор затоа што не реагира на ваквите појави.