На Скопје треба да му се даде сигнал и да ги почне преговорите со ЕУ, смета поранешната француска министерка за европски прашања Натали Лоазо во изјава за „БНР“, додавајќи дека не може да има откажување од земјите кои вложиле напори, под образложение за проблемот со Грција, а сега и со Бугарија.
– Никој не вели дека утре, во 2022 година, Северна Македонија ќе влезе во ЕУ. Велиме дека треба да почнат преговори, за време на кои сѐ ќе биде ставено на маса – изјави Лоазо.
Таа не даде директен одговор дали постои француска иницијатива за за надминување на билатералниот спор меѓу Бугарија и Македонија.
– Се надевам дека овој спор ќе биде решен, бидејќи би сакала преговорите со Северна Македонија да започнат брзо. Таа вложи огромни напори за да се приближи до европските очекувања. Истото се надевам и за Албанија. Знаеме дека претстои долг пат, ќе бараме резултати, бидејќи има нова методологија за проширувањето – истакнува Лоазо.