Најчестите симптоми биле замор, замор по напор (каде што здравјето на луѓето се влошува по физички или ментален напор) и мозочна магла.
Другите ефекти вклучуваат визуелни халуцинации, тремор, чешање на кожата, менструални промени, сексуална дисфункција, срцебиење, проблеми со контролата на мочниот меур, херпес зостер, губење на меморијата, заматен вид, дијареја и тинитус итн.
НАЈобемна СТУДИЈА за здравствената состојба по прележан ковид-19
Дали постковид-проблемите се сериозни, колкав процент од луѓето по прележувањето на болеста се соочиле со последици, кои се најчестите симптоми и има ли лек, решение за состојбата во која се наоѓаат?
Сите овие прашања се дел од најголемата научна студија, која открива дека за некои луѓе прoблемите не завршуваат со прележувањето на болеста, туку напротив тогаш почнуваат.
Најголемата меѓународна студија досега за луѓе што се борат со продолжен ковид, идентификувала повеќе од 200 симптоми на постковид-состојбата.
Истражувањето открива серија постковид-состојби што сериознo им влијаат на луѓето и траат со месеци.
Преку оваа студија биле анкетирани 3.762 лица со потврден или осомничен долгорочен ковид од 56 земји. Биле идентификувани 203 симптоми, од кои 66 биле следени седум месеци.
Најчестите симптоми биле замор, замор по напор (каде што здравјето на луѓето се влошува по физички или ментален напор) и мозочна магла.
Другите ефекти вклучуваат визуелни халуцинации, тремор, чешање на кожата, менструални промени, сексуална дисфункција, срцебиење, проблеми со контролата на мочниот меур, херпес зостер, губење на меморијата, заматен вид, дијареја и тинитус.
Околу 22 отсто од луѓето што учествувале во истражувањето изјавиле дека не можат да работат поради болест, па затоа биле отпуштени, зеле продолжено боледување или инвалидско отсуство или поднеле оставка. Дури 45 отсто барале намален распоред за работа.
Голготата не завршува со прележувањето
Искуството и во Македонија покажува дека состојбата е слична.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека полека станало јасно дека за околу една третина од прележаните од ковид-19, голготата не завршува со прележувањето.
– Таа, всушност, за нив почнува, дури тогаш! Тие стануваат жртва на т.н. постковид-синдром или „долготраен ковид“. Наречен е „синдром“, зашто се јавуваат симптоми буквално од сите органски системи – досега идентификувани над 200! Сепак, најчести се т.н. „мозочна магла“, хроничен замор, отежнато дишење, покачена температура, нешто над 37 степени. Тоа го нарушува квалитетот на секојдневното живеење. Луѓето се принудени да земаат боледувања, „шетаат“ од доктор до доктор – барајќи спас… Најчесто – залудно! Најчесто таа голгота трае до шест месеци – објаснува тој.
Според него, нема сѐ уште доволно време поминато за да се види дали ќе трае и подолго. Но вели дека веќе е јасно оти ковидот двапати „удира“!
– Прво, во својата акутна фаза и вторпат одложено, во форма на мултисистемски растројства! И стана јасно – исто така – дека „вториот удар“ бара мултидисциплинарен пристап, за да се спаси што може да се спаси! – посочува тој.
За жал, Даниловски посочува дека некои завршуваат со оштетување на панкреасот, поради што добиваат дијабетес, други се со оштетени бубрези, трети, пак, со оштетен срцев мускул, четврти со нервни растројства, петти се со трајна склоност кон создавање тромб… итн.
– Објаснувањето лежи во фактот што ковид-19 е најмалку само респираторно заболување. Точно е дека вирусот доминантно навлегува преку респираторниот систем, за потоа да ги нападне сите органски системи, па дури и мозокот! Како? Сите органи се проткаени со мрежа на крвни садови – општо позната вистина. Се согледа дека ковидот претставува едно генерализирано воспаление на сите крвни садови во организмот – генерален васкулитис! Како последица настанува склоност кон формирање тромби и оштетување на функцијата на одделни органи, со неизвесен исход, објаснува епидемиологот.
Според него, оттаму, само специфичната заштита со вакцинација претставува единствен начин човек да не се инвалидизира.
– Се разбира, има поединци што тврдоглаво ја пикаат „главата в песок“ и остануваат глуви и слепи пред евидентните факти. Се покажа дека не е можно да го сменат своето мислење. И тука ништо не може да се стори. Секој со својот памет. Есента е на прагот – заклучува Даниловски.
Симптомите продолжуваат и до шест месеци
Истражувачите исто така ја фатиле прогресијата на симптомите со текот на времето, од мозочна магла и халуцинации до тремор и тинитус, кои вклучуваат 10 органски системи во телото, а една третина од симптомите продолжуваат да влијаат на пациентите најмалку шест месеци.
– Многу клиники за пост-ковид во Велика Британија се фокусирале на респираторна рехабилитација. Точно е дека многу луѓе имаат тешкотии при дишењето, но тие имаат и многу други проблеми и симптоми што клиниките треба да ги третираат – посочила Атина Акрами, научничка од Универзитетскиот колеџ во Лондон, за британски „Гардијан“.
Таа тврди дека ги чувствува последиците од ковид, иако се разболе од оваа болест пред 16 месеци.
– Десетици илјади пациенти со ковид веројатно ќе страдаат во тишина, не се сигурни дека нивните симптоми се поврзани со ковид-19 – тврди таа.
Како е во соседството?
И докторите во Србија велат дека пациентите што имаат проблеми со продолжен ковид обично се соочуваат со замор, отежнато дишење, но и треска.
– Најчестиот симптом е замор или малаксаност кај пациенти по лежење, а ова чувство на беспомошност може да трае и до шест месеци по престанувањето на другите симптоми на болеста. Дури и кога лабораториските наоди се во ред. Исто така, често се појавуваат температури. Обично станува збор за ниска температура, околу 37 степени, што повремено може да се појави до три месеци по лежењето. А она на што најмногу се жалат, е дека имаат тешкотии при дишењето – велат тамошните доктори.
Според нив, треба да се направи разлика помеѓу чувството на отежнато дишење како последица на продолжен ковид и компликациите во белите дробови предизвикани од коронавирусот.
– Чувството на отежнато дишење може да помине во одреден момент, обично и да престане по неколку месеци. Сепак, оштетувањето на белите дробови што се јавува како компликација на ковид е многу честа појава. Пациентите со овие последици продолжуваат да живеат, односно ваквите состојби никогаш нема да поминат – додаваат тие.