Уметникот Живко Поповски-Цветин на железничката станица во Куманово го пречекаа ученици од две основни и едно средно училиште, при што заедно пуштија балони и на тој начин ја испратија пораката дека мирот е најзначајната работа во светот
Уметникот Живко Поповски-Цветин, по повод Светскиот ден на мирот, кој се одбележува на 21 септември, организира ликовна работилница во возот што сообраќа на релацијата Скопје – Куманово. Уметничките дела им ги подари на патниците и на вработените, а на железничката станица во Куманово им ги подари на ученици од две основни и едно средно училиште, кои срдечно го пречекаа.
Потоа учениците и наставниците од основните училишта „Толи Зордумис“ и „Јероним де Рада“ и од гимназијата „Гоце Делчев“ и уметникот Цветин пуштија балони и на тој начин ја испратија пораката дека мирот е најзначајната работа во светот.
Во чест на Светскиот ден на мирот, им ги подарив моите уметнички дела на учениците и претставниците на Сојузот на просветни работници. Пријатно бев изненаден кога видов дека голем број ученици се вклучија во одбележување на денот, бидејќи тоа значи дека нивните професори ги упатиле во неговото значење и тие ќе знаат да го одбележуваат и во иднина – изјави Живко Поповски-Цветин
Во оваа пригода, Лидија Георгиевска Николовска, претседателката на Сојузот на просветните работници, истакна дека учениците преку процесот на образование учат за мирот и неговото одржување.
Во придружба на Цветин беше и познатиот македонски шахист Димитар Илиевски, кој оваа година во чест на легендарниот Блаже Коневски ќе одигра сто партии шах.