Ние мора да создадеме општество засновано од индивидуалци, не од колективни групи и граѓани, не од етнички групи. Моја визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно да создадеме општество засновано на доверба, знаеше да каже Трајковски
Денеска се навршуваат петнаесет години од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа во близината на Мостар. За животот и делото на Трајковски вчера во Владата се организира и панел-дискусија на тема „Лидерство засновано на вредности – од принципи до реализација“.
– Во услови кога немаше доволно лидерство, Борис Трајковски излезе храбро, не мислејќи на својот рејтинг, туку беше таму каде што ѝ беше потребен на својата татковина – изјави во воведното обраќање шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Тој понатаму додаде дека Трајковски беше еден од столбовите врз кои ја зачувавме нашата Македонија.
Поранешниот хрватски претседател Стјепан Месиќ рече дека добро се познавал со Трајковски и дека сега во неговата татковина се остваруваат неговите визии.
– Мојата визија е мир, мојата визија е просперитет – знаеше да рече Трајковски, додаде Месиќ.
Поранешниот албански претседател Алфред Муслиу истакна дека често напоменувал дека на балканските земји им е потребен лидер како Трајковски.
На панел-дискусијата, предводена од министерот за надворешни работи Никола Димитров, присуствуваа и други истакнати политичари, односно поранешни претседатели на држави и влади што претходно соработувале со македонскиот претседател.
Борис Трајковски е роден во Струмица, во 1956 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1980 година. Специјализирал деловно право и право на работни односи.
Од 21 декември 1998 година е заменик-министер за надворешни работи на Република Македонија во десноцентристичката влада предводена од Љубчо Георгиевски.
За претседател на Република Македонија беше инаугуриран на 15 декември 1999 година, наследувајќи го Киро Глигоров.
За време на неговиот мандат, тој беше посветен на демократските идеали и на евроатлантската ориентација на Република Македонија, а голема улога одигра и во надминување на воената криза од 2001 година.
– Ние мора да создадеме општество засновано од индивидуалци, не од колективни групи и граѓани, не од етнички групи. Моја визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно да создадеме општество засновано на доверба. Ние го правиме тоа, но не е доволно само да се зборува за демократија, а истовремено да се дозволува цветање на криминалот и корупцијата – велеше Трајковски во своите говори.
Неговата смрт остана обвиена со превезот на мистеријата. Владиниот „кингер“ исчезна од радарите на 26 февруари 2004 година, кога наближуваше до аеродромот во Мостар, каде што Трајковски заедно со својот тим требаше да присуствува на меѓународна конференција. Потрагата по остатоците од леталото во атарот на Матиќ Брдо, кај селото Ротимље, траеше доста долго, што дополнително ги зголеми сомнежите дека како да се сака да се скрие нешто од јавноста.
Локалните жители изјавуваа дека виделе припадници на СФОР како со бели џипови го обезбедуваат местото и никого не пуштале да помине таму, а местото на несреќата беше откриено дури 24 часа по падот на авионот.
Досега беа извршени две истраги во кои се истражуваше инцидентот. И во двата извештаја, кои се разликуваат, како причина за падот на „кингерот“ се наведуваат пилотски грешки и други индиректни системски пропусти.
Во 2013 година, тогашната македонска влада побара да биде започната нова истрага, која ја водеше Омер Кулиќ. И тогаш беа преслушани снимените разговори меѓу пилотите и разговорот со контролата на летање. Како главна причина за падот била наведена пилотска грешка, но остана нејасно зошто е пренасочена локацијата каде да се бара авионот, иако Кулиќ тврдеше дека контролорот на летање го знаел местото каде што паднал авионот.
Во авионската несреќа, освен претседателот, загина и осумчлената македонска делегација што патуваше на меѓународна конференција во Мостар.
Делегацијата ја сочинуваа портпаролката на претседателот Трајковски, Димка Илкова Бошковиќ, советниците на претседателот Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот Марко Марковски и Бранко Ивановски.