Процените се дека со ова темпо на вакцинација, од над 10.000 дози на ден, Македонија до крајот на летото би имала над 500.000 вакцинирани со две дози вакцина, што, според епидемиолозите, е солидна бројка, заедно со лицата што веќе ја прележале болеста, да не се стравува од нов голем бран
Опасноста од нов голем корона-бран постои, како да се спречи
Постои ли опасност од нов есенски бран на ковид-19 и со какви размери може да се соочат државите е дилемата за која уште сега предупредуваат светските епидемиолози, доколку државите не постигнат доволен процент на имунизирано население и доколку се појават нови мутации на коронавирусот. Олабавувањето на марките и отварањето на границите ќе значи и зголемено движење, а со тоа и зголемен ризик за пренос на нови мутации. За Македонија е клучна вакцинацијата, велат епидемиолозите, која треба да продолжи со темпото што се одвива и досега, со над 10.000 лица дневно вакцинирани.
Од почетокот на масовната имунизација во Македонија досега има над 26.000 лица што ги примиле двете дози вакцина, а над 180.000 лица што примиле една доза. Процените се дека со ова темпо на вакцинација, од над 10.000 дози на ден, Македонија до крајот на летото би имала над 500.000 вакцинирани со две дози вакцина, што, според епидемиолозите, е солидна бројка, заедно со лицата што ја прележаа болеста, за да не се стравува од нов голем бран.
Колку повеќе вакцинирани, толку помалку рестрикции
Што и како треба да направат државата и надлежните институции за да не ни се повтори ланското сценарио. Ова е клучната дилема за јавноста, која како да е веќе преморена од последиците од пандемија, која трае предолго.
Последното олабавување на рестриктивните мерки во земјава следуваше по намалувањето на бројот на новозаболени и хоспитализирани од коронавирусот во изминатиот период и намалувањето на притисокот врз болничките капацитети. Новите мерки што Владата ги усвои ќе важат до 18 мај годинава.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека денеска ќе се одржи состанок на Комисијата за заштита од заразни болести, на кој ќе се разгледаат податоците од последниве две недели и ќе се донесе конечната одлука за дополнително олабавување на мерките за заштита.
Сепак, тој потенцира дека сѐ уште важи мерката за носење маски на отворено за сите граѓани, како и за оние што се вакцинирани, и покрај тоа што некои земји ја укинуваат таа забрана.
Земјите во регионот веќе размислуваат на олабавување на мерките, со оглед дека таму процесот на вакцинација почна неколку месеци пред нас.
Српската премиерка Ана Брнабиќ најави дека се размислува од 21 јуни да ја отворат Србија за прослави, но за тоа треба да имаат целосно вакцинирани 50 отсто од полнолетната популација.
Вакцинацијата е прашање на националната безбедност. Од 21 јуни сакаме да ја отвориме Србија за прослави, свадби, родендени, но за тоа мора да имаме 50 отсто вакцинирани од полнолетната популација. Сега сме над 40 проценти – изјави Брнабиќ.
Колективниот имунитет полека но сигурно се крева
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека ако тераме со „чекори од седум милји“ со вакцинирањето, како што го правиме тоа, но и ако продолжи да се намалува процентот на незаинтересирани граѓани за вакцина, а тоа ќе се случува, имајќи ја предвид незапирливата страст на нашиов човек по грчкото море, есента нема да ја дочекаме без одбрана од можен бран.
– Колективниот имунитет полека но сигурно се крева, во моментов природно, а за месец-два и преку вакцинирањето (сега дадените вакцини ќе пројават ефект дури по месец-два). Дури и кога би се појавил однекаде некој мутант (кој и да е), стекнатиот имунитет, сепак, ќе му претставува пречка. Добро е што (ќе) се ставаат во карантин патници од земјите во кои мутанти циркулираат, засега Бразил и Индија, но листата треба да се прошири. Тоа е работа на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство – посочува Даниловски.
Според него, за целосно да се тргнат ограничувањата, неопходно е прво да се задоволи стручниот критериум, двонеделниот просек на нови случаи да се спушти на околу 20 на 100.000 жители.
Недоумици дали кинеската и руската ќе поминат во ЕУ
Министерството за здравство на Австрија посочило дека лицата што биле вакцинирани во странство со руска или кинеска вакцина против коронавирусот нема да бидат третирани како вакцинирани, односно нема да можат да користат угостителски услуги, хотели, фризери без негативен тест.
„Зелениот пасош“ што Австрија го воведува како „билет“ за угостителски објекти, базени и хотели, нема да може да вклучува вакцини што не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), поточно руската „Спутник“ и кинеската „Синофарм“.
Дали македонските граѓани што се вакцинирани со овие две вакцини ќе можат да патуваат во земјите-членки на Европската Унија?
Според министерот Филипче, граѓаните ќе можат да патуваат во земјите на Европската Унија со примени вакцини што се одобрени од Европска агенција на лекови и Светската здравствена организација.
Министерот Филипче посочи дека во Грција ќе може да се патува со примени вакцини што се даваат кај нас.
– Не верувам дека ќе има дискриминација во земјите-членки на Европската Унија во односот на типот на примена вакцина. Тоа беше спомнато и на состанокот со комесарот Оливер Вархеи. И кинеските од двата производители, руската вакцина, вакцината на „Фајзер“ и вакцината на „Астра Зенека“ ќе бидат прифатени – посочи Филипче.
Вакцини има, приоритет им се дава на повозрасните граѓани
Во земјава веќе пристигнаа околу 40 илјади дози од вакцината „Астра Зенека“ обезбедени преку механизмот „Ковакс“, како и 100 илјади вакцини од кинески „Синофарм“, кои се донација од кинеската армија.
Од новите дози на „Астра Зенека“, 24 илјади ќе бидат наменети за ревакцинација, а со преостанатите ќе се вакцинираат оние граѓани над 70 години што дополнително се пријавиле за вакцинација.
Приоритет, како што изјави министерот за здравство, ќе им се даде ним, а младите ќе причекаат за вакцинација.
– Продолжуваме да ставаме акцент на постарите граѓани, дополнително пријавени по пресекот од 30 април, кога беа пријавени вкупно околу 140 илјади граѓани. Сега се вкупно околу 160 илјади граѓани. Околу девет илјади од овие дополнително пријавените се граѓани над 70 години и со нивниот опфат околу 42 проценти од вкупно население над 70 години ќе бидат вакцинирани – изјави Филипче.