Лекарите и медицинскиот персонал, кои веќе со месеци се на првата линија во борбата против коронавирусот, не само што се преморени туку се соочуваат и со целосно непочитување на нивниот труд. Последниот инцидент во градската општа болница „8 Септември“, кога роднини на почината пациентка од ковид-19 сакале насилно да го земат телото, без да се спроведе соодветниот протокол, не е и прв таков случај. Ќе преземе ли некој нешто за да ги заштити овие луѓе? Ќе проработи ли свеста на граѓаните дека докторите и медицинарите не се машини и роботи, туку луѓе од крв и месо, кои без ден одмор се обидуваат да спасат пациент повеќе од вирусот што секојдневно одзема човечки животи? Конечно, зошто луѓето демонстрираат вакво непочитување кон лекарите?
Директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Христијан Костов, вели дека завчерашниот случај е трет ваков посериозен инцидент од почетокот на пандемијата во земјава што се случил во оваа болница. Во меѓувреме имало помали инциденти, кои ги спречувало обезбедувањето на болницата.
– Пред три недели имавме уште еден ваков случај на напад на пациенти врз доктор. Докторите се безбедни, имаме обезбедување пред болницата, а постојано има и полициска патрола, која доаѓа веднаш на повик. Луѓето се агресивни, особено кога ќе им почине некој близок од семејството, но тоа не е резултат ниту на нивната недоверба кон здравствениот систем или кон лекарите, зашто мораме да сфатиме дека овој вирус е пандемиски и во целиот свет се случува истото тоа. Најголемиот товар го носат лекарите, особено во оваа болница, која работи исклучиво со најтешките случаи заразени од ковид-19 – објаснува доктор Костов.
И в.д. директорот на Центарот за јавно здравје, д-р Александар Стојанов, вели дека нервозата и паниката се присутни секаде, зашто состојбата со ширењето на вирусот трае предолго и преоптовареноста најмногу паѓа врз медицинскиот персонал во болниците.
– Кадарот е преморен, капацитетите се речиси исполнети и целата таа атмосфера ја прави нервозата кај граѓаните. Немаме бројка колку често се случуваат напади врз доктори, сега немаме време за правење такви статистики – посочува д-р Стојанов.
Министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук-профил го осуди последниот напад врз докторката во градската општа болница „8 Септември“, од семејство на пациентка што по неколку дена болничко лекување почина од коронавирусот.
– Ова е чин на крајно непочитување на сите здравствени работници, кои повеќе од четири месеци деноноќно се борат за секој човечки живот. Ова е дискредитација на нивната работа, нивниот труд и жртва, ризикот на кој се изложени и одрекувањата. Овие луѓе со месеци ги немаат видено своите семејства, ги немаат прегрнато своите најблиски, немаат ден одмор и оддишка од напорната работа. Најостро го осудувам овој инцидент. Колегите што се борат со над 100 пациенти сместени во болницата заслужуваат само поддршка и разбирање, а не закани.
Цврсто сум уверен дека тие постапиле професионално и во согласност со протоколите и ги повикувам надлежните да го истражат случајот и да постапат соодветно – порача министерот Филипче.
Инаку, синот на починатата жена, кој насилно сакал да го земе нејзиното тело од ГОБ „8 Септември“, е пренесен во државен карантин, кој ќе треба самиот да го плати откако беше утврдено дека е позитивен на ковид-19, а дополнително за него ќе биде поднесена кривична пријава за непостапување по здравствените прописи и предизвикување инцидент поради кој, освен него, беа приведени уште пет лица.