Фото: Маја Јаневска-Илиева

На некои од пазарите на отворено се продаваат јајца, урда, сирење од канти, колбаси, месо, млеко и други производи наместо истите тие да се чуваат во фрижидери и разладни витрини. Колку оваа практика претставува опасност по здравјето на граѓаните? Експертите порачуваат дека ништо не треба да биде надвор од разладните витрини повеќе од два часа

ВЛИЈАНИЕТО НА ВИСОКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ И ПРОДАЖБАТА НА ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ НА ОТВОРЕНО

Високите надворешни температури носат различен вид опасности по здравјето на граѓаните. Во таа насока голем ризик може да бидат и прехранбените производи што подолго време стојат на отворено изложени на надворешна температура, како на пример одредени лесно расипливи производи што се продаваат на зелените пазари. На некои од пазарите, на пример, на отворено се продаваат јајца, урда, сирење од канти, колбаси, месо, млеко и некои други производи наместо истите тие да се чуваат во фрижидери или во разладни витрини. Колку оваа практика претставува опасност по здравјето на граѓаните?
Од Одделението за исхрана при Институтот за јавно здравје велат дека ниту еден прехранбен производ на овие високи надворешни температури не смее да се продава надвор од разладните витрини. Во Одделението за заштита на потрошувачите при Агенција за храна и ветеринарство, годинава е евидентирана само една пријава по оваа основа. Претставката се однесува за продажба на прехранбени производи (свежо млеко, месо, колбаси, кромид, компири, овошје) надвор од градски пазар, односно, во негова непосредна близина. Одделението за заштита на потрошувачите во првите шест месеци евидентирало вкупно 205 претставки од граѓани, од кои 86 се однесуваат на безбедноста на храната. Од АХВ информираат дека по постапувањето од страна на инспекциските служби се издадени 21 решение за отстранување на недоследностите, 11 глоби, четири едукации и поднесени се една кривична и една прекршочна пријава. Уништени биле 3.856 килограми небезбедна храна.

– Од АХВ, веројатно, имаат регулатива кои производи смеат да се продаваат на зелените пазари, а кои не смеат. Но на зелените пазари, освен продажбата на тезгите, има и продажба во продавници во кои се продаваат и други производи, кои можат да бидат изложени на бактериска контаминација, како производи од животинско потекло и производи што можат да содржат сурови состојки. Најопасни се сега кечапот и мајонезот. Ако долго стојат на отворено, надвор од фрижидер, јајцата можат да бидат опасни, сувомесните и млечните производи, како урда и сирење во канти. За да испитуваме ние еден производ како мостра не треба да поминат повеќе од шест часа, но нема јасна дистинкција за тоа колку часа се потребни за нешто да биде опасно за консумација. Ништо не треба да биде надвор од разладните витрини повеќе од два часа. Ако се донесе во канти, треба и веднаш да се продаде. Некои пазари се добро опремени и таквите производи како урда и сирење се продаваат во посебни делови со разладни уреди, како на пример пазарите во Битола, Прилеп – нагласува д-р Игор Спировски, раководител на Одделението за исхрана во Институтот за јавно здравје.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека и на зелените пазари мора да има безбедносен систем за храната што се продава.

– Обврска на секој оператор со храна, вклучувајќи и на операторите со зелените пазари, е да воспостави систем на безбедност во сите процеси, почнувајќи од примарното производство, преработката, трговијата и дистрибуцијата на храната. За да се исполнат законските услови за безбедност, неминовно е покрај општите услови да се исполнат и посебни услови што се однесуваат на преземање соодветни хигиенски мерки, обезбедување усогласеност со микробиолошките критериуми, чување на храната на соодветна температура и слично. На зелените пазари, особено во оние каде што се продава и храна од животинско потекло, обврска на операторот е да обезбеди разладни уреди – фрижидери, клима-уреди и слично, со кои ќе се обезбеди посебен температурен режим за транспорт, чување и продажба на храната, односно ќе се испочитува т.н. ладен синџир – објаснуваат од АХВ.
АД „Скопски пазар“ управува со 13 зелени пазари со капацитет од околу 2.900 продажни места-тезги, а оттаму одговорните велат дека постојано ги осовременуваат условите за продажба.
– „Скопски пазар“ АД Скопје како организатор на пазарите има обезбедено разладни комори за сите закупувачи што продаваат млечни производи. За сите други што евентуално продаваат производи за кои е потребно да бидат во разладни уреди, а ги продаваат на отворено, тоа го прават на сопствена одговорност и истите тие подлежат на контрола од надлежните инспекции – вели Младен Дамев, генерален директор на АД „Скопски пазар“.
Од здружението на пазарџии „Просперитети“, пак, сметаат дека операторите со зелените пазари во земјава треба да вложат многу повеќе во осовременување на условите за продажба и дека треба да создадат услови и за оние што се занимаваат со таканареченото традиционално производство.
– Водиме петнаесетгодишна борба за осовременување на зелените пазари, за да добиеме можност некои производи што сѐ уште се продаваат на отворено да се продаваат во разладни витрини или посебни климатизирани простории. Некаде во 2011 година, АХВ предлагаше да се забрани продажба на јајца, сирење, маслинки, некои видови сувомесни производи, како што се продаваше суџук во картонски кутии на Бит-пазар. Ние и тогаш баравме разладени простори за продажба на ваквите производи, сувомесните се тргнаа, ама јајца и маслинки сѐ уште се продаваат на отворено. Тогаш од АХВ дури сакаа да ги задолжат тезгаџиите сами да си создадат услови за продажба на ваквите производи. За среќа, сега има некои пазари што имаат такви разладни витрини, но на сите пазари мора да биде испочитуван ХАСАП-системот за основни хигиено-технички услови за продажба.

На зелените пазари влегуваат и традиционалните производители, некоја бабичка или дедо со канта урда или сирење, па операторите на зелените пазари и за нив треба да создадат услови да можат да ги продаваат своите производи во адаптирани простори кога имаме вакви високи надворешни температури. Традиционалното производство не може и не треба да се спречи, а во тој дел условите се катастрофални и потребно е тоа и законски и практично на пазарите да се регулира. Не е ниту многу тешко ниту пак е голема инвестиција, само малку треба да се вложи – смета Екрем Долек, претседател на Комората на трговци и на здружението на пазарџии „Просперитети“.


АХВ апелира да се купува храна од одобрени објекти

Во услови на зголемени температури, а со нив и зголемен ризик за расипување на храната, од АХВ апелираат до граѓаните храна да купуваат од одобрени и регистрирани објекти што ги имаат имплементирано безбедносните системи, а како потрошувачи да внимаваат и на означувањето на производите и каде и како истите тие се чуваат.
– Како одговорна институција за безбедноста на храната ги охрабруваме граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната да ја пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, но и лично, или на електронската пошта [email protected] – порачуваат од АХВ.