Доколку Ципрас му се јави на Мицотакис да го информира за договорот за името, тогаш лидерот на опозициската Нова демократија ќе побара расправа во парламентот пред да се потпише договорот, откри одговорниот за надворешна политика во најголемата грчка опозициска партија Јоргос Кумуцакос, при гостувањето во емисија на државната телевизија ЕРТ.
Кумуцакос вели дека пред Преспа и пред било каква одлука или договор, потребно е да се информираат и парламентот и граѓаните, бидејќи смета дека и самото потпишување ја обврзува земјата, а Ципрас нема мнозинство и единство во неговата влада, со оглед на тоа што коалициониот партнер Панос Каменос е против сложено име со терминот Македонија.
– Ципрас нема политички легитимитет да ја обврзе земјата, бараме итна расправа во парламентот, за грчкиот народ да дознае, пред да се обврзе, што содржи договорот – вели Кумуцакос и додава дека нивното барање „ќе се потврди на најофицијален начин, доколку Ципрас му се јави на Мицотакис“.
Одговорниот за надворешна политика во Нова демократија, смета дека грчкиот народ треба да се информира за договорот, што содржи тој и што Грција доби, а што изгуби.