Колку што сум упатен лично, здравствениот систем им е совршен. Тоа го знам од времето кога бев на универзитетот „Харвард“, кога кажуваа дека идеални системи се Чиле, и тоа по владеењето на Пиноче, Куба и Виетнам. Америка има пари, но го нема здравствениот систем на Куба. Тогаш кога бев на „Харвард“ доаѓаа професори од Куба, кои потврдуваа дека имаат совршен здравствен систем. Социјалистичките земји имаат добри здравствени системи. Во поранешна Југославија сите вакцини што сме ги примиле беа со тогашно „домашно потекло“, односно од институтот „Торлак“ од Белград, како и од Загреб. Ако можела Југославија во тоа време да прави вакцини, зошто Куба да не прави, и тоа со децении подоцна, вели проф. д-р Никола Пановски

КУБАНСКИТЕ ВЛАСТИ САКААТ, ОСВЕН СВОЕТО НАСЕЛЕНИЕ, СО ДОМАШНА ВАКЦИНА БЕСПЛАТНО ДА ГИ ВАКЦИНИРААТ И ТУРИСТИТЕ

Кубанските власти имаат сон – да имаат толку многу вакцини против ковид-19, што не само што сите на островот би можеле да примат вакцина туку државата Куба би им ја подарила вакцината и на пријателите и сојузниците низ светот. Кубанските власти би им нуделе бесплатни дози вакцина на туристите при нивното пристигнување на аеродромот во Хавана. Ако успеат во намерата да развијат вакцина, Кубанците би произведувале од еден до два милиони дози вакцини месечно.
Ова не е само желба на тамошните власти. И во услови кога островската држава се соочува со разорна економска криза, додека луѓето чекаат во ред за да дојдат до основните намирници за храна, научниците развиваат повеќе вакцини. Најмалку една од вакцините кандидати ќе биде „победник“. Ако има успех во тој процес, Куба би била првата латиноамериканска земја што направила своја вакцина. Островската држава има историја во развивањето вакцини, вклучувајќи и вакцина против рак на белите дробови, која сега се испитува во центарот за рак во САД.
Во поголемиот дел од минатата година, Куба ги одржуваше ковид-бројките на неверојатно ниско ниво. Имаше денови кога пријавуваа само по еден или по два нови случаи. Вирусот зема замав кога Куба „се отвори“ за туристите во ноември минатата година. Затоа земјата има потреба од вакцинирање против ковид-19 како и секоја друга земја во светот, а во исто време, државата се обидува да развие и да произведе домашна вакцина.
На почетокот на овој месец, Дагмар Гарсија Ривера, директорот за истражување на институтот за вакцини „Финлеј“ во Хавана, кажа дека една од петте кандидати вакцини во Куба, „Соберана 2“, се чини дека е многу ефикасна и дека влегува во последната фаза на клиничките испитувања.

– Ова е прва кубанска, односно латиноамериканска вакцина што преминува во испитувања во третата фаза – гордо изјави Гарсија на прес-конференција.
Во клиничкото испитување во третата фаза ќе учествуваат 44 илјади лица. Тоа е последниот тест за вакцината пред да биде испратена на одобрување до националната регулаторна агенција на Куба, Центарот за државна контрола на лекови, опрема и медицински помагала.
Проф. д-р Никола Пановски вели дека кога можела Југославија да произведува вакцини до деведесеттите години, логично е Куба да го прави истото тоа неколку децении подоцна.
– Кубанците правеа и лекови против рак. Колку што сум упатен лично, здравствениот систем им е совршен. Тоа го знам од времето кога бев на универзитетот „Харвард“, кога кажуваа дека идеални системи се Чиле, и тоа по владеењето на Пиноче, Куба и Виетнам. Америка има пари, но го нема здравствениот систем на Куба. Тогаш кога бев на „Харвард“ доаѓаа професори од Куба, кои потврдуваа дека имаат совршен здравствен систем. Социјалистичките земји имаат добри здравствени системи. Во поранешна Југославија сите се вакциниравме со вакцини од институтот „Торлак“ во Белград и ништо не ни фалеше. Сите што сме ги примиле вакцините до 1995 година, се наши вакцини, односно на „Торлак“ од Белград, како и од Загреб. Ако можела Југославија во тоа време да прави вакцини, зошто Куба да не прави, и тоа со децении подоцна – вели Пановски.

Втората вакцина што се развива во Куба е наречена „Абдала“ и исто така е во третата фаза. Имињата на вакцините кажуваат многу за тоа што значи овој напор за Куба. „Соберана“ е шпански збор за „суверен“, а „Абдала“ е главниот јунак во драматична поема од херојот на кубанската револуција Хозе Марти. Вакцината „Мамбиса“, која е во форма на спреј за нос, е именувана по антиколонијалистичките кубански герили, кои се бореле против Шпанија кон крајот на 1800-тите години.
Во истиот нивен револуционерен дух, Кубанците не се обидуваат да купат ковид-вакцини од други фармацевтски компании, а не се потрудија ниту да се пријават на иницијативата за споделување дози преку системот „Ковакс“ предводен од Светската здравствена организација, иако така би обезбедиле бесплатни или евтини вакцини.