Анализите на Институтот за трансфузиологија покажуваат дека и во услови на пандемија крводарителството не се намалува, туку, напротив, хуманоста е поголема. Досега над 1.600 луѓе примиле крвна плазма, а имало околу 1.800 дарители
Каква улога имаше крвната плазма во лекувањето на болните од ковид-19 за време на пандемијата, беа ли хумани македонските граѓани што ја прележаа болеста?
Анализите на Институтот за трансфузиологија покажуваат дека и во услови на пандемија, крводарителството не се намалува, туку напротив хуманоста е поголема.
Досега над 1.600 луѓе примиле крвна плазма, а имало околу 1.800 дарители.
Според д-р Горан Андонов, раководител на Одделот за планирање, организација и реализација на крводарителство при Институтот за трансфузиона медицина, давањето крв е привилегија на здравите.
– Дарувањето крв никогаш не е ризик за здрав организам, секој што е здрав може секогаш да дарува крв без разлика на постоење или отсуство на пандемија. Во услови на зараза и пандемија може да дарува крв секоја здрава индивидуа и нема никаква пречка при пандемија, бидејќи и во услови на пандемија потребите од крв се исти, дури и зголемени – вели д-р Андонов.
Посочува дека оние што прележале ковид-19 може да даруваат крв 28 дена по прележувањето на болеста.
– Кај вакцинирани има еден временски период за одложување во зависност од типот на вакцината. Во принцип од седум дена кај вакцината на „Фајзер“ до четири недели кај „Спутник“, „Синофарм“ и „Астра Зенека“ – посочува доктор Андонов.
Според него, сите крводарители што во време на пандемијата даруваат крв се херои на денешното време.
– Благодарение на нив нашите резерви се оптимални – додава тој.
Д-р Садула Усеини, директорот на Институтот за трансфузиона медицина, вели дека вакцинираните против ковид-19 не можат да даруваат крвна плазма за третман на пациенти што се хоспитализирани поради компликации од вирусот.
– Дарители можат да бидат само лица што ја прележале болеста и по природен пат се стекнале со имунитет. Стекнат имунитет со вакцинација не може да се категоризира како ковалесцентна плазма заради тоа што сѐ уште нема јасни препораки односно истражителни критериуми во нејзиниот ефект во третманот на тие пациенти – изјави д-р Усеини.
На Институтот за трансфузиона медицина досега се обезбедени 1.830 единици ковалесцентна плазма, а во ковид-центрите се испорачани 1.690 единици. Пациентите што биле хоспитализирани поради ковид-19 и биле третирани со ковалесцентна плазма смеат да даруваат крв по шест месеци.
– Во моментот располагаме со 140 резервни единици на ковалесцентна плазма од сите крвни групи. И во зависност од побарувањата од болниците и клиниките ги повикуваме пријавените што ги исполнувале сите услови. Според досегашните искуства, плазмата се користи во третманот на пациенти со ковид со лесна и средно тешка клиничка слика доколку дојде до нагло влошување на состојбата – додава директорот Усеини.