За да се сузбие инфекцијата од организмот, треба да се создадат антитела. За да може имунолошкиот систем кај заболен пациент да ја тргне болеста, антитела од излекуван пациент се префрлаат кај него. Крвната плазма дава ефект кај сите што имаат активна болест, но не се препорачува да се дава на најтешките пациенти
ДОСЕГА СЕ ОБЕЗБЕДЕНИ 75 ЕДИНИЦИ КОВАЛЕСЦЕНТНА ПЛАЗМА
Лекувањето на ковид-19 со крвна плазма во 90 отсто од случаите дава солидни резултати. Вакво е досегашното искуство на нашите клиничари, кои велат дека не се препорачува да се дава плазма на најтешките пациенти, туку на оние што развиваат средно тешка слика.
Досега Институтот за трансфузиона медицина има обезбедено вкупно 75 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со ковид-19. Д-р Садула Усеини, директорот на Институтот за трансфузиона медицина, за „Нова Македонија“ вели дека по третманот со крвна плазма се следи клиничката слика на секој од пациентите.
– Но сево ова ние го водиме како истражувачки протокол сѐ уште. Откако ќе се даде крвната плазма, пациентите се следат, односно се гледа какви се ефектите и симптоматологијата првиот ден, вториот ден, дали се подобрува клиничката слика. Сите податоци се внесуваат во формулари. Од медицинска гледна точка, лекувањето со крвна плазма мора да има ефект. За да се сузбие инфекцијата од организмот, треба да се создадат антитела. За да може имунолошкиот систем кај заболен пациент да ја тргне болеста, антитела од излекуван пациент се префрлаат кај него. Крвната плазма дава ефект кај сите што имаат активна болест, но ние не препорачуваме да се дава на најтешките пациенти, туку кај средни или средно тешки, тие што се со ниска сатурација – објаснува д-р Усеини.
Тој додава дека кога крвна плазма била давана кај пациенти со најтешка форма на болеста, кај нив се покажало дека тогаш било премногу доцна да се дава плазма.
– Многу е важно клиничарот да процени во каква состојба е пациентот. Значи, кога се развива болеста, ама да не е во најтешка фаза – додава Усеини.
Од почетокот на епидемијата, односно откако беа излекувани првите пациенти во државата од ковид-19, досега Институтот за трансфузиона медицина обезбеди вкупно 75 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со ковид-19. Повикот за дополнително и континуирано дарување крвна плазма е активен, а оваа установа е достапна во секое време за сите донори.
– Благодарни сме на сите пациенти што доброволно донираа плазма. Ги повикуваме сите излекувани пациенти да се пријават преку електронскиот формулар на веб-страницата на институтот, со директно јавување, како и преку социјалните мрежи да даруваат и со ова да им помогнат на нашите пациенти да го победат вирусот – вели Усеини.
Лицето што сака да дарува ковалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус. Исто така, во согласност со протоколите ќе биде земен и примерок за одредување концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела Анти-САРС-КоВ-2.
Конвалесцентната плазма содржи антитела против овој вирус создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста. Тие создадени антитела се присутни во плазмата и со дарување конвалесцентна плазма може да се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со ковид-19. Затоа треба да им се помогне на оние што во моментов се борат со коронавирусот и да се донира ковалесцентна крвна плазма.
Постапка за дарување плазма се вика плазмафереза. Постапката трае од 40 до 60 минути и се издвојува од 300 до 600 мл плазма, а другите компоненти му се враќаат на донорот. Плазмата што е дарувана е течниот дел на крвта, кој брзо се надоместува.
Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години со телесна тежина поголема од 60 килограми, кој ги исполнува горенаведените критериуми.
На пациентот што донира претходно му се прават биохемиски анализи (гликемија, липиден статус, протеински статус – вкупните протеини да се повеќе од 60 гр/л, деградациски продукти, ензимски статус, ЦРП). Се гледа дали има инфекции преносливи преку крв (хепатит Б, хепатит Ц, ХИВ и сифилис).