Македонските политичари се воздржани оптимисти и по постојаните закани, ултиматуми, уцени и провокации на дел од бугарските политичари и историчари и сѐ уште имаат надеж дека кај официјална Софија ќе надвладее разумот и дека ќе дозволи почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Меѓутоа, за разлика од нашите политичари, сè повеќе интелектуалци од Европа, вклучувајќи ја и Бугарија, истакнувајќи ја безумноста на бугарската позиција, се реални песимисти за позитивен исход на преговорите…
Песимизмот на странските интелектуалци посилен од оптимизмот на домашните политичари
Малку време останува за наоѓање решение за отстранување на бугарското вето за пристапните преговори на Македонија со ЕУ, а за апсурдните барања на официјална Софија има сè повеќе реакции на новинари и интелектуалци од Бугарија, но и од Европа, кои не се премногу оптимисти за позитивниот исход во преговорите што се одвиваат преку дипломатски канали.
Тие сметаат дека Бугарија е решена да оди докрај со блокадата на евроинтегративниот процес на Македонија, користејќи ја можноста како земја-членка на ЕУ да ги оствари своите цели, без оглед дали станува збор за внатрешнополитички потреби во пресрет на тамошните избори, или, пак, многу пошироко, за државна стратегија што ја спроведува кон својот западен сосед подолго од еден век.
Македонските политичари се воздржани во реакцијата на постојаните бугарски провокации на дел од тамошните политичари и историчари, во надеж дека кај официјална Софија ќе надвладее разумот и дека ќе дозволи почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
– Уште откако почнаа разговорите за историјата во мешаната комисија, бугарската страна тргна од една погрешна позиција: дека целата вистина е на бугарска страна, а македонската страна речиси треба да ја препише бугарската историја до 1944 година… Станува збор за едно претерување, бидејќи не е можно да се објасни дека сите нации во Европа се „природни“, а само македонската нација и македонскиот јазик се вештачки. Дека тие потекнуваат од 1944 година, а целата претходна историја е само бугарска – смета бугарскиот историчар Стефан Дечев.
Тој додава дека не очекува во следниот период да се најде решение за бугарското вето.
– Многу е индикативно тоа што во моментов во Бугарија им се дава простор точно на историчари националисти со радикални ставови. А тоа ме наведува да мислам дека бугарската позиција ќе продолжи да биде тврда и непопустлива, а од Скопје речиси не можеме да очекуваме дека при толку тврда бугарска позиција може да почне некаква внатрешномакедонска дебата за историските прашања. Тоа ме тера да бидам песимист, освен ако не се најде некое политичко решение што повеќе ќе има карактер на привремен политички договор, постигнат со посредство на Германија – истакнува Дечев.
Бугарскиот историчар и автор на книга за бугарско-македонските односи Чавдар Маринов исто така не е оптимист дека Бугарија ќе се откаже од ветото, иако не исклучува можност за некакво привремено решение за да се одблокира процесот.
– Тешко ми е да прогнозирам. Според специјалисти за меѓународни односи, на кои им верувам, наскоро најверојатно ќе се пронајде некакво, макар и привремено решение. Борисов целосно има интерес да ја игра улогата на „доброто момче“ пред Европската комисија, Европската народна партија и сегашното раководство на Германија. Истовремено, ВМРО-БНД и други националисти сè уште се коалициски партнер и применуваат притисок за поцврста позиција. Гласни националисти има и во партијата на Борисов, како што е на пример споменатиот европратеник Ковачев, а и во другите партии. Не знам дали имаме повод за оптимизам – вели Маринов.
Дописникот на германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Михаел Мартенс, анализирајќи ги случувањата меѓу Скопје и Софија, вели дека бугарската влада со помош на историчарите го шири наративот дека Македонија е „измислена нација“.
– Македонците се „измислена нација“ – за разлика од бугарската нација, за која во Софија јавно сметаат дека е подарок од бога, паднала од небото или настанала како резултат на осмоза – пишува Мартенс со доза на иронија за овој апсурден спор што го наметна Бугарија.
И тој не е голем оптимист за можното почнување на пристапните преговори на Македонија во декември.
– Бугарската влада ќе се откаже од своето вето само ако Македонците се подготвени да го прифатат доминантниот бугарски историски поглед на спорот – истакнува во аналитичкиот текст Мартенс.
Според него, власта во Софија со помош на историјата сака да освои поени на следните парламентарни избори и за тоа ги злоупотребува историчарите.
Мартенс вели дека во сите балкански земји има две групи историчари, едни што ги следат историските стереотипи и други што ги почитуваат историските факти.