Според правниците, судиите и обвинителите, државниот апарат два-три дена по настанот каска со реакција, тој досега требало по автоматизам да биде активиран и да спроведе истрага по допрен глас. Тие дури предлагаат и нов закон, со кој оние што на овој начин ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот ред и мир во иднина да не можат да се кандидираат за избори
Уште во првата недела од почетокот на изборната кампања во Македонија за локалните избори, на површина излезе старата болка поврзана со инцидентите со пукање на изборни митинзи на партиите. На два митинга, едниот во тетовско Желино, а вториот во скопски Чаир, одржани од најголемата албанска партија ДУИ, на социјалните мрежи, но и во медиумите се појавија видеа во кои се гледа дека присутните пукаат со огнено оружје во воздух. Овие случувања, за жал, не се изолирани инциденти и тие одвреме-навреме се присутни во јавноста и се редовен „декор“ на изборните кампањи во земјава.
Со оглед на фактот што изборната кампања сѐ уште е во почетна фаза, за очекување е ваквите немили случки да се повторат, па дури и да се интензивираат во иднина, што никако не е одлика на правна држава каква што сакаме да бидеме.
Затоа, сите вакви појави треба да се сосечат уште во стартот, со енергична реакција на институциите на државата.
Од Основното јавно обвинителство во изјава за „Нова Македонија“ велат дека секој што има сознание за сторено кривично дело во согласност со законите во државата треба да го пријави до Јавното обвинителство. Оттаму додаваат дека сите граѓани, но и надлежни државни институции може да ги искористат правните механизми да пријават кривично дело.
Од МВР, пак, велат дека по објавата на видеото и информациите за настаните, полицијата анализира и активно работи на расчистување на случајот, по што ќе следуваат санкции.
Во меѓувреме, врвни правници и обвинители во врска со последните настани велат дека во законот постои и можност по допрен глас од јавноста или преку информации добиени од медиумите, Јавното обвинителство само и по автоматизам да спроведе истрага до оние што го нарушиле законот.
Според нив, тоа најчесто се однесува на дела поврзани со сомненија за сторен организиран криминал, перење пари или други кривични активности, но кога станува збор за настани сторени во време на изборна кампања, топката за овие случувања е повеќе во дворот на полицијата отколку во обвинителството. Тоа е така, како што велат соговорниците, бидејќи нашето МВР е должно да ги обезбеди сите јавни собири од овој профил, па при следењето на овие настани полицијата може веднаш да реагира и да го приведе оној што го прекршил законот пукајќи во воздух, но и да собере докази за можни сторени кривични дела, кои во случајот се многу и влегуваат во широката палета кривични дела за кои се предвидени и затворски казни.
Ставре Џиков, поранешниот судија и државен јавен обвинител, вели дека, за жал, инцидентите од овој тип имаат долга историја во нашите изборни кампањи и потсетува дека во минатото имавме дури и убиства и пукања што индиректно или директно беа поврзувани со трката за собирање гласачи.
Џиков подвлекува дека настанот што ни се случи е од потешка природа и дека, со оглед на околностите, МВР треба веќе досега да има реагирано за случувањата.
– Полицијата треба да е подготвена и во период од 24 часа да може да реагира со утврдени податоци од настанот и потоа за тоа да го информира јавното обвинителство да поведе истрага – вели Џиков.
Според системските решенија во Македонија, МВР е тоа што во суштина го гарантира јавниот ред и мир во текот на изборните активности, а во соработка со обвинителството, со собраните докази по службена должност двете институции се дополнуваат во спроведувањето на истрагите за ваквите и слични настани.
Слично размислува и бившиот претседател на Врховниот суд Дане Илиев, кој додава дека Македонија има итна потреба од воведување нов закон што би ја регулирал оваа проблематична состојба.
– Јас сметам дека треба да се воведе сосема нов закон со кој во иднина треба да се забрани кандидатите на партијата на која се случуваат ваквите инциденти воопшто да бидат присутни на изборниот циклус. Па, дури тогаш ќе видиме како и самите партии ќе се ангажираат повеќе да го убедат своето членство да не ги прекршува вака грубо законите – вели Илиев.
Судијата смета дека државниот апарат два-три дена по настанот каска со реакција, тој досега требало по автоматизам да биде активиран и да спроведе истрага по допрен глас до нив, односно преку новинарските извештаи и видеоснимките што постојат за настанот.
– Она што се случува на Македонија во изминатите годините со ваквите инциденти е застрашувачко. Партиите пукаат кон сите нас и во тој процес се прекршуваат редица закони, почнувајќи од загрозување на општата безбедност, вознемирување, нелегално поседување огнено оружје и распрскувачки материјали, па до кривични дела поврзани со опасност за предизвикување телесни повреди или дури и убиство – вели судијата.