Според експертите, потребно е институцијата правно да се зајакне, односно да може законски да ѝ се дозволи таа директно да поднесе обвинение до надлежниот суд за некое сомнение, а не да биде со врзани раце без вакво право
Додека траат интервјуата за избор на членови на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во собраниската комисија за избори и именувања, во јавноста се наметнува дилемата каква антикорупциска комисија ѝ е потребна на државата. Доколку се земат предвид ефектите и рефлексиите од работата на оваа институција од минатото, при што се добиваше впечаток во јавноста дека повеќе работи се прикриваа отколку што се откриваа и обелоденуваа, прашањето за изборот на новиот состав добива сѐ повеќе тежина пред сѐ од аспект на нивниот квалитет, стручност и неподложност на какви било евентуални влијанија во работата. Во таа насока се поставува прашањето дали членовите на антикорупциската комисија имаат механизми да се оттргнат од евентуалните политички и партиски стеги за институцијата да работи квалитетно, храбро и одлучно. Од друга страна, на прв поглед несфатливо е како кандидатите во текот на интервјуата не можеа да се сетат на ниту еден корупциски скандал од изминатиот период, а рецитираа дека ќе се справат со рак-раната во нашата држава, а тоа била корупцијата.
Дека корупцијата е воочена како наш најголем проблем, потврда се и последните извештаи во индексот за перцепција на корупцијата во 2018 година, кој „Транспаренси интернешнл“ го објави неодамна, каде што Македонија се најде на 93-то место во однос на корупцијата. Според индексот за перцепција на корупцијата од минатата година, Македонија и Косово се најслабо рангирани на Балканот. Пред нив се: Хрватска на 60-то место, Романија на 61-то, Црна Гора на 67-то, Бугарија на 77-то, Србија на 87-то и Босна и Херцеговина на 89-то место. Во врска со земјава, во извештајот се наведува дека по падот на Владата во 2017 година, очекувањата за борба против корупцијата се високи.
Правејќи паралела во некогашното функционирање на антикорупциската комисија и денешното нејзино отсуство, поранешната шефицата на антикорупциската комисија, Мирјана Димовска, во изјава за „Нова Македонија“ посочува дека во земја каде што владее поткупливост и таа е распространета од врвот па до нејзиното најниско ниво на општеството, недозволиво е да не постои институција што ќе се обиде да го спречува тоа. Според нејзиното толкување, постојниот закон за спречување на корупцијата и неговите измени, не може директно да ја лоцира одговорноста за овие појави, кои се недозволиви во земја што се стреми да биде членка на ЕУ и на НАТО. Димовска смета дека тоа е така оти во земјава премногу ѝ се придава значење на оваа институција, а сепак таа го нема тоа, односно не поседува такви ингеренции.
– Она што можам да го кажам, повикувајќи се на факти, е дека кога јас стапив на таа функција во 2007 година Македонија беше на 105-то место на листата на „Транспаренси интернешнл“. По моите три последователни мандати Македонија се најде на 61-то место, што според мене и мојот тогашен тим е успех и доказ за мојата посветеност на оваа функција. Сепак, тука сакам да истакнам дека и тогаш, но и сега, пред изборот на новите кандидати што е актуелен во јавноста, оваа институција ги нема ингеренциите ниту надлежностите директно да ѝ се спротивстави на корупцијата во земјава. Што сакам да кажам овде, сакам да појаснам дека е потребно институцијата правно да се зајакне, односно да може законски да ѝ се дозволи таа директно да поднесе обвинение до надлежниот суд за некое сомнение, а не како денеска да биде со врзани раце без вакво право. Додека во јавноста помпезно ѝ се придава значење на оваа институција, а не се образложува кои се нејзините скромни надлежности, народот не може да очекува големи ефекти во борбата против корупцијата – вели Димовска.
Во однос на последователниот избор на кандидатите за Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), во собраниската комисија за избори и именувања, таа појаснува дека очекувањата се преголеми во јавноста додека на терен работите не се такви.
– Искрено, колку овие нови законски измени што се предлагаат од пратениците ќе ги подобрат ингеренцијата, но и ефикасноста на антикорупциска, тешко е да се каже од денешна гледна точка. Едно што можам да кажам е дека иако амбициите на јавноста и на кандидатите се големи, работите не стојат така во реалноста, односно кои и да бидат избрани ќе наидат токму на овие пречки и законски ѕидови за кои зборувам. Кога сте внатре, тешко е да се докаже она што се случува надвор во јавноста околу оваа тема. Останува времето да покаже какви резултати ќе има земјава на ова поле – заклучува Димовска.
КАКО РАБОТИ АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА ВО САУДИСКА АРАБИЈА
Вратени 107 милијарди долари во буџетот
Саудиските власти соопштија дека успеале да вратат околу 107 милијарди долари државни пари во буџетот затаени и проневерени од луѓе и компании блиски до Владата вмешани во коруптивни скандали во земјата. Ова го пишува интернет-изданието на реномираниот магазин „Блумберг“, каде што во анализа посветена на оваа тема наведува како оваа арапска земја се справува со криминалот и корупцијата во неа. Според магазинот, антикорупциската комисија предводена од престолонаследникот Мохамед бин Салман успеала од 87 лица, вмешани во коруптивни скандали во земјата, да одземе односно да поврати милионски суми во државната каса, во готовина, недвижнини, имот и нелегално стекнати хартии од вредност. Притоа комисијата успеала да поднесе дури и обвиненија против повеќе од 60 лица за сторен криминал во земјата, која во исто време е најголемиот светски извозник на нафта. Саудиските антикорупционери минатата недела објавиле дека успеале да поднесат дополнителни 56 пријави во тамошното обвинителство против лица, кои покрај овој скандал се сомничат дека направиле и други кривични дела и се водат други криминални предмети против нив. Осум лица од новоосомничените одбиле да го признаат делото иако против нив постојат цврсти докази од јавниот обвинител за сторен криминал.