Да, навистина и понатаму остануваат предизвици кај дел од јавноста што се согласува со концептот дека јазикот/јазиците, културата, религијата на различните етникуми можат да се слеат во еден граѓански концепт на мултикултурно општество. Но Охридскиот договор не донесе таква вредност, а тој договор е далеку од статусот на некакво културно богатство
Со сите контроверзии што ги донесе Охридскиот договор, кај сите засегнати страни барем е заеднички ставот дека со него започна редефинирањето на македонската држава. Некои аналитичари одат уште подалеку и во своите анализи имаат став дека на Охридскиот договор по таа нишка се надоврзуваат и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија. А, дури и дваесет години по почетокот на имплементацијата на Охридскиот договор, не се приближуваат различните гледишта за придобивките, односно отстапките направени по неговото потпишување.
Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците побара Охридскиот договор да се третира како културно богатство
Во рамките на одбележувањето на 20-годишнината на Охридскиот рамковен договор, Артан Груби, прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, дури побара овој договор да се третира како културно богатство и да се направи детална научна студија со споредување на тоа каде сме биле и каде сме денес. Според него, именувањето неколку улици во Скопје со имиња на дејци за албанската кауза е „еден сензитивен успех, како и многу други успеси што го носат печатот на Охридскиот договор“.
Желбата за издигнување на еден политички договор до статус на културно богатство, според актуелните цивилизациски норми, може да звучи како апсурдна амбиција, но со оглед на сите нелогични дејства и состојби во македонското општество и држава што ги предизвика овој договор (еден пример – вработувања по етнички клуч во државна администрација, со можност да не се оди на работа, а да се добива плата), не треба да се отфрли како невозможна за остварување. Сепак, кога би се оставиле настрана (не)возможностите на Охридскиот договор, успева да се наметне дилемата дали и какви општествени вредности донесе тој, за да остане отворена можноста да биде културно богатство.
– Основниот предуслов за нешто да биде културно богатство е неговaта содржина и постоење да ги збогатуваат сите. Еден договор добиен со војна, со жртви во сѐ уште нерасчистени случаи, за кои никој не одговарал, и кој сѐ уште предизвикува чувство на загрозеност кај мнозинскиот народ за територијалниот интегритет и суверенитет на државата, се сомневам дека ги има капацитетот и вредноста на дефиницијата за културно богатство. Тоа се апсурдни претензии, кои личат на израз на егзалтација на дете што добило играчка што не очекувало дека ќе ја добие, но која, сепак, ја содржи заканата од (не)очекувана експлозија – вели поранешната амбасадорка на Македонија, Мелпомени Корнети.
Албанскиот дел од владината коалиција со половина милион евра го потенцира триумфот на албанската идеја
За одбележување на дваесетгодишнината од Охридскиот договор се предвидени 500.000 евра од државниот буџет. Иако се настојува да се прикаже како заедничко чествување на државно ниво, албанскиот дел од владината коалиција дури не се ни обидува да остави привид на заедништво, туку го потенцира како триумф на албанската идеја. Директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје (која е организатор на одбележувањето), Скендер Асани, на истата трибина истакна дека именувањето на повеќе од 150 улици, плоштади, булевари со албански имиња во Скопје во духот на Охридскиот договор е едно од најголемите достигнувања на Албанците од Македонија.
– Охридскиот договор е историски пресек меѓу вековите, иако не ги исполнува целосно аспирациите на албанскиот народ низ вековите, тој останува првиот договор каде што меѓународниот фактор бил посредник – потенцира Асани.
Универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески, пак, заклучува дека иако Охридскиот договор станал реалност во политичкото уредување на Македонија, со вградувањето во општествено-политичкиот систем, реалноста е многу поразлична, односно дека токму тој договор остро ја нагласи таа линија на различност и вгради „системски фелер“.
– Не можеме да одречеме дека Охридскиот договор стана реалност во Македонија, во смисла на функционирање на политичкиот систем, проект со кој започна една нетериторијална, повеќе јазична федерализација на државата. И претходно во Македонија живеевме со своите етнички, културолошки и религиски разлики, но тој договор остро ја нагласи таа линија на различност и ја направи системска. Клучното прашање за дефинирање на неговата димензија на некакво културно богатсво, или културна вредност, е дали создава амбиент за приближување на различните култури. Но реалноста покажува дека, напротив, разликите повеќе се потенцираат: албанските деца не учат македонски јазик, а ни Македонците не учат албански. И понатаму останува предизвикот како белезите што ги носат јазикот, културата, религијата на различните етникуми да се слеат во еден граѓански концепт на општество. Односно како да се постават некои вредности што не се исклучиво поврзани со одредена етничка група. Охридскиот договор не донесе таква вредност и ние сѐ уште сме далеку од хомогено општество, а договорот е далеку од статусот на некакво културно богатство – вели социологот Илија Ацески.