Проценувајќи според актуелниот регионален и европски политички контекст, професорот Чепреганов смета дека сите квазинаучни теории од видот дека „народите не си ја пишуваат својата историја“ се со цел полека, но сигурно во меѓународната јавност да се наметне перцепција за „северномакедонска нација“ и да се постигнат целите на Договорот за добрососедство со Бугарија и на Преспанскиот договор со Грција за бришење на постоењето на македонскиот народ, и низ историјата и денес
Пресингот на Софија продолжува со квислиншки методи
Откако историјата ја претворија во предмет на билатерални политички преговори, сега одредени официјални македонски политичари ретерираат изјавувајќи дека историските прашања треба да им се остават на историчарите, а политичарите да стојат настрана без да прават притисоци за брзо решавање на таквите теми. Но за да не слабее пресингот врз Македонија, повторно поранешни високи македонски политичари, поттикнати од Софија, со свои изјави ја трујат јавноста со свои контроверзни изјави што немаат научна основа и се спротивни на меѓународноправните принципи.
Политичка интервенција во фактите на историската наука?!
Неизбежната констатација дека македонските евроинтеграции сега повторно се заглавени со настојувањата на Бугарија да ја наметне својата верзија на историјата како услов за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, и понатаму остава отворен простор за обиди за политичка интервенција во фактите на историската наука. Индикативно е што сите обиди за интервенирање се насочени кон бришење и претопување на македонската историја, а особено е контроверзно кога тоа доаѓа од личности што биле на водечки политички функции во клучните мигови на создавање на независната македонска држава и сѐ уште се вреднувани како признаени интелектуалци. Последниот пример е повторно на првиот министер за надворешни работи на Македонија, Денко Малески. Македонската научна јавност ја доживеа таа негова теза како исклучително контроверзна, сосема ненаучна и спротивна на современите меѓународноправни принципи! Имено, Малевски вели дека всушност македонските историчари и интелектуалци „живеат со заблудата дека секој народ има право да си ја пишува историјата како сака“. Оваа теза, пласирана во колумна за бугарски медиум, во период кога повторно во Брисел треба да се одлучува за почеток на македонските евроинтеграции, индикативно наведува на страната на бугарската позиција дека македонското постоење е всушност „заблуда“, која Бугарија е повикана да ја развее и да ја наметне својата историја за Македонија.
Друг да ни ја пишува историјата?!
Историчарката Наташа Котлар е исклучително педантна и прецизна во своите ставови во врска со ова прашање.
– Многу добро се дозирани и систематизирани ваквите објави во медиуми во соседство, со кои се подриваат македонската историја и сегашност, како своевидна поддршка на актуелната власт за она што се преговара со Бугарија, а не ѝ е познато на македонската јавност. Не сакам да шпекулирам со некои лукративни моменти за авторите на објавите, но за човек да се откаже и да му противречи на сопственото национално минато, научен и образовен труд, логично наведува на помисла за голема материјална сатисфакција. Но уште попоразително за актуелните македонски национални позиции во политичките превирања е што некој без основни познавања на историската филозофија, наука, дисциплина, повикувајќи се само на некое свое „славно минато“, се дрзнува да коментира историски теми. Во крајна линија, пласираната теза за „заблудата дека секој народ има право да си ја пишува својата историја“ е своевидна парафраза на она што го кажал српскиот политичар Никола Пашиќ, во 1904 година, дека „не може секое племе на Балканот да има своја држава“. Тоа е изјава од постилинденскиот период, кога е евидентно дека се изјаловени надежите за создавање македонска држава. Цинично е еден век подоцна, македонски политичари и интелектуалци, кои ги уживале сите привилегии од македонската држава и народ да работат во корист на нивно исчезнување – вели историчарката Наташа Котлар.
Историчарот Тодор Чепреганов од македонскиот Институт за национална историја, пак, отворено го поставува прашањето зошто досега не му е познато некој народ да прифатил некој друг да му ја пишува историјата?!
– Ако народот не си ја пишува својата историја, се поставува прашањето – кој треба да му ја пишува? И дали тоа „правило“ важи само за македонскиот народ, или за сите народи на светот? Зашто досега не ми е познато некој народ да прифатил некој друг да му ја пишува историјата. Македонија е единствениот случај каде што се вршат директни политички притисоци за други да ѝ ја кројат историјата. Со поданичка политика во однос на другите држави, македонскиот народ е ставен во позиција на перцепција дека дозволува други да му ја кројат историјата. Оваа ситуација никако нема да биде позитивен момент во македонската историја што сега се создава и ќе биде обележан со сведоштво за немоќ на актуелните македонски политички елити без чувство за етногенеза. И порано туѓинци сакале да ни наметнат свои верзии на нашата македонска историја, но македонската историографија ги ставила таму каде што им е местото – меѓу окупаторите – вели историчарот Тодор Чепреганов од македонскиот Институт за национална историја.
Проценувајќи според актуелниот регионален и европски политички контекст, професорот Чепреганов смета дека сите квазинаучни „теории“ од видот дека „народите не си ја пишуваат својата историја“ се со цел полека, но сигурно во меѓународната јавност да се наметне перцепција за „северномакедонска нација“ и да се постигнат целите на Договорот за добрососедство со Бугарија и на Преспанскиот договор со Грција за бришење на постоењето на македонскиот народ, и низ историјата и денес.
– За жал, немаме дипломатија што ќе реагира на агресивното оспорување и бришење на македонскиот народ во меѓународен контекст, која ќе настапи во одбрана на сето она што претставува нацијата и државата. Нападите и негирањата на македонската историја, со настојувања да се наметне историското видување на соседите за Македонците е перфиден и нецивилизациски чин. Да не одиме подалеку, но сите соседни народи околу Македонија стојат цврсто на ставот дека само нивни историчари можат да ја пишуваат националната историја. Секој народ си има своја перцепција за својата историска приказна. А ако одиме подалеку, илустративен е примерот на Индијанците во Америка. Приказната на Индијанците во Америка е сосема поинаква од приказната на Американците за Индијанците – вели професорот Чепреганов.
Во македонската јавност веќе е забележливо дека текстови од неколкумина поранешни македонски политичари и интелектуалци се пласираат во бугарски медиуми, во критични мигови, кога треба да се постигне одредено решение или компромис (обично на штета на македонската страна) за наводно деблокирање на преговарачкиот процес со ЕУ, овој пат инкриминирана со бугарското вето.