Македонија во моментов се соочува со политичка, енергетска, економска, здравствена, но и дипломатска, или криза во надворешната политика, поради ветото од Бугарија, кое нѐ држи надвор од ЕУ. Која е улогата на претседателот на државата во справувањето со овие кризи? Каде и како може тој да помогне, дали треба да биде активен учесник во барањето решенија или пасивен набљудувач? Одговори на овие прашања побаравме и добивме од Кабинетот на претседателот Пендаровски, како и од професори, дипломати и експерти
МАКЕДОНИЈА СООЧЕНА СО ПЕТ ГОЛЕМИ КРИЗИ
Македонија во моментов се соочува со политичка, енергетска, економска, здравствена, но и дипломатска, или криза во надворешната политика, поради ветото од Бугарија, кое нѐ држи надвор од ЕУ. Која е улогата на претседателот на државата во справувањето со овие кризи, секако од аспект на неговите законски ингеренции и надлежности? Каде и како може да помогне, дали треба да биде активен учесник во барањето решенија или пасивен набљудувач?
Во потрага по одговори на овие прашања, „Нова Македонија“ исконтактира со претседателот на државата Стево Пендаровски, но и со редица други експерти, професори и дипломати за тоа како шефот на државата може да помогне во полза на Македонија и на нејзините граѓаните.
Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за „Нова Македонија“ велат дека претседателот, во согласност со своите уставни надлежности и заложби, има ангажмани во наведените области.
– Во однос на прашањето со Бугарија, претседателот Пендаровски има редовна комуникација во својот колега Радев, консултации со политичките чинители во земјава и редовно е информиран за работата на заедничката комисија што работи на историските прашања. Што се однесува до обезбедувањето меѓународна помош за справување со пандемијата на ковид-19, претседателот Пендаровски имаше комуникација со претседатели од други земји, како и со меѓународни претставници, за да се обезбедат вакцини и други медицински средства и помош за справување со пандемијата на ковид-19.
Во однос на најавите за можна енергетска криза, претседателот Пендаровски редовно е информиран од страна на институциите во земјава, како и од членови на бизнис-заедницата за состојбите и мерките што се преземаат.
Претседателот ја поздравува одлуката на Владата за прогласување кризна состојба за поефикасно надминување на енергетската криза – се наведува во одговорот од Кабинетот на претседателот Пендаровски до „Нова Македонија“.
Во меѓувреме, универзитетски професори и дипломати со кои се консултиравме велат дека претседателот во земјата, иако има уставно тесни норми, сепак е должен да дејствува како татко на нацијата и да помогне Македонија полесно да излезе од кризите со кои се соочува.
Нашите соговорници сметаат дека шефот на државата не смее да стои настрана и немо да ги гледа состојбите, бидејќи има голема морална одговорност во име на неговата функција да дејствува на сите полиња од внатрешнополитички, економски, дипломатски, па дури и здравствен карактер.
Универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ во изјава за „Нова Македонија“ вели дека државната институција претседател има многу поголеми димензии и влијанија врз нашата земја и општество од оние норми што му се впишани во нашиот Устав.
– Уставот е збир на норми што ја даваат рамката по која треба да дејствува претседателот, но неговата функција во земјата е многу поголема од она што го пишува во Уставот. Па, во тој контекст, претседателот не може да седи немо и настрана од многуте процеси што се одвиваат во земјата и тој со сигурност, иако тоа не го пишува во Уставот, треба да дејствува врз истите тие. Во тој контекст, претседателот треба да е активен за надминување, на пример, на политичката криза во државата, бидејќи тој му го дава мандатот на мандатарот, а во јавноста веќе се споменуваат и оставки во овој дел од нашето општество. Натаму, иако владата е надлежна за наоѓање решенија за економската и енергетска криза, сепак и претседателот може да има свое решение на состојбите, но и да лобира во странство за наоѓање бенефиции. Па, оттука, претседателот и не може да се држи настрана и од сите процеси надвор од државата а кои дипломатски ја допираат Македонија. Иако во Уставот не пишува дека претседателот треба да е активен во одредени кризи пред кои е исправена државата, како на пример здравствената, тоа во исто време и не го спречува шефот на земјата да се изјасни и да даде своја димензија на процесите – вели Шкариќ.
Професорот појаснува дека моралната димензија на оваа државна институција е огромна и има голема морална обврска за обезбедување национален интерес и единство во државата и во системот кога се бараат решенија на кризите.
– Во услови на криза од секаков карактер, неговото мислење е пресудно за нејзино надминување, бидејќи претседателот на овој начин го користи својот морален авторитет како татко на нацијата, бидејќи тој се гради во кризни моменти, а не во т.н. мирни политички води. Оттука, Македонија не е држава што секогаш е во мирни води, напротив, таа плови во ризични води и во регионален, но и во светски контекст, а претседателот е тој што како одговорен државник во такви состојби треба да го практикува своето влијание, насочувајќи ја земјата во подобар правец, за полесно да се справиме со предизвиците и кризите – резимира професорот Шкариќ.
Македонскиот дипломат Коста Стоименовски, обраќајќи се преку отворено писмо до претседателот Пендаровски, вели дека сега е време претседателот на државата да успее да придонесе за надминување на ваквите состојби и да отвори перспектива за напредок на државата и за добробит на нејзините граѓани.
– Македонските граѓани нема да го заборават тоа, а доколку не успее, истовремено нема ни да го простат. Познато е дека, во согласност со Уставот, нема големи надлежности, меѓутоа, како прв човек во државата, може да даде голем придонес за реафирмирање и зајакнување на моралните вредности во македонското општество и за владеење на правото и правдата во државата – вели Стоименовски.
Тој истакнува дека како шеф на државата, претседателот треба да биде катализатор на длабоките поделби во македонското општество.
– Тоа е особено потребно сега, кога нашето општество е поделено како никогаш досега. Овие поделби намерно ги генерираат двете водечки македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои го монополизираат политичкиот живот во државата и не се подготвени за какви било промени со кои би била загрозена нивната привилегирана позиција во државата – нагласува Стоименовски.
Професорот Нано Ружин вели дека улогата на претседателот во нашиот парламентарен систем и парламентарна демократија е многу поголема од оние тесни ингеренции што се запишани во Уставот.
Ружин потсетува дека претседателите во македонската историја, како на пример Киро Глигоров и Борис Трајковски, иако биле ограничени со надлежностите во Уставот, истовремено биле и претседатели што на голема врата биле активни во процесите на решавање на македонските проблеми на домашно и меѓународно поле во времето кога биле на функција.
– Иако претседателот ги нема ингеренциите да е присутен во сите овие кризи со кои се соочува Македонија, сепак, тој има морална одговорност да се вклучи во нивното решавање, бидејќи тој е симбол на дијалог и заедништво на нашата земја. Во тој контекст и во зависност од условите на одреден проблем (економски или политички), претседателот е тој што треба да ги поттикне актерите во државата да дејствуваат поуспешно во неговото надминување. Истовремено, претседателот во моментов е домашна институција што има полн авторитет да ја преставува земјата во процесот за надминување на спорот со Бугарија, во моменти кога ние имаме домашна политичка криза. Слично е и во Бугарија, каде што тамошниот претседател Румен Радев се обидува да го стори истото тоа во време кога таа земја има техничка влада – вели Ружин.
Професорот поентира дека Стево Пендаровски, иако е ограничен од Уставот во неговото дејствување, тој може да одигра една важна улога на медијатор и иницијатор на процесите за надминување на проблемите со кои се соочува Македонија, од политички, преку енергетски, па до дипломатски карактер.