Според нашето мислење, од моментот кога Европската комисија го постави ова лето како хоризонт за почеток на формалните преговори со Северна Македонија и Албанија, ќе треба да го исполниме ветувањето, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во интервју за EURACTIV.com.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, шефот на грчката дипломатија упатува апел до сите да сфатат дека постојат проблеми со двете земји, но проблемите можат поефективно да се решат преку мониторинг и скрининг.
– Им кажав на моите колеги дека можат да бидат колку што сакаат строги. Но, ние мора да не ја блокираме перспективата. Се плашам дека ако не се даде датум за пристапни преговори за Северна Македонија, сите напори што ги направивме со големи жртви и компромиси од двете страни, би можеле да бидат ставени во опасност – вели Коѕијас во интервјуто.
Нагласува дека „ако некои земји имаат проблеми со Северна Македонија и Албанија, требале порано да ги споменат“.
– Сега, го имаме извештајот на Комисијата и предлог да разгледаме отворање на преговори. Сега стигнавме до таа точка и треба да го сториме тоа. Европа мора да си го одржи зборот – додава Коѕијас.
Во однос на земјите што се против, Македонија и Албанија да започнат пристапни преговори, шефот на грчката дипломатија вели дека на почетокот биле Данска, Белгија, Холандија и Франција, но имало несогласувања и во германската коалициска влада.
– Поентата е Франција да се согласи со Германија за да се избегне дестабилизација на Балканот – вели Коѕијас.
Во однос на Договорот со Македонија, шефот на грчката дипломатија потенцира дека тоа била „најдобрата вест во Европа во последните пет години“, додека пак за реакциите од опозициските партии во двете земји го повторува неговиот став дека „ВМРО работи како огранок на Нова демократија во Скопје и обратно“.
Коѕијас објаснува дека сега веќе постои една друга линија за поделба во двете земји. Наместо досегашната поделба меѓу Скопје и Атина, има поделба на оние што сакаат и оние кои што се против решение.
– Верувам дека Заев нема да подлегне на притисоците. Тој е многу поотпорен отколку што изгледа на прв поглед – вели Коѕијас, прашан за тоа дали владата на Заев ќе ги издржи притисоците во земјата.