Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас негираше дека договорот за името меѓу Атина и Скопје е резултат на надворешен притисок, говорејќи пред Норвешкиот институт за Меѓународни односи, пишува електронското издание на весникот „То Вима“.
Според Коѕијас, договорот е „резултат на структурален и праведен компромис во регионот“, што е извор за инспирација за земјите од регионот, кои исто, како што рече, имаат стари спорови меѓу себе.
Грчкиот министер посочи дека интересите на Атина во голема мера се поврзани со Балканот заради обемот на регионалната економија, човечкиот капитал и инфраструктурата, елементи кои, според него, се нужни за економскиот развој на целиот регион.
-Треба да играме водечка улога во востановувањето на култура на компромис и консензус во земјите од регионот – рече Коѕијас.
Според него, Грција е во центарот на триаголникот на нестабилноста: Украина, Либија и Ирак и тоа претполага политика на „флексибилност и адаптација“.