Поранешниот македонски премиер Никола Груевски глумел дека сака решение на спорот за името, изјави шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, реагирајќи на информациите што ги објави Викиликс дека македонските власти уште во 2008 година прифатиле промена на името.
– Познато е дека Груевски не сакаше било какво решение на спорот за името. Ги залажуваше меѓународните играчи дека сака решение и се претвораше дека е принуден на компромис. Никој не му веруваше, освен, ако се потсетиме, господинот Мицотакис, вели Коѕијас.
Се огласи и Мицотакис, кој објавата на Викиликс ја нарече трагична.
– Денес од Викиликс дознаваме дека Скопје во 2008 година барало државата да се преименува во „Северна Македонија“, а нивните луѓе да се нарекуваат „Македонци“, кои наводно зборуваат „македонски јазик“. Тоа на најтрагичен начин го потврдува она што со месеци го кажувам – дека премиерот Ципрас, министерот за одбрана Каменос, и Коѕијас сакаат да го претстават овој исклучително штетен договор за Грција за успех, што ги задоволи барањата на Скопје, изјави Мицотакис.
Тој повтори дека Нова демократија нема да гласа за ратификација на договорот во грчкиот Парламент.
Уште во 2008 година официјално Скопје дало согласасност за промена на уставното име во „Република Северна Македонија“ ,,под услов тоа да вклучува признавање на македонскиот јазик и националноста“, се наведува во документ на американската амбасада во Скопје што го објави Викиликс, а го пренесува порталот Катимерини.
Доверливиот документ на американската амбасада под наслов „Што треба Македонците да направат за да го решат спорот за името“, е од 29 јули 2008 година, а го составила тогашната американска амабасадорка во Македонија Џилијан Миловановиќ.
Документот покажува дека целите на Македонија не се многу променети во последната деценија и дека во одредена мерка се постигнати со грчко-македонскиот договор од јуни годинава.
Во првиот дел од документот се споменува дека Миловановиќ своите заклучоци ги претставила по разговорите со тогашниот претседател и премиер на Република Македонија, Бранко Црвенковски и Никола Груевски, и наведува дека условите биле прифатливи за земјата.
„Амбасадата на САД во Скопје оценува дека македонската Влада е подготвена заради отворањето на патот во НАТО и членството во ЕУ да се согласи со името Република Северна Македонија во сите меѓународни организации“, се наведува во документот на американската амбасада во Македонија, до кој дошол Викиликс.
Националноста и јазикот, исто така, требало да ја имаат придавката „македонски“, се заклучувало во документот, но дека со тоа треба внимателно да се постапува – можеби во вид на некој анекс или интерен документ во ОН што нема да биде предмет на одобрување од грчката страна, пренесува Катимерини.