Мнозинство за ратификација на договорот од Преспа постои во грчкиот парламент и јавно е изразен од партијата СИРИЗА, партијата Река и одредени пратеници, рече шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас по средбата со неговиот германски колега Хајко Мас.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, со оглед на тоа што Мас веќе беше во Скопје и разговараше со македонскиот државен врв, договорот од Преспа беше една од темите на денешната средба на министрите за надворешни работи на Грција и Германија, во грчкото МНР. И Мас и Коѕијас говореа за историски договор и историска шанса што ќе придонесе за стабилност во регионот.
– Се надевам дека овој историски договор ќе се имплементира, бидејќи придонесува за пријателството на двата народа и уште поважно е дека придонесува за стабилност во поширокиот регион – порача шефот на германската дипломатија.
Министерот за надворешни работи на Грција го повтори неговиот став дека „историјата треба да биде училиште”, а не затвор и додаде дека „договорот нė извади од затворот”. Шефот на грчката дипломатија изрази надеж дека референдумот кај нас ќе биде успешен, ќе ја има потребната излезност и ги објасни следните чекори предвидени во договорот.
– Се надевам и верувам дека референдумот ќе помине и ќе ја има неопходната излезност, а потоа од страна на идната Северна Македонија ќе треба да се направат низа уставни промени – рече Коѕијас.
Посочи дека овие измени се главно поврзани со иредентизмот и додаде дека „еден голем проблем е и името на црквата, но тоа сега не е тема”.
– Кога ќе заврши сето ова, што требаше да заврши во декември, но како што гледам ќе заврши кон средината или крајот на јануари, тогаш ќе дојде ратификацијата на договорот во грчкиот парламент. Исто така, во грчкиот парламент ќе дојде за ратификација одлуката на НАТО за интеграција на оваа земја во НАТО. Што значи дека ќе имаме две гласања во грчкиот парламент, а по кој ред ќе дојдат ќе одлучи претседателот на парламентот. Мнозинство за ратификација на овој договор постои и е јавно изразена од партијата СИРИЗА, од партијата Река и од многу одредени пратеници, објасни шефот на грчката дипломатија, уште еднаш повторувајќи го ставот дека во грчкиот парламент не е потребно мнозинство партии, туку мнозинство пратеници.
Коѕијас, на прес-конференцијата во грчкото МНР, по средбата со Мас рече дека договорот гледа кон иднината и на Балканот му дава стабилност и безбедност, додавајќи дека по 10-20 години никој нема да ги памти денешните кавги, а „сите ќе сметаат дека се подразбира дека постои земја под името Северна Македонија, во која живеат луѓе кои се самоопределуваат, според нивните демократски права и говорат македонски јазик”.
На новинарско прашање упатено до шефот на германската дипломатија, дали можеби посетите на Скопје на голем број странски лидери може да имаат спротивен ефект, Мас рече дека и тој се прашувал дали посетата на Македонија би била од корист, со оглед на тоа дека земјата ја посетија и други претставници на германскиот државен врв меѓу кои и канцеларката Меркел, но сепак рече дека смета дека ќе има позитивно влијание на референдумот.