Вакцинацијата и почитувањето на новите мерки се клучни за заштитата на јавното здравје, истакна на прес-конференција, Ненад Коциќ – пратеник на СДСМ.
Тој нагласи дека бројот на нови случаи со заразени од Ковид-19 во последните денови забрзано расте, а инфективните оделенија се полнат. Вкупно се аплицирани над 1 милион дози, а ревакцинирани се над 500.000 граѓани од кои само 0.002 проценти се заразиле, што укажува на тоа дека вакцините се безбедни и ефикасни, вели пратеникот од СДСМ.
„Вакцинацијата е клучна за да спречиме натамошно ширење на вирусот. Смртноста демне како опасност само кај невакцинираните. Апелираме и ги повикуваме граѓаните коишто досега не го сториле тоа да одат во најблискиот пункт и да се вакцинираат. Отворени се нови пунктови, има доволно вакцини, исклучително е важно за заштита на сопственото но и на јавното здравје. Секоја вакцина е безбедна. Вакцината ја намалува шансата од заболување од вирусот, спречува тешки форма на болеста и можеби најважно штити од најлошото, смртен исход“, изјави Коциќ.
Како што додаде, исклучително е важно и да се почитуваат и новите мерки оти се нужни за заштита на здрвјето и се применуваат и во други земји.