Пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов ги демантираше обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за вршење притисоци и за нудење поткуп на пратениците, на вечерашната прес-конференција во Собранието.
– Антизападното, антинародното, антимакедонското раководство на ВМРО-ДПМНЕ покажува голема, огромна нервоза и безочно лаже. Најостро ги демантираме изнесените лаги, дека претставници од мнозинството вршеле некаков притисок или пак на било кој пратеник дека му се нудени пари, дека некој им се заканувал, или ги уценувал. За изнесените невистини ќе поднесеме и соодветни тужби пред надлежните органи. Овие огромни лаги, измислени од антинордното и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, во клучни моменти за иднината на државата, ќе мора да ги докажат на суд. Ваквото однесување на Мицкоски и антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ ги помина сите граници – кажа Костадинов.
Тој порача дека лажните обвинувања нема да ја закочат иднината на Македонија во ЕУ и во НАТО.
– Очигледно е дека антизападното раководство не бира средства преку кои ќе се обиде да ја блокира иднината на Македонија и нејзините граѓани. Одовде, од храмот на демократијата уште еднаш им порачуваме дека нема да успеат. Почитувани, ги повикувам колегите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да дејствуваат слободно и да се спротивстават на антизападниот партиски играч Мицкоски и антизападното раководство на партијата. Ниту едно лажно обвинување, ниту една лажна вест на антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја закочи иднината во ЕУ и НАТО – истакна Костадинов.