По последниот терористички напад во Австрија, западните безбедносни служби, аналитичари и медиуми упорно ја истакнуваат тесната врска на напаѓачите со нашата земја, односно со Косово. Но не се само западните безбедносни аналитичари тие што го нагласуваат нашиот регион како исклучително погоден за „регрутација и инкубација“ на млади, за нивна индоктринација во исламски фундаментализам и милитаризам…
Предупредувања дека во регионов се регрутираат млади за меѓународен тероризам
Стравувањата поврзани со опасностите од тероризмот никако да се симнат од агендата на говорите на светските државници. Овие состојби добија интензитет особено по неодамнешната серија терористички напади во Ница, Париз и во Виена. Како што е познато, по последниот напад западните безбедносни служби и медиуми постојано ја истакнуваат тесната врска на напаѓачите со нашата земја, односно со Косово.
Но не се само западните безбедносни аналитичари тие што го нагласуваат нашиот регион како исклучително погоден за „регрутација и инкубација“ на млади, за нивна индоктринација во исламски фундаментализам и милитаризам.
Руските дипломати ја потврдуваат констатацијата на западните колеги за регионов како „расадник на тероризмот“
За обележување е последната констатација на рускиот амбасадор во Обединетите нации, Василиј Небензје, кој изјавил дека „Косово е главниот центар за регрутирање на меѓународниот тероризам“.
Според амбасадорот Небензје, кој инаку важи за близок соработник на претседателот Владимир Путин, Западот многу добро знаел дека Косово е жариште на организиран криминал и терористи и дека претставува голема опасност за регионот, Европа, но и за целиот свет. Рускиот дипломат јавно констатира дека „несомнено многу терористи во моментов се регрутираат на Косово“.
Во правец на намалување на генералните безбедносни закани, Небензје изјавил дека неговата земја се надева и на фер судење во врска со судските процеси против припадниците на ОВК што се водат во меѓународните судови.
– Се надеваме дека Специјалниот суд за злосторства на ОВК ќе спроведе фер судење и дека секој ќе го добие заслуженото, затоа што веќе долго време зборуваме за поранешните функционери на ОВК – подвлекол Небензје.
Од друга страна, претходно слична ваква констатација беше дадена и од портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која напомена дека територијата на Косово се претвора во упориште на тероризмот.
Захарова на брифинг за руските новинари наведе дека од конфликтните зони се враќаат припадници на Исламската држава што претходно биле регрутирани меѓу косовските Албанци и кои поминале низ воена обука.
– Веќе се забележани 250 такви случаи – изјавила Захарова, чија изјава меѓу другото е објавена и на твитер-профилот на руското министерство за надворешни работи.
Воениот конфликт во регионов, мноштвото останато оружје и мигрантската криза се „фиданки на тероризмот“
Домашните и регионалните безбедносни експерти со кои се консултиравме, во своите видувања на настаните во сублимиран заклучок ги делат стравовите на странските дипломати.
Универзитетскиот професор Златко Димовски во својот осврт на настаните вели дека лаконски би било да се одговори со прост одговор дека е точно тоа што го тврдат политичарите кога говорат на темата поврзана со опасностите од радикалниот ислам што за Европа и за светот доаѓаат од регионот.
– Во битката со тероризмот и со неговите закани, соработката на меѓународната и полициската заедница одигрува клучна улога. Во моментов по овие предупредувања треба да се знае дека дефинитивно во поширок контекст постои комуникација меѓу Интерпол, Европол и центрите „Мари“ и „Секи“. Во потесен контекст, пак, верувам дека нашите служби се информирани од косовските за настаните во соседно Косово на оваа тема и за ризиците, а истото тоа за возврат е сторено и за состојбите кај нас со оваа проблематика, за кои се запознаени косовските институции. Верувам дека размената на комуникациите поврзани со тероризмот по нападите е интензивирана и претпоставувам дека е умесно спроведена, бидејќи на тој начин ќе се намалат ризиците што во моментов ги проектираат овие центри.
Натаму, жаришта на ИСИС на Балканов во минатото беа значително онаму каде што имаше воени конфликти, особено во Босна и Косово, каде што радикални припадници на овие организации се населени и оформија семејства. Но со случувањата за време на мигрантската криза што мина низ нашиот простор, бројката на овие луѓе се зголеми еднакво во сите балкански земји, па дури и онаму каде што дотогаш немало вакви луѓе. Во истиот процес на миграција, оние што веќе биле радикализирани од регионот од минатите војни дополнително многу полесно заминаа со своите семејства и потомци да живеат во странство, каде што сега е поголем ризикот да го спроведат насилството – резимира професорот.
Петар Петковиќ, пак, директор на Канцеларијата за Косово и Метохија, во интервју за српските медиуми вели дека само некој што е неодговорен може да негира дека Косово е безбедносен проблем.
– Екстремизмот во Косово и Метохија не беше потиснат во изминатите петнаесет години, но безбедносните предизвици станаа уште покомплицирани со враќањето на радикалните исламисти од Блискиот Исток, тешката социоекономска состојба што влијае на развојот на сите форми на екстремизам, но и нелегалното формирање и опремување на албанските паравоени сили – вели тој.