Владите на повеќе држави во Европа сакаат да бидат информирани за какви било планови за преземање компании од страна на инвеститори што доаѓаат надвор од ЕУ. Имено, голем број фирми станаа лесна цел за инвестициските фондови, затоа што им опадна вредноста поради кризата предизвикана од коронавирусот. Во ЕУ постои и директива што налага контрола на вложувањата што потекнуваат надвор од Унијата
Владите на повеќе држави ја спуштија рампата за влез на странски вложувања
Откако германскиот министер за економија Петер Алтмајер изјави дека неговата влада нема да дозволи германските компании да бидат преземени „од странски мршојадни фондови што ја користат кризата предизвикана од коронавирусот“, уште две големи држави и економии испратија иста или слична порака.
Се работи за Канада, чија Агенција за иновации, наука и економски развој најави дека ќе ги заштити стратегиски важните економски гранки од ризикот што може да го донесат странските вложувања. Во Полска, пак, каде што државната политика веќе долго време е насочена кон заштита на националните интереси, сега е најавена и зголемена контрола на промените во сопственичката структура кога се работи за странски инвеститори.
– Владата сака да биде информирана за какви било планови за преземања на полски компании што доаѓаат надвор од ЕУ. Голем број семејни фирми во Полска станаа лесна цел за инвестициските фондови, затоа што им опадна вредноста поради кризата предизвикана од коронавирусот – изјави министерката за економија и технологија и вицепремиерка Јадвига Емилевич.
Дежурните критичари на полската влада и владејачката партија Закон и правда (ПиС), во изјавата на заменичката на премиерот Матеуш Моравиецки препознаа уште една форма на воспоставување целосна контрола врз полското општество од страна на властодршците. Сепак, притоа не спомнаа дека во овој случај ПиС го следи примерот на најголемата европска економија – Германија, но и на други членки на Унијата (како Франција и Шпанија), кои без многу голема помпа воведоа слични економски мерки.
Во заштитата на својата економија од „непријателско“ преземање, Германија се повика на минатогодишната директива од самата ЕУ, која налага контрола на вложувањата што потекнуваат надвор од Унијата.
Освен пораката на министерот Алтмајер, од Германија пристигна и изјавата дадена од баварскиот премиер Маркус Содер, кој застана на ставот дека треба да се забранат сите преземања на германски компании од страна на странски инвеститори.
Како стратегиски гранки што треба да останат во полска сопственост, тамошната влада ги истакна енергетиката, медицината, фармацијата, транспортот, логистиката, исхраната, обработката на податоци и телекомуникациите.
Полска ѝ даде „инфузија“ на домашната економија во висина од 73 милијарди евра, кои имаат за цел не само да ги ублажат последиците од кризата со ковид-19 туку и да помогнат во зајакнувањето на полските компании, кои се во опасност да станат лесна цел за странските преземања.
Судејќи според изјавите што дојдоа од властите во Канада, таа не е подготвена да се откаже од контрола врз производството и дистрибуцијата на лекови, како и на медицинска опрема. Имаше пораки во јавноста од високи државни официјални лица дека државата мора да го спречи сценариото за преземање на тамошните компании и преселба на дел од нивното производство (или дури и целите бизниси) во други земји.