Од своето отворање до денес, Суецкиот Канал беше и остана една од стратегиските точки чија контрола е неопходна за ефикасно владеење со морските пространства. Неговата краткотрајна блокада го покажа неговото исклучително геополитичко значење и накратко ја најави големата светска битка за контрола врз поморските комуникации, која, без никаков сомнеж, со уште поголема жестина ќе продолжи да се одвива и во 21 век
Анализа
Последиците од еднонеделното затворање на Суецкиот Канал поради заринкувањето само на еден контејнерски брод – кое, според процените на лондонски „Лојд“, предизвика 9 милијарди долари дневна штета за светската економија – јасно укажуваат на значењето на поморскиот транспорт за глобализираната светска економија, но и на исклучителната чувствителност на поморските трговски насоки и т.н. точки за придушување на поморскиот сообраќај, како што е Суецкиот Канал.
Само еден брод ја остави без здив светската економија
Несреќата во Суецкиот Канал на контејнерскиот брод „Евер гивен“, кој плови под панамско знаме и со кој управува тајванската компанија „Евергрин марин“, на момент ја остави без здив светската економија. По ова, може само да замислиме какви би биле последиците од намерно и подолготрајно блокирање на Суецкиот Канал или на некоја друга чувствителна точка на најфреквентните делови на светските поморски комуникации, особено оние меѓу Азија, Блискиот Исток и Европа и Америка, односно меѓу Пацификот и Индиски Океан, сѐ до Атлантски Океан.
Чувствителните точки на поморските комуникации, како што се на пример Малајскиот Теснец, Баб ел Мандеб, теснецот Хормуз и, секако, Суецкиот Канал, Гибралтар, Босфор и Панамскиот Канал, практично го контролираат целокупниот светски поморски транспорт. Со нивна блокада се блокираат и најважните поморски патишта на светската трговија.
Оттука, тие претставуваат стратегиски точки, за чија контрола со векови се водат долги битки помеѓу светските поморски сили, додека рапидниот раст на учеството на поморскиот транспорт во вкупната светска трговија ја гарантира нивната важност и во 21 век. Со оглед на тоа што не може да се оствари ефикасна физичка контрола над огромните поморски пространства низ кои се протегаат поморските комуникациски линии, секој што сака да си обезбеди сигурни поморски патишта, всушност, мора да се бори за контрола на стратегиските точки – како што е Суецкиот Канал – преку кои може да се контролира проодноста на поморските комуникации. Токму затоа, паниката што настана поради краткотрајниот сообраќаен прекин во водите на Суецкиот Канал навести продолжение на долгата битка за контрола на поморските трговски патишта и нивните стратегиски точки.
Забрзано засилување и обновување на поморските флоти
И овој настан, којзнае по кој пат во историјата, го потврдува значењето на контролата на поморските комуникации, па во овој контекст сосема е јасно зошто секој актер во меѓународните односи што сака да има глобално влијание мора да ја развива својата поморска моќ и, во нејзини рамки, компонентата на воената флота. Светските „играчи“ едноставно мора да бидат способни да ги заштитат поморските комуникации, од кои, во помала или поголема мера, многу зависат. Затоа Кина со неверојатна брзина гради нова флота за отворено море, а Велика Британија и нејзините партнери од т.н. англосфера – Австралија и Нов Зеланд – забрзано ги обновуваат воените флоти, додека Велика Британија го најавува своето големо враќање на светските мориња. Поради истите причини, Русија не сака да го напушти Крим, од чиишто пристанишни и ремонтни постројки зависи нејзината (таму лоцирана) Црноморска флота. САД исто така најавуваат квантитативно зајакнување на својата воена морнарица, за обезбедување проекција на американските геополитички и економски интереси низ светот, пред сѐ во водите на Атлантикот и во индопацифичкиот регион. Сходно на ова, контролата врз светските мориња останува и во 21 век голем приоритет за сите светски сили. Инаку, поради забрзаниот развој на поморскиот транспорт и сѐ поголемото искористување на подморските енергетски богатства, 21 век веќе е наречен „поморски“. Во практика, се реафирмира стратегиската визија на американскиот адмирал и геостратег Алфред Тајер Махан за владеењето со светските мориња, изнесена во неговото најзначајно дело, книгата „Влијанието на морската моќ врз историјата, 1660-1783“, издадена во далечната 1890 година.
Имено, Махан тврдеше дека оној што го контролира морето, го контролира целиот свет. Во последниве неколку децении, вечната битка за контрола на морињата и поморските комуникации низ светот станува сѐ пожестока. Како што предвидоа Махан и неговите соработници, тие се крвоток на светската економија, низ кој протекуваат суровини, горива и производи
Атлантикот, Индиски Океан и Пацификот се областите околу кои се вкрстуваат интересите на најмоќните глобални сили и каде што никој досега нема стекнато целосна доминација, а клучните позиции се сепак во рацете на моќната поморска сила САД и нејзините сојузници. Вашингтон има насушна потреба од новата британска присутност на овие поморски маршрути, за да може да ја зацврсти својата позиција и успешно да им парира на кинеските и европските интереси, особено на оние во индопацифичкиот регион. Така, на почетокот на 2019 година, во говорот одржан на трибината на институтот „Ројал јунајтид срвисис“ (аналитички центар со фокус на одбранбени и безбедносни прашања), изнесувајќи ја визијата наречена „Глобална Велика Британија“, британскиот министер за одбрана Гевин Вилијамсон укажа на потребата за трајно британско воено присуство на Карибите, во Азија и на Пацификот.
Имено, Лондон започна да ја реализира големата програма за трансфер на воени сили на теренот на Блискиот Исток, како и за јакнење на своите воени позиции во Азија, преку реафирмација на старите воени сојузи со Австралија, Нов Зеланд и поранешните колонии, Малезија и Сингапур. Нивниот, со текот на времето, занемарен одбранбен сојуз „Пет аранжмани за моќна одбрана“ (ФПДА), кој го формираа врз база на повеќе унилатерални воени спогодби, сега, под директно влијание на Лондон и Австралија, повторно се „буди“. Сево ова временски се совпаѓа со процесите што ги иницира брегзит, така што постојат доволно индикатори врз чија основа британското напуштање на ЕУ и аспирациите за зајакнување на блискоисточните и азископацифичките позиции може да се набљудуваат од аспект на заемна релација. Главниот стожер на новиот британски поход за присуство на овие морски простори е секако Австралија, која (никако случајно) по почетокот на британските напори за враќање на влијанието на споменатите локации почна со масовна реконструкција на својата воена морнарица и почна амбициозна програма за изградба на нови прекуокеански воени бродови, приспособени да функционираат на голема оддалеченост од матичните бази.
На крајот на јануари во 2018 година, австралискиот премиер Малколм Турнбал отворено изјави: „Не ја развивавме доволно воената индустрија, особено поморските сили. Мора да ја поправиме таа грешка“. Доказ за реафирмацијата и зајакнувањето на врските во рамките на ФПДА претставува и Белата книга за состојбата и проектираниот развој на одбранбените способности на Нов Зеланд, издадена во јуни 2016 година, во која експлицитно се вели дека „Нов Зеланд, како долгогодишен член на ФПДА, заедно со другите сојузници, вклучувајќи ги и Велика Британија и Австралија, во случај на воена закана за Малезија или Сингапур, би бил целосно подготвен да ги исполни своите обврски, кои би биле поставени од страна на сојузот и конкретната ситуација“.
Новото бојно поле во поголемиот дел е поморско
Се разбира, британската агенда за ширење на дипломатската и воената моќ кон Блискиот Исток и Азија е во целосен склад со американската политика, на која ѝ одговара зголемената активност на Лондон, особено доколку британските поморски сили – кои моментално се наоѓаат во фаза на обемна реконструкција и нова изградба – го „потпрат“ американскиот геополитички настап и овозможат полесно американско фокусирање на Пацификот – средишната точка на конфликтот со Кина.
Ова ново бојно поле во поголемиот дел е поморско, па, така, вклучувањето на Велика Британија – како традиционална поморска сила со упоришта на пространствата на Индиски Океан и Пацификот – е од клучно значење за американската и сојузничка стратегија.
Од друга страна, Кина, претворајќи ги островите во Јужно Кинеско Море во воени бази, создаде одбранбено поморско подрачје, кое треба да послужи како оперативна основа за активностите на кинеската воена морнарица, која, пак, во последниве неколку децении од крајбрежна морнарица прерасна во флота за отворено море. Нејзиното подрачје на дејствување е во водите на Пацификот, Индиски Океан, Црвено Море и преку Суецкиот Канал кон Медитеранот, каде што се протега поморската компонента на новиот кинески Пат на свилата. Кинеската програма, позната и под името „Појас и пат“, во март 2015 година беше усвоена од кинескиот парламент, станувајќи така стратегиски документ на кинеската надворешна политика. Таа се состои од две компоненти – копнениот Економскиот појас на патот на свилата (СРЕБ) и поморскиот Маритиме пат на свилата (МСР). Копнениот пат на свилата би се протегал преку Пацификот и Индиски Океан, опфаќајќи ги Персиски Залив, Црвено Море, Суецкиот Канал и Медитеранот, завршувајќи на северниот дел од Јадранско Море – Риека и Венеција – кои би биле центри за понатамошна трговија кон внатрешноста на Европа. Планот на Кина е на крајот да создаде огромен трговски коридор што би ги поврзувал Азија, Европа и Африка, опфаќајќи популација од над четири милијарди луѓе.
Целта на концентрацијата на американските, британските и сојузничките воени сили и флоти во Индиски Океан, Пацификот, Црвено Море и Персиски Залив е контрола на поморските комуникациски линии и точките на придушување на поморскиот сообраќај – Малајскиот Теснец, Хормуз, Баб ел Мандеб, Суецкиот Канал и Гибралтар, низ кои се протега кинескиот Пат на свилата. По текот на истите поморски патишта, само во спротивна насока, се простираат насоките на геоекономската и геополитичката моќ на ЕУ и Германија, како нејзина најголема сила.
Главен интерес на Унијата во Индиски Океан и Пацификот е непречен и безбеден транспорт на нејзината стока и стоката што ја увезува. Како важен актер во глобалната трговија, Европската Унија се потпира на поморските комуникациски линии во Индиски Океан, кои мора да бидат безбедни за транспорт на стоки наменети за увоз и извоз од ЕУ. Со своето позиционирање на поморските патишта во Индиски и Тихи Океан, британските, американските и сојузничките поморски сили би имале можност да ги блокираат трговските патишта на ЕУ и нејзините најмоќни држави кон Блискиот Исток и Азија, а истовремено и да ги загрозат поморските патишта на големата кинеска стратегија – Патот на свилата.
Повеќе од очигледно е дека контролата врз светските мориња останува приоритет на глобалните сили, а адмиралот Махан би бил одушевен кога би можел да види дека неговата стратегиска визија за владеење со светските мориња во целост се остварува. Неговата геополитичка процена за важноста на поморската моќ денес е еднакво актуелна како и во дамнешната 1890 година, кога беше објавена. Според Махан, не постои глобална сила што не располага со поморска моќ и способност за контрола врз поморските трговски патишта. За него, светските мориња претставуваат огромни трговски патишта, кои, исто како и оние копнените, мора да бидат соодветно заштитени. Наместо утврдени пунктови и логистички центри на копнените трговски патишта, работата на поморската комуникација мора да ја „завршат“ воените морнарици, додека на чувствителните точки, какви што се теснеците, кои всушност служат како утврдени точки на копнените маршрути, поморските сили мора да обезбедат контрола со дополнителна употреба на копнени сили, сопствени или сојузнички.
Како се бранат стратегиските поморски точки
Факт е дека Суецкиот Канал го контролира моќната египетска војска – близок сојузник на САД, Велика Британија и сојузничките сили. Опремена со софистицирано оружје и воена опрема од западно потекло, таа го штити Суецкиот Канал со сили еквивалентни на десетина американски дивизии. Стратегиски важните теснеци Босфор и Дарданели, кои го контролираат пристапот до Црно Море, се наоѓаат во рацете на Турција, силна членка на НАТО.
Од друга страна, на Велика Британија не ѝ паѓа напамет да се откаже од непосредната физичка контрола над теснецот Гибралтар, лоциран помеѓу Европа и Африка, кој ги поврзува Атлантски Океан и Средоземно Море.
Адмиралот Алфред Махан – исто како и британскиот геополитичар сер Халфорд Мекиндер, според кого, наспроти мислењето на Махан, светот го контролира оној што има контрола над средишното светско копно (Хартленд) – беше далеку пред своето време, а што е најважно – беше во право. Историјата покажа дека сите доминантни светски империи во текот на последниве 200 години биле поморски сили. Така, Велика Британија го обезбедуваше своето огромно колонијално царство со помош на своите поморски сили, а САД, како наследници на тронот на доминантна светска суперсила, ги следат нејзините чекори. Може да се каже дека ни Мекиндер не згреши, едноставно бидејќи ниту еден од копнените евроазиски „моќници“ – пред сѐ, благодарение на дејствувањето на американските и британските поморски сили – не успеа да оствари контрола над средишното светско копно и на тој начин да обезбеди светска доминација. Таа остана во рацете на оние што ги контролираат светските мориња, а тоа се поморските сили.
Адмиралот Махан ја истакнуваше клучната улога на стратегиските точки, како што е токму Суецкиот Канал, за функционирањето на поморските комуникации. Тој тврдеше дека, за да се има контрола над поморските комуникации, не е потребно целосно „покривање“ на светските океани од страна на воените морнарици, што, во основа претставува една невозможна мисија. Според него, доволно е ефикасно да се контролираат само стратегиските точки на поморските патишта. Махан укажува дека поморските линии имаат свои клучни локации, како што се теснеците и одредени пристаништа, а главна задача на поморската моќ не е ништо друго, освен да ги држи под контрола овие клучни позиции. Според негово мислење, тоа се постигнува со отворање поморски бази и обезбедување пристапни поморски патишта за воените морнарици, а сѐ со цел да се обезбедат стабилни и безбедни трговски правци. На тој начин, со помош на поморската трговија и контролата врз поморските патишта, вели Махан, создадени се сите големи европски империи – Португалија, Шпанија, Холандија и, на крајот, најмоќната од сите нив – британската колонијална империја, која целосно се базираше врз британската поморска моќ. Британската Империја беше првата глобална хегемониска океанска моќ, која директно владееше со дури една четвртина од тогашната светска популација. Нејзината поморска моќ беше доволно голема да ги одбрани британските интереси каде било во светот. Статусот на доминантна светска суперсила Велика Британија го изгуби до средината на 20 век, а на нејзино место дојдоа САД, кои, токму како што се залагаше и предвиде Махан, станаа најголемата глобална поморска сила. Во суштина, доминантната улога во светската политика САД и денеска ја обезбедуваат по пат на контрола врз светските мориња, поморските комуникациски патишта и маргиналните делови на централното светско копно на Евроазија или Римленд, како што го нарече геостратегот Николас Спајкман.
Светот е презависен од поморските комуникации
Речиси 80 отсто од светската трговија се одвива преку поморски патишта, па, оттука, секој застој на поморските комуникациски линии и стратегиски поморски точки, како што се Суецкиот Канал и другите теснеци, без оглед дали се работи за воени дејства, воени закани, пиратски напади или хаварии како оваа последнава со контејнерскиот брод „Евер гивен“, предизвикуваат економски штети што се мерат во милијарди долари.
Кратката блокада во водите на Суецкиот Канал покажа колку светот е зависен од поморски комуникации и практично демонстрира колку овие комуникации се чувствителни и колку е лесно да се блокираат. Од таа причина, стратегиските точки на поморските комуникации мора да ги контролира секој што сака да владее со светската трговија.
Главни конкуренти за улогата на контролор на поморските комуникации се најголемите светски сили, кои, следејќи ја геополитичката логика, влегуваат во сѐ пожесток натпревар.
Марио Стефанов „Геополитика“