Ризиците по здравјето, реално, се многу високи. Настрана токсоинфекциите со спомнатите бактерии. Тука уште поголема опасност постои од мувлите. Труењето со нив може да предизвика и смрт. Во некои мувли има алкалоиди што се токсични, но кои дејствуваат и врз централниот нервен систем. Всушност, се работи за таканаречени соединенија микотоксини, вели проф. Даниловски
ОПАСНИ ТРЕНДОВИ ЗА ПРИВЛЕКУВАЊЕ ВНИМАНИЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ
Oд сите бизарни и опасни трендови со кои целта е да се привлече внимание на социјалните мрежи, трендот познат како јадење „хај месо“ е можеби најгрубиот и највознемирувачки тренд на сите времиња. Трендот налага луѓето да остават месото прво да скапува неколку месеци, па и една година, а потоа да го јадат. Така, откако ќе изедат од распаднатото и скапано месо, луѓето добиваат чувство на еуфоричност. Едни го јадат поради наводните ефекти што ги има врз умот, други затоа што наводно претпочитале вкус на расипано месо.
Имено, како што објавуваат од своите истражувања медиуми од регионот, главно млади лица оставаат парче необработено термички месо, неколку недели или месеци, а го консумираат кога на него ќе се појави мувла и слуз и кога бојата ќе се промени во сиво-кафена. Тие тврдат дека од тоа стануваат „хај“ и дека тоа е подобра опција за разлика од други опијати
Проф. д-р Драган Даниловски од Медицинскиот факултет, кој е професор по епидемиологија и кој ги познава експертски одделните главни фактори што влијаат на доброто здравје, меѓу кои најважно место има исхраната, оценува дека овој тренд е декаденција. Ова, според него, има врска со тешка ментална девијација. Како што вели, расипано сурово месо најверојатно јадат деца што веќе биле консументи на психоактивни супстанци, а тоа, според него, автоматски значи дека тие веќе имаат ментални растројства и изменета перцепција за сопствените сетила.
– Ризиците по здравјето, реално, се многу високи. Настрана токсоинфекции со спомнатите бактерии. Тука уште поголема опасност постои од мувлите. Труењето со нив може да предизвика и смрт. Во некои мувли има алкалоиди што се токсични, но кои дејствуваат и врз централниот нервен систем. Всушност, се работи за таканаречени соединенија микотоксини. Но симптомите се повеќе во смисла на вртоглавица, зашеметеност, губење концентрација, главоболка, кашлање, тремор, осетливост на светлина, конфузност, дезориентација, анксиозност, промени на расположението, а физички симптоми се болка во абдоменот, пролив, болки и вкочанетост на зглобовите, ексцесивно уринирање, силна жед – објаснува професор Даниловски.
Тој потенцира дека сосема друга работа е таканареченото, суво зреење на месо, најчесто говедско.
– Тоа е деликатес. Во тој процес се остава месото во фрижидер и до шест месеци, ама со минимална влага внатре во фрижидерот. Откако ќе се извади, површината на месото е дехидрирана и дури мувлосана. Таа се отстранува целосно со нож и останува јадрото, месо што е мошне дехидрирано, но нескапано. Со зреењето се распаѓаат мускулните влакна и месото станува меко како пилешки стек. Тоа е практично процес на „контролирано скапување“. Но се фрла ако се претера и месото почне да станува лигаво и размекнато и зелено. Јас лично практикувам понекогаш такво нешто. И кај нас се продава такво месо и е многу е поскапо од обичното – додава професорот.
Но ова што го прават младите со тотално скапување на месото, оценува тој, е грозно.
– Тие можеби чуле нешто за суво зреено месо, ама не разбрале докрај, па отишле во екстрем. Инаку, постои и влажно зреење на месото. Ама и тоа не е ни оддалеку слично со тоа што го практикуваат децата – потенцира Даниловски.